Неколку древни сведоштва за Александар Македонски (2)

Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

Древното знаење на Александар

„Човекот што копнее за знаење поради самото знаење секогаш е над оној што стекнува знаење поради некој практичен ефект“. Затоа и Александар во писмото до Аристотел говори дека повеќе би сакал да се одликува со знаење наместо со власт.

Александар и Аристандар

Уште од мали нозе Александар бил предизвикуван од натприродното. Врачот Аристандар го водел во храмот каде што го учел за другиот свет. Го научил да ги изговара имињата на божествата онака како што тоа го правеле свештениците, со нагласок што ја активирал нивната моќ. Го учел и за принесувањето жртви, па така Александар научил да ги чита знаците од пророкувањето со жртвуваните животни уште пред да научи добро да ги чита текстовите од книгите. Уште како дете, со сериозен глас ги изговарал волшебните зборови чии вибрации потсетувале на звуците што се слушале кога свештеникот бил во храмот. Во својата десетта година Аристандар научил да го разликува говорењето од дејствувањето…

Александар Македонски и Евреите

Уште пред да стигне во Ерусалим, еврејските свештеници имале пророштво дека ќе се појави. Старите записи велат дека, кога пристигнал, му се поклонил на првосвештеникот, а тој му ги дал најсветите книги. Александар Македонски во Ерусалим е претставен на многу уметнички дела. Општопознато е дека одреден период на сите машки и женски деца во Израел им биле давани имињата Александар и Александра.

Кога Александар Македонски се спуштал под вода

Пред многу години Роџер Бејкон (Doctor Mirabilis) запишал за начините на кои човекот може безбедно да се спушта под вода. Во Тетратките на Леонардо да Винчи е опишан неговиот костим за нуркање, кој како и другите изуми на Леонардо бил многу инвентивен за времето во кое живеел. Но, дали луѓето успевале да нуркаат и многу поодамна? Аристотел во „Problemata“ ни раскажал една од многуте приказни за Александар Македонски. За време на опсадата на Тир, тој наредил нуркачите да ги уништат сите подводни одбранбени механизми на градот. Според легендата, самиот Александар се спуштал под вода во стаклено ѕвоно за да ги набљудува операциите. Во „Alexandria“ се споменува сличен податок, дека Александар нуркал во многу убаво направено буре, кое целосно било изработено од бело стакло… Уште еден извор за нуркањето на Александар Македонски е оној од 1886 година, од Франција, каде што е запишано дека уште на 11-годишна возраст Александар се спуштал под вода во стаклено ѕвоно. Ова ретко се споменува во денешните написи за Александар Македонски, но во средниот век било претставено во многу книги и уметнички дела.

Александар и бесмртната вода

Цар Александар сакал да оди кај изворот на бесмртната вода. Од таму никој дотогаш не се вратил, затоа што се патувало три дни по ноќна темница, во која луѓето заскитувале и не можеле да се вратат во бел ден. Цар Александар со себе зел кобили и ждребиња и тргнал кон изворот. Во темнината ја врзал кобилата, па на растојание на кое може да се слушне глас врзал ждребе, потаму кобила, потоа ждребе, и така подалеку додека стигнал до бесмртната вода, која извирала меѓу две планини што се отворале и затворале. Тој набрзина нацрпил едно шише и по гласовите на кобилите и ждребињата што ’ржеле, го погодил патот и се вратил на бел ден. Шишето го оставил на прозорецот за да се напие утредента, кога било недела, и ѝ нарачал на сестра си да го варди, да не случајно се истури бесмртната вода. Сестра му не била внимателна и го скршила шишето. Кога цар Александар разбрал за тоа, страшно се налутил, а сестра му за да избега од неговиот бес, се фрлила во море и се престорила во делфин, кој кога ќе го чуе Александровото име, се крие во морските длабини. До ден-денес кога паробродите минуваат оттаму, се плашат да не ги преврти делфинот, па морнарите на сет глас викаат: Жив е цар Александар! Така ја плашат сестра му на Александар и таа бега од нив, а паробродите безбедно заминуваат.

Според записот во Зборникот на браќата Миладиновци

М-р Никола Ристевски

продолжува

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)