Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгите од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
М-р Никола Ристевски
Веруваме дека живееме во современ свет. Време кога ни се „олеснети“ многу нешта, кога техниката и човечките изуми ни „помагаат“ за полесен и поудобен живот. Општеството е многу променето, особено во периодот по Втората светска војна. По мрачните воени години, во втората половина на минатиот век човекот успеа да отиде надвор од планетава, да патува со авион, да ги истражува небесните тела со присуство врз нив. Луѓето што живеат на нашата планета се со неколкупати поголем број отколку пред шеесетина години, а технологијата секоја година ни открива дека човекот веќе изумил што му треба, но го пушта за широка употреба кога одредени кругови на моќ сметаат дека е потребно тоа. Користиме машини што нè поврзуваат и овозможуваат трансфер на информации и нивно примање во истата секунда кога се испратени. Околу нас се создаде некаква „модерна“ опкруженост, која со својата умешност секој ден нè потсетува дека е тука за да „ни е полесно“. Се ориентираме според часовникот, имаме аларми што нè будат, преку интернет-мрежата имаме пристап до книги што никогаш не би ги нашле во некоја од околните библиотеки, можеме да вршиме примопредавање на информации со огромна брзина, голем процент од популацијата е соблазнет од сите светилки, реклами, вештачки изуми… и тоа не е случај само во Големото Јаболко или некоја од поранешните кралски престолнини, туку и во повеќето мали гратчиња – дури и во нашата Македонија. И, пак, веруваме дека сме успешни бидејќи имаме пристап до сите овие „олеснувачи“ на нашето живеење, бидејќи имаме светилки во ноќта, автомобили да нè префрлат побрзо до работа, телефони за контакт, и често знаеме да ја оправдаме целата таа технологија со она старинското – полесно е, барем за ситуации „не дај ноже“ ни се наоѓаат сите овие изуми на современиот човек. А живееме во постојан притисок, па современиот олеснет свет личи на некаков хаос каде што нештата се движат со брзина на светлината. Штета што под светлина денес повеќето подразбираат светилки, светлечки билборд, халогенки…
Додека телефоните не престануваат да ни ѕвонат во периодот кога порано беше времето за ручек, се сеќаваме дека нашите баби и дедовци во истиот период од денот не беа вознемирувани од никого – дека тоа беше време за одмор. Навечер, пак, бидејќи ни е овозможено да ни свети и во ноќта, можеме и да работиме, најчесто сме будни до по полноќ – а бабите и дедовците кога биле на наши години, тоа време веќе биле заспани. Целиот овој т.н. современ начин на живот може да се набљудува од различни точки на перцепција, но кога добиваме научни информации за космичката свест од пред само две генерации на луѓе, стануваме свесни дека и покрај тоа што ги немале сите удобни изуми – предците можеле да живеат, работат и создаваат со висок степен на организираност. Немале ни часовници, но знаеле кога треба да сеат и жнеат, знаеле кога ќе се раздени и кога ќе се стемни – информацијата ја добивале непосредно, од самото небо. Сепак, тогаш ги немале сите денешни светлини како препрека во комуникацијата со небесниот свод. Небото било поблиску, знаеја да речат старите… И покрај негодувањата – сепак понекогаш митот знае да открие повеќе од самата историја. Историјата ја пишуваат победниците, а митовите ги пренесува самиот народ. Генетскиот код на родот се активира по потреба, кога живата генерација се наоѓа во околина што негува вредности што немаат ништо општо со вистинската натура на човечката душа…
Денес, во првата година од третата деценија на она што го нарекуваме 21 век, многумина од генерациите што живеат на планетата Земја имаат можност да ја слушнат временската прогноза на радио, да прочитаат за тоа какви ќе бидат временските услови во весници, да видат како дуваат ветриштата и кога доаѓаат облаци на телевизија, да се информираат за прогнозите на метеоролозите преку интернет, дури и да проверат каква е температурата во моментот преку паметните уреди, кои со интернет-мрежата веќе станаа нераскинлив дел од секојдневието на поголемиот дел од општествата на планетата Земја. Достапноста на информациите навидум го олеснува „модерниот“ начин на живот и остава време за други, „поважни работи“. До пред само две генерации, многу од домаќинствата во Македонија немале термометар, ниту пак услови да се информираат за временската прогноза. И покрај удобноста на големата интернет-мрежа и леснотијата за управување со паметните уреди, многу често се поставува прашањето кој кого управува- дали луѓето ги „командаат“ паметните уреди или се случува сосема обратен процес. „Привилегијата“ да користиме телефони, таблети и компјутери и „олеснувањето на животот“ со достапноста на интернет-мрежата привлекоа многу погледи кон светлечките монитори и екрани и истовремено оттргнаа многу очи од убавината на небесниот свод.
Старите знаеја да речат дека „порано небото било поблиску“. Човечката цивилизација има генетски код што ја обожава светлината што дава живот. Од дамнешни времиња, па до ден-денес, луѓето го обожаваат сонцето и се насладуваат на неговиот отсјај од месечината. Светлечките реклами, големите екрани и билбордите во поголемите населени места се новите светла на 21 век, а мониторите, екраните и телевизорите се „прозорците“ преку кои голем број од жителите на оваа планета го поимаат животот. Она што е природно стана застарено, а вештачкото веќе е „новото нормално“.
Светлината на животворното сонце многу често е неподнослива за многумина, а месечевата светлина и сјајот на ѕвездите на многу места стануваат невидлива поради загадениот воздух, кој го оневозможува погледот кон небесниот свод.
Во секојдневието на народот уште постојат зачувани начини за прогнозирање на временските услови, кои се предаваат од колено на колено. Традиционалната народна метеорологија е запишана и во далечниот 19 век, кој воодушевува со својата храброст, интелект и свест. Препознавањето на природните циклуси е причина за старинските броења „од Ѓурѓовден до Митровден“ и обратно. Временските периоди кога се празнуваат Ѓурѓовден и Митровден, заедно со Макавеите, се најчесто среќавани маркери во народната (етно) метеорологија…
продолжува
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)