Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“ во ноември 1998 година

Во оваа публикација се изнесени само најзначајните релевантни податоци и сознанија за уништувањето, разграбувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство (ракописно, археолошко, етнолошко, сакрално) и оваа книга беше првиот обид во кој интегрално беше третиран проблемот со уништувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство на Македонија. Ваквиот преглед на фактографски податоци и сознанија можеби никогаш не ќе може да биде сеопфатен, затоа што за многу разграбувања и уништувања не се зачувани податоци или, пак, податоците за тоа се прикриваат во земјите од каде што потекнуваат извршителите или во чие име се извршени тие нецивилизациски постапки. Но овој преглед е обид да се даде одговор на прашањата: како и од кого е уништувано, како е разграбувано, каде е носено и каде се наоѓа денес македонското движно културно наследство, односно кои значајни артефакти од македонската територија во кои музеи, библиотеки и колекции се чуваат денес во светот.

…Многу повеќе стари македонски ракописи има во Русија, Бугарија или во Србија отколку во Македонија. Во минатото ракописите не биле само систематски уништувани, туку и систематски собирани и носени надвор од Македонија. Еден од најголемите и први собирачи низ македонската земја бил рускиот научник Виктор Григорович, кој во првата половина на 19 век однел многу ракописи во својата земја, а само во Државната библиотека во Москва денес има дури 47 ракописи од неговата „оставина“, кои потекнуваат од 12 до 14 век.
Во Државната библиотека во Москва, меѓу другите, се чува Марииното евангелие – глаголски споменик од 10-11 век, но само поголемиот дел (171 л.) од ракописот (вториот дел се наоѓа во националната библиотека во Виена). Во Државната библиотека во Москва се чуваат и неколку македонски ракописи од 12 и од 13 век: Охридскиот апостол со 112 пергаментни листа, кој ѝ припаѓа на Охридската книжевна школа (земен од В. Григорович од охридската соборна црква во 1845 година), Григоровичевиот паримејник (најстар препис на словенскиот превод на паримејникот, пишуван во 12 век, но нецелосно зачуван – само со 104 пергаментни листа), Струмичкиот октоих (со 84 пергаментни листа), сите од 12 век и Бојанското евангелие (со 109 пергаментни листа) од 12-13 век, Григоровичевиот псалтир (169 пергаментни листа), од 13 век, пронајден од Григорович во светогорскиот манастир „Филотеј“…
В. Григорович, покрај продадените и подарените, имал и своја богата колекција со словенски и македонски ракописи, кои по неговата смрт (1876 година) му припаднале на Румјанцевскиот музеј во Москва, кој во 1924 година се претворил во Државна библиотека „В. И. Ленин“. Се смета дека од збирката на Григорович во оваа московска библиотека се наоѓаат 60 ракописи, од кои 13 се од 13 век, но тој оставил македонски збирки со ракописи и во други руски библиотеки и музеи. Меѓутоа, освен ракописите што ги оставил Григорович, во Државната библиотека во Москва има и други македонски ракописи и, според податоците со кои располага македонската наука, нивниот број изнесува повеќе од 130(!).

Во Државниот историски музеј во Москва има 55 македонски ракописи, од кои позначајни (поради својата старост) се: посен и цветен триод (188 пергаментни листа), шестоднев (82 пергаментни листа), Хлудовиот македонски паремејник (171 пергамент), Хлудовиот псалтир (154 пергаментни листа), Карпинското евангелие и апостол (со 313 пергаментни листа) – сите од 13 век, Македонското евангелие од Наров, едно четвороевангелие (240 пергаментни листа), апостол (94 пергаментни листа), теофологиј (149 пергаментни листа), пролог (104), евангелие и апостол (207) и теофологиј (184 пергаментни листа), сите од 14 век.
Во Државната библиотека „С. Шчедрин“ во Санкт Петербург се наоѓа најстарото зачувано евангелие од Македонија. Тоа е Зографското евангелие, кое потекнува од крајот на 10 или од почетокот на 11 век и е напишано со глаголско писмо, односно од вкупно 303 листа, 228 се со глаголско, а другите со кирилско писмо. Во неа, исто така, се чува македонски кирилски лист од 10 век (пронајден од Гиљфердинг во средината на деветнаесеттиот век) и се смета за најстар македонски ракопис со едноеров правопис.
Во оваа библиотека се чува и Добромировото евангелие од 12 век, односно еден дел од него со 183 пергаментни листа, додека, пак, другиот дел со 23 листа е во синајскиот манастир „Света Катерина“. Во санктпетербуршката библиотека се чуваат и Шафариковиот триод и фрагмент од цветен триод од Слепче (на пергамент), двата од 12 век, Погодинскиот псалтир (278 пергаментни листа), Орбелскиот македонски триод (241 пергаментен лист), Дечанскиот македонски псалтир (201), посен и цветен македонски триод (157), евангелски читања (183), Стаматовото четвороевангелие (183), Дечанското евангелие (208), Радомировиот псалтир од Зографскиот манастир на Света Гора (фрагмент), пет листа и три исечоци од листови од Евангелие според Матеј – сите од 13 век, зборник од три ракописи (требник, слова и поученија, апокрифи – со 119 листа) од 12-13 век, Поученија на Ефрем Сирин, две четвороевангелија, службен минеј (225 пергаментни листа), октоих (179 пергаментни листа) и уште неколку десетици ракописи што потекнуваат од Македонија од 14 век, или вкупно дури 131 ракопис(!). Од нив 71 ракопис на библиотеката ѝ се продадени од Стефан Верковиќ.
Во библиотеката на Академијата на науките во Санкт Петербург има фрагменти од повеќе ракописи (пред сè триоди) од 13 век, а во 1905 година само од оставината на собирачот – славистот П. А. Сирку оваа академија откупила 84 ракописи од Македонија.

Македонски ракописи има и во Академијата на науките во Киев, а во Државната библиотека „Максим Горки“ во Одеса, исто така, има значајна збирка на Виктор Григорович, каде што, меѓу другото, има и два листа од Охридското евангелие (или охридски глаголски листови) од 11 век, пронајдени од В. Григорович во Охрид, и зборник од 1456 година. Во истата библиотека во Одеса се чува и кирилски фрагмент од 10-11 век, односно два пергаментни листа, наречени Хилендарски ливчиња, а кои во 1844 година во Хилендарскиот манастир ги пронашол В. Григорович.
Во Народниот музеј во Прага (во збирката на Шафарик), пак, се чува т.н. Шафариков македонски апостол – или познат и како струмички. Тој е од 13 век, со 91 пергаментен лист, а посебно е интересен за јазично проучување.
Во Јагелонската библиотека во Краков, меѓу другото, има и шест ракописи од манастирот „Свети Димитрија“ во Прилеп, од каде што во 1863 година ги однел Полјакот Рудолф Гутовски, кој како лекар престојувал во Македонија.
Македонски ракописи се чуваат и на Казанскиот универзитет и на Казанската духовна академија, но можат да се сретнат и во библиотеките и музеите и во несловенските земји.
Во Ватиканската библиотека, на пример, се чува Асемановото евангелие, кое претставува најубав зачуван македонски ракописен споменик, напишан на глаголица во почетокот на 11 век и има 158 пергаментни листа. Се смета за најстар словенски ракопис, а е пронајден во 1736 година, во Ерусалим.
Во Болоњската универзитетска библиотека се чува Болоњскиот псалтир од 13 век (264 пергаментни листа), кој е интересен за текстуални, палеографски, јазични и орнаментолошки проучувања, а го проучувале многу познати светски слависти.
Македонски ракописи има и во Државната библиотека во Минхен, во Музејот на уметноста во Букурешт, во Британскиот музеј во Лондон (каде што се чува и биста на старогрчкиот поет Есхил, пронајдена во Хераклеја), во Истанбул, Виена и во други европски градови.

(Нове Цветаноски: „Разнесено наследство“, 2006)

(Продолжува)