Медно гумно, медно капиште, меден ток, змејско поле – Овче Поле (втор дел)

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Руските научници уточниле дека капишта се места на кои древниот род ја славел вишата сила. Биле правени во квадратна, правоаголна, округла или елипсовидна форма, со два концентрични рова наоколу, со улога за заштита од „надворешните и лоши сили“, а во внатрешниот круг се поставувал кипот, жртвеникот или се вцртувала руната, која соодветствувала на силата што била славена. Поголемите храмови и светилишта, освен ровови, имале и заштитни земјени насипи, понекогаш дури и бедеми. Биле градени на начин преку кој би отсликувале слика на небото на денот кога се славело, со поставеност според четирите страни на светот. Димензиите им се различни во зависност од локацијата (постојат низ цела Евроазија) и времето во кое се правени. Врз многу од нив се градени цркви и теќиња, што потврдува за светоста на локациите каде што се наоѓаат. Некои се импресивни, со размери што надминуваат 100 на 50 метри ширина и должина и 50 метри висина. Старите руски кургани и англиските „barrows“ несомнено наликуваат на многу наши локалитети во периодот од раниот неолит, преку антиката, ранохристијанството и средниот век. Тумбите што ги гледаме низ цела Македонија кријат градови, храмови, гробови, светилишта – свети места, на кои древниот народ ја почитувал големата сила на создавањето. Затоа и нивниот изглед одговара на страните на светот и големата вселена, а во средината каде што се извршувал ритуалот, во дадениот момент на денот поминувала космичката оска.
„Капиштата погански се од сребро и злато, уста имат, но не говорат“.
Гумното на кое играат самовилите, гумното каде што слетува змејот за да си земе девојка, гумното каде што детето змеј заспива, а неговиот дух оди во етерот да се бори со ламјата, гумното на кое змејот се бори со ламјата, гумното каде што детето се запознава со змејот, гумното каде што умира ламјата, каде што паѓа за последно големата злобна змија, гумното на кое е ослепен свирачот, медното – бакарно гумно, и тоа како ни припомнува за вечната мудрост, древното рударство и познавањето на обработката на благородните метали, светата наука – алхемија. Митолошката поделба на змејови и ламји како чувари на бериќетот и пакосници кај Македонците е одраз на знаењето со кое нашите древни предци ја надминувале дуалноста. Преданијата, митовите, легендите, песните, танците, приказните и сите тие богатства на нашиот мит и бит ни овозможуваат барем за миг да ѕирнеме како било „таму и некогаш“, за разлика од „тука и сега“. Живеењето во согласност со природата и нејзините непишани правила на постоењето е уметност што во ерите на „еволуција“ се изгуби од она што го разбираме како човештво. Долговечноста доаѓала како последица на здравиот начин на живот, исхрана, здравите мисли и чувства што се негувале кај Македонците, како и поради способноста за обновување на животната сила преку древното знаење за правилата на универзумот.

Фото: Принтскрин

Во Овче Поле постои една тумба, за која археолозите велат дека била „обичен воен ров“, и покрај определувањето на подземни комори преку напредните археоакустични истражувања на научниот тим на „Супер брејн рисрч груп“ (Super Brain Research Group). Пренебрегнувајќи ги и народните песни, преданија и митови, како и научните истражувања од последните двесте години низ светот, забораваат дека Овчеполието е древен регион каде што поминале многу војски и освојувачи, но се задржал исконскиот бит на првичноста на создавањето. Можеби затоа многумина од нив неофицијално велат дека „тумбата била многу голема за да соодветствува на нешто од четвртиот век пред нашата ера“, заборавајќи за огромните „кургани“ во Русија и „тумули“ што ги градел Александар во чест на најхрабрите воини. Дури и картушите во Египет се опкружени со елипса што го обиколува кажаното во нив. Оние кургани и капишта во кои се пронајдени гробови, а имаат елипсовидна долгнавеста форма и се поставени север – југ, при што се „магиски заштитени“ со два рова, покажуваат дека има ходник во кој се влегува во предворјето, а по него постојат неколку простории, некаде изградени и на различен начин и поставени на различни висини под земјениот насип, додека телото на големиот владетел, воин или жрец е поставено во главната одаја, со нозете на исток, а главата на запад.
Привлекувајќи го вниманието на научната јавност преку претставување на овој рид како геоглиф (сосема легитимно, гео – земја, глиф – знак) си ја заврши работата, и по шест години работа за ова свето место и мистичното Овче Поле, дојде времето да се обзнани дека такви древни, „пагански“ храмови постојат во Овче Поле и има огромни индиции таканаречениот геоглиф да е еден од нив. Во прилог на ова одат и добиените резултати од „Супер брејн рисрч груп“, и покрај одбивањето од македонските институции за завршување на истражувањето преку софистициран георадар. Постоењето на градби од земјени насипи со две елипси наоколу, со приближно исти димензии како геоглифот во Овче Поле, поставени по должина од север кон југ, со заштитен насип за ходникот, кој води во предворјето на одаите, се забележува на повеќе места, како во Европа така и во Азија. За волја на вистината, најголемиот број од нив се градени или во времето пред „паганите да бидат покрстени“ или во четвртиот век пред нашата ера или во некое дамнешно време, за кое денешното човештво едвај има право и да помисли, камоли да го истражува, проучи, научи, разбере, примени..
„За тоа не пишува ниту во една книга, тоа се бабини деветини и стари мудрости…“

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси
и културно наследство)