Потпишување на Преспанскиот договор во 2018 година го смени и карактерот на спомените од животот на Македонците што останале во Грција и на оние од Македонија / Фото: „Нова Македонија“

Автор на фељтонот е д-р Петре Наковски, родум од селото Крчишта, Костурско, егејскиот дел на Македонија, роден на 17.7.1937 – романсиер и преведувач од полски јазик, публицист и дипломат. Тој бил прв македонски амбасадор во Полска. Десет години бил новинар во весникот „Нова Македонија“. Докторирал на Институтот за политички науки на Вроцлавскиот универзитет во Полска. Автор е на голем број прилози од прозната белетристика и публицистиката во периодиката. Автор е и на мемоарско-социолошкиот труд „Македонските деца во Полска“. Прозата му се одликува со сурова фактографија за трагедијата на Македонците во текот на Граѓанската војна од 1946 до 1949 г. во Грција и со смисла за градба на впечатливи ликови, носители на возбудливи животни приказни. Библиографија: „Постела за чемерните“ (1985), „И каменот е земја“ (1988), „Големата удолница“ (2003), „Големата измама“ (2007), „На пат со времето“ (2010). Добитник е на наградите: „Златно перо“, Награда на полските автори и полските одликувања: „Златен медал за заслуги за полската култура“ и „Златен орден на командоријата“

СИМБОЛИКАТА НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР (ПРЕСПАНСКИ БОЛЕШТИНИ) (1)

Денес е 14 август 2023 година. Зора е. Сивото утро го развејуваат сончевите зраци, кои израстуваат од зад врвот на планината Цуце, дел од возвишениот Пелистер. Од балконот ги гледам првите зраци, кои ги разбудуваат Галицата и ридовите отаде границата. Сончевата светлина полека се спушта прудолу, ја осветлува издолжената карпа на Нивици и се постелува на синото стакло на Преспанско Езеро. Така е сега. Така не беше на 14 август 1949 година. Тој ден од кај планината Бела Вода одеднаш, како орли долетаа авиони и Преспа ја опсипуваа со оган. Сѐ гореше и небото беше ниско за да го прими чадот од напалм-бомбите. Гореше Преспа и заедно со неа гореа преспанци, костурчани, леринчани и борците на ДАГ. Во оган и пламен течеше последниот ден од големата и крвава битка на Граѓанската војна. На денешен ден пред толку и толку години, гореше Преспа.
За тој ден и за деновите пред него и по него многу е кажувано и пишувано, најчесто во зависност од актуелните, утрешните и подалечните потреби и цели. Ретко се зборува и пишува за вистината така, каква што не треба да биде заборавена. Меѓутоа пишувачи аматери од рекла-казала изнапишаа тони хартија со непроверени настани. Во нив најмногу има омраза, закана и повик за одмазда. Тешки зборови, кои лесно ги издржува и највалканата хартија. Зборови што сеат делби, зборови што осакатуваат души, зборови што убиваат надежи.
Пред седумдесет и пет години, како утре, 15 август, за последен пат во Преспа биеја камбаните. Се славеше големиот христијански празник Голема Богородица. Денес камбаните бијат само во Нивици. А некогаш нивичани и остатокот од преспанци заедно го славеа големиот празник.
Голема Богородица е заштитник на Нивици и на цела Преспа. И на моето село. Тој ден во моето село доаѓале гости од Косинец, Лобаница, Д’мбени, Смрдеш, В’мбел, Долно Папратско. Сите радосно, по богослужбата во црквата што го носи името „Света Богородица“, свечено облечени го славеа големиот празник со песни и ора костурски и со звуците на кларинетот на Дуро од Ошени, гарнетите, зурлите и тапанот на неговите синови.
Потоа?
Потоа почна граѓанската и камбаните не биеја за венчавки, свадби, роденден денови, крштевања. Се огласуваа само повремено, прекинато биеја трипати, чекаа звуците надалеку да се разлеат и потоа одново трипати, краток молк и пак само за миг прекинуваа и одново трипати биеја. Така ја пренесуваа тешката болка дека некој некаде загина и дека во некоја куќа останаа жена вдовица, деца сираци, мајка без ќерка или син…
Денес во моето село нема кој да ја удри камбаната, нема кој на Света Богородица, на Христос Спасителот и пред сите светци да запали свеќа за да имаат душите малку светлина, да се помоли и да се поклони над затревената земја под која лежат тие, кои загинаа во планините на Македонија и на тие, кои никогаш нема да се вратат од туѓината…
Денес, од самоти утро сум под бремето на овој спомен и многу сум тажен…
Денешното утро, гледајќи ги од балконот синилото на езерото и небото, зеленилото на шумите распослани по околните ридови и планини во чиј венец лежат двете преспански езера, со болка се навраќам на последните денови од Граѓанската војна. Како утре, пред седумдесет и пет години, утрото на 10 август 1949 година, пред добро да изгрее сонцето, борбените авиони од аеродромите во Јанина, Кожани, Костур, Лерин и Солун ги пеплосаа рововите и бункерите на ветувањето и на надежта наречена „На Вичо непријателот нема да помине“. Помина и во јуриш тргна владината војска потпомогната со тенкови, борни коли, стотици топови и минофрлачи. Бранителите и напаѓачите еден против десет. Најопасните позиции ги бранеа борци инвалиди, кои засекогаш останаа во оганот и во пепелта на бункерите и рововите.
Тие страотии и ужаси не сум ги доживеал, но духовно и со целата свест ги чувствувам и ги доживувам како сопствена неисцелена рана и непрестајна болка.
Поминаа години, ама не згасна споменот, кој е чемерен дел од нашето големо човечко, национално и македонско страдање. За тие денови моите познавања ги збогати и книгата „Историја на Граѓанската војна“, која пред десетина години ми ја подари мојот лерински познаник.

Во неа со знаење и макотрпен труд, авторот те внесува во виорот на ужасот и не те остава рамнодушно и ноќта да ја поминеш со мирен сон. Грозоморот ќе те следи до зори и денот ќе ти биде отслик на пекол.
На 533 страница пишува дека на рамниот простор на Мало Преспанско Езеро и на целиот пат од Превалот до Р’би и Пероо-Кулата, па сѐ до селото Нивици, на 13 и 14 август 1949 година грчкото воено воздухопловство фрли 34 бомби тешки 250 кг, 530 бомби тешки 125 кг, 1.900 бомби тешки 10 кг, 620 ракети, 26.000 гранати, 43.000 митралески куршуми и 70 напалм-бомби, во тоа време најужасното и најубиствено оружје. Беа фрлани од американски и англиски авиони врз слабо вооружените, но необично храбри борци на Демократската армија на Грција во чии редови од вкупниот број 25.000, се бореа 14.000 Македонци, момчиња и девојки на возраст од 16 до 25 години, мал дел доброволци, а најголемиот број насилно мобилизирани. Заедно со соборците Грци и тие во најголемиот број, како и Македонците, селски момчиња и девојки. Пеколот на Грамос траеше 70 денонoќија. Епопеја на издржливост, јунаштво, храброст, борбеност и вера и измама. Што бранеа пред стоилјадната владина војска добро вооружена од Соединетите Американски Држави и придружена со американски и англиски воени советници? Бранеа ридови, планини и карпи и гинеа на карпите и зад карпите. Една година по крвавата битка за Грамос и по крвавите и неуспешните битки за Негуш, Воден и Лерин, пусија фатија во ридовите и планините на реонот викан Вичо, каде што по наредба на Политбирото на КПГ и Главниот штаб на ДАГ беше фрлена паролата „На Вичо непријателот нема да помине“ и целокупното цивилно население, од сите села на реонот Вичо и од Преспа, независно од возраста го мобилизираа да копа ровови и да гради бункери. Само ноќе. Беа убедувани дека непријателот на Вичо нема да помине. Го чекаа непријателот и го дочекаа…
Тоа железо и напалмот прво беше применето на Грамос во битката што траеше седумдесет деноноќија зад пусти чуки, ридови и карпи над кои, освен илјадниците топовски и минофрлачки гранати, авионски бомби и небројните митралески и автоматски куршуми, авионите на кралското воздухопловство исфрлуваа буриња наполнети со запалива смеса во која гореа и луѓе и земја. Така, од 14 јуни до 20 август 1948 година гореше и се бранеше Грамос каде што изгина цутот на македонската и на грчката младост.
Во книгата авторот не наведува колку гранати и куршуми фрлија топовите, минофрлачите, тенковите, пушките, автоматите, митралезите. Површината на тој простор не е поголема од десетина квадратни километри. Малку или многу железо падна на тој простор врз осакатените единици на ДАГ и големиот број цивилно население, кое во невидена паника иташе кон Пероо-Кулата за да најде спас на полуостровот што го нарекоа Африка? Авторот бележи дека 80 отсто од тие што се повлекуваа по овој отворен простор беа убиени. Не, тоа не беше боиште. Тоа беше кланица. Малку или многу беше количината на фрленото железо и олово, малку или многу се загинатите чии коски лежат во масовните гробници на просторот меѓу Раби и мостот Пероо-Кулата, во песоците и трските меѓу Големо и Мало Преспанско Езеро? Таму не гинеа Егејци, таму гинеа Македонци, а на тие што успеале да останат живи им беше пресуден чемерен егзодус.

Еден од најубавите предели на Македонија на денешен ден, 14 август 1949 година, го гореше оган.
А пред тоа во Нивици, во селската црква, на 25 март 1949 година се одржа Вториот конгрес на НОФ со учество на 700 делегати од кои повеќето беа борци на ДАГ, генералниот секретар на КПГ свечено ги пофали и подмолно ги измами:
„Во Северна Грција, македонскиот (славо-македонскиот) народ даде сѐ за борбата и се бори со сеопшт хероизам и самопожртвуваност со што предизвикува восхит. Не треба да постои никакво сомнение дека како резултат на победата на ДАГ и народната револуција, македонскиот народ целосно ќе се здобие со национално возобновување така, како што самиот тоа го сака и за да го добие, денес ја жртвува својата крв“.
Сите простум. Силни, долготрајни ракоплескања, извици на победоносни пароли, гласови на благодарност, како одговор за ветеното. А покрај сето ова еден друг глас поинаку прозвучи од конгресната говорница.

(продолжува)