Грбот на Македонија од „Стематографија“ од Христофор Жефаровиќ, прв пат објавена во Виена во 1741.

Повод: 271 година од смртта на Христофор Жефаровиќ

Неполн век по неговата смрт, под влијание на националните идеологии за кои требало да се најде легитимитет, балканските историографии почнале да претаат по „славното“ минато и да се впуштаат во определување на етничката – или поскоро националната – припадност на Христифор Жефаровиќ. Ќе ги разгледаме деталите на мала историска ирационалност, но не со побивање на посочениве тврдења – зашто тие и по самата своја природа не можат да издржат методолошка критика – туку ќе се обидеме да се осврнеме и да ги посочиме идентитетските ознаки на луѓето од тоа време, како во османлиска Македонија така и надвор од неа. На овој начин ќе ја потцртаме апсурдноста на обидите да се определи етничкиот идентитет на Христофор Жефаровиќ во денешна смисла на зборот, како и залудноста на едностраните романтични потраги по идентитетски ознаки за предметниот период

Автори: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев и проф. д-р Војислав Саракински

Станува повеќе од јасно дека прашањето за посведочените идентитетски ознаки на Христофор Жефаровиќ претставува сложен методолошки проблем што не може (и не треба) да се разгледува еднострано, врз основа на нецелосни и селективни информации, кои се извлечени од нивниот природен контекст.

Флуидност на етничките ознаки и норми на самоопределувањето од времето на Жефаровиќ

Во својата „Стематографија“, која му ја посветува на патријархот Арсение Шести Јовановиќ Шакабента, Жефаровиќ се определува како иллирiко рассiанскiи общïй зографъ. Но „иллирiко рассiанскiи“ („илирско-рашки“?) не може да биде валиден етноним; ваквата самоопределба на Жефаровиќ, од наше гледиште, поскоро има идеолошка и професионална суштина, одошто е ознака за некаква етничка определба. Сепак, ова веројатно послужило како појдовна основа за наводната српска припадност на Жефаровиќ, на која подоцна ѝ се придодаваат и други непроверени податоци. Од друга страна, како појдовна основа за наводната бугарска припадност на Жефаровиќ се зема една одломка од пофалната песна за него, која ја составил Павле Ненадовиќ, секретарот, а подоцна и митрополит на Карловачката митрополија. Откако најпрвин ќе го нарече Жефаровиќ „иллирiко рассiанскiи общïй зографъ“, Ненадовиќ го опишува и како „ревнитель отчества Болгарскаго и любитель царства Иллирiческаго“, без да го земе предвид фактот дека самиот Жефаровиќ ја користи синтагмата „отечество сербско наше“, со што се заокружува целата збрка.

Во поткрепа на тезата за наводната бугарска етничка припадност на Жефаровиќ, особено се користи едно „завештание“ што му се припишува; ова обично се прави со селективно користење на податоците од една куса библиографска белешка со наслов „Къ бiографiи Христофора Жефаровича“. Во неа се обработуваат неколкуте документи од Предметот заведен под № 326 во архивот на Светиот синод, со наслов: „1754 година, на седмиот ден на септември. Според извештајот на Колегиумот за надворешни работи, а во врска со личните предмети на бугарскиот свештеник Зефарович [sic], оставени во Москва под заштита на синодалниот чувар на сакристијата“. При сѐ што во оформениот предмет Жефаровиќ е означен како „бугарски свештеник“, во наведените податоци од завештанието, кое било напишано на грчки јазик, нема ниту еден елемент што алудира на каква и да е етничка самоопределба на завештателот. Во интерес на вистината, треба да се потцрта дека, врз основа на документацијата во посочениов предмет, авторот на оваа библиографска белешка педантно ја прибележал народноста на секој еден учесник во оставинската постапка – освен на Жефаровиќ.

Понатаму, во извештајот на Колегиумот за надворешни работи до Светиот синод се цитира писмо на грофот Кајзерлинг – во тоа време специјален руски претставник во Виена – кој го определува Жефаровиќ како „свештеник од грчка вероисповед“; но, грчкиот трговец Евстратија Хаџиев Јурјев, кој се појавува како заинтересирана страна во оставинската постапка, го нарекува Жефаровиќ „бугаринот Христофор Зефиров“. Според еден акт од 27 февруари 1756 на Московската синодална канцеларија, која всушност ја спроведувала оставинската постапка, некојси „Иван Петров, припадник на бугарската нација“ (на друго место именуван како „бугаринот Иван Петров“, б.н.), дошол со полномоштво од Виена во Москва за да ја заврши постапката и да ги преземе личните предмети на Жефаровиќ.

Расеаните и нецелосни податоци што произлегуваат од оставинската постапка на Жефаровиќ се полни со противречности, нешто што го забележува и самиот автор на библиографската белешка. Во тој контекст се јавува и прашањето за внукот од сестра Даниил Зефарович, кој во завештанието бил определен за наследник под старателство. Во согласност со традицијата, спомнатиов Даниил, како внук од сестра, не би требало да носи исто презиме со вујко си; понатаму, можно е ова да е истиот Даниил Зефарович што во 1782 станал австриски поданик, а во 1791 со посебна диплома бил примен во редот на пониското австриско благородништво, со белешка дека е потомок на „стар грчки род“.

Како и да е, завештанието на Жефаровиќ не содржи ексклузивни податоци за неговата етничка припадност и самоопределба; определницата дека е Бугарин му е припишана од грчкиот трговец со мошне негрчко име, Евстратија Хаџиев Јурјев, а оттаму влегла и во насловот на самиот оставински предмет. Најпосле и неколку цртички за влашката и за македонската припадност на Христофор Жефаровиќ. Подробната анализа на изворниот материјал не дава никаква поткрепа за да се претпостави влашка припадност – која некои автори ја земаат за неспорен факт – освен тоа што Жефаровиќ се служел со грчкиот јазик. Иронично, пак, Жефаровиќ за првпат е определен како Македонец во IV том на „Narodna enciklopedija srpsko-hrvatsko-slovenačka“, во една типична описна енциклопедиска одредница напишана од Ст. Станојевиќ, кој ниту наведува извори, ниту пак поодблизу го објаснува ваквото решение.

Современата историографија не е способна објективно да ја определи етничката припадност на Жефаровиќ

При самиот крај на нашиов приказ на многуте народности на Христофор Жефаровиќ, може да се вообличат три главни заклучоци. Прво, засега, и сѐ дури не излезе на виделина подобар и понедвосмислен изворен материјал, современата историографија не е способна објективно да ја определи етничката припадност на Христофор Жефаровиќ во современа смисла. Второ, спорно е и дали воопшто може да се дојде до такво решение, зашто во сите наши извори е очигледна впечатливата флуидност на етничките ознаки и норми на самоопределувањето од времето на Жефаровиќ, нешто што е безмалку непоимливо во услови на денешните политички струења. И најважно, од методолошка гледна точка, случајот на етничката припадност и самоопределувањето на Христофор Жефаровиќ не може да се дефинира поинаку, освен како ангажирање на минатото за градење современи национални идеологии. Така, еден културен деец од османлиска Македонија и приврзаник на општоилирската/јужнословенската идеја, кој со својата „Стематографија“ имал значајно влијание врз романтичарскиот занес кај јужнословенските народи кон средината на 18 век, преку историјата и книжевноста стана инструмент на националните идеологии на современите балкански држави.

крај