Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одреден момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Токму од вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите што понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое своевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ги откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање
Духовното и јазичното богатство во творештвото на македонските народни поетеси (10)
Народното творештво е одраз на погледите и егзистирањето на народните маси на одреден простор, на нивните сфаќања за животот и смртта, за природата, политичките услови, односно на нивното секојдневие. Преку пренесувањето, односно посредништвото, усното творештво станувало народно, колективно. Оттаму, народната книжевност се однесува на целокупното народно творештво (народните песни, игри, обичаи, верувања, традиции), т.е. „за сите остварувања и дела кои настанале во изворната народна средина“. Што се однесува, пак, до прашањето како еден народ, кој во тоа време бил без услови за образование на мајчин јазик, успеал да создаде „такви совршени литературни форми на кои можат да им позавидат и најголемите мајстори на литературата“, одговорот го наоѓаме во талентот на поединецот и искуството на колективот.
Богатото македонско народно творештво честопати останува затскриено за анонимните пејачи и раскажувачи, за кои собирачите на народните умотворби не оставиле никакви податоци. За оние народни пејачки за кои сепак постојат одредени записи можеме да ги реконструираме нивните животни патеки. Најчесто тие се интерпретаторки на народни умотворби, односно „поетеси“, како што ги нарекува Гане Тодоровски, што се наоѓале во блискиот круг на собирачите и запишувачите на македонското фолклорно богатство, како браќата Миладиновци, Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Антон Поп Стоилов, Панајот Ѓиноски, како и Арсени Костенцев, Ѓошо Бојаџиев, Серафим Бојанов, Наум Тахов итн.
Случајот со Македонија покажува дека благодарение на романтизмот, навевот на европскиот слободарски дух, на сесловенските идеи и на обидот да се зачува народниот македонски дух, на овие простори започнале преродбенско-просветителските процеси, кои кулминирале со објавување на повеќе зборници со македонски народни умотворби. Главниот мотив за собирачката дејност на која се нафатиле браќата Миладиновци, Марко Цепенков, Кузман Шапкарев и другите македонски фолклористи бил да се зачува народниот дух од напливот на современите влијанија што доаѓале од Западна Европа, но и да се зачуваат народноста, народниот јазик, културата и традицијата од силното грчко влијание, за што пишува и Марко Цепенков во својата „Автобиографија“. Во разговорот што го имале Димитрија Миладинов, Марко Цепенков и неговиот татко Коста, на Миладинов му било поставено прашањето зошто ги собира песните и другите фолклорни материјали. Тој одговорил: „Слушај ваму, ќир Коста, лели ме прашаш за оштo ‘и збирам овие работи, ама ете ти земјата и небото ако прогоориш некому, од тие што ‘и знаиш ти (за Власите), оти ќе ме предаат на орело. Овие песни и друзи детинсќи работи што ‘и збирам, ќе печалам да ‘и типосам за да останат да се пеат некоаш, коа ќе нема ваквие работи, чунќи овие проклети Грци ќе нè погрчат и друго чаре не бидуат. Еве прво јас кај сум се погрчил од немајкаде“.
Македонското народно творештво долго време останало затскриено зад превезот на неоткриените европски предели на османлиската држава и мистиката на ориентализмот. Во еден извештај упатен до великиот кнез, рускиот принц Александар Александрович, собирачот Стефан Верковиќ посведочува дека Македонија изобилувала со „стари споменици“, кои биле од непроценлива важност не само за словенството туку и за човештвото воопшто. Понатаму, тој додава дека најскапоцениот споменик: „тоа е традицијата народна, од најстари предисториски времиња, која по волја на Промислата, се зачувала не на пергамент или на камен, туку во усните преданија, произлезени од татко на син, од поколение на поколение, имено во народните песни“.
И Миладиновци и Кузман Шапкарев сметале дека богатството на народното творештво во Македонија е неисцрпно, „а особено во селата и во помалите градови е изворот не само на песните, но и на секаков вид народни умотворби, приказни, н.п. (народни песни – б.м.), пословици, гатанки, игри, обичаи, суеверија и др., кои вкупно го оцртуваат нашиот народен бит и живот…“. Истовремено, поттикнат од Миладиновци, Шапкарев сметал дека најдобрите примери од народното творештво можел да ги слушне и запише од женските пејачки и раскажувачки. И други собирачи сметале дека е подобро песните да бидат слушани од жени. На пример во една препорака на С. Божов е наведено дека песните и приказните „најдобро е да се запишуваат по селата и да се земаат од жени. По селата, бидејќи по градовите, месниот изговор, помалку или повеќе е измешан. Од жени, бидејќи мажите кои патуваат вдолж и попреку, го мешаат месниот изговор“.
Зошто тоа било така? Веќе одговоривме на прашањето: македонските фолклористи биле согласни дека фолклорните материјали собрани од жени се поавтентични поради чистотата, односно неконтаминираноста на нивниот јазик. За разлика од нив, мажите, кои почесто патувале, биле поподложни на туѓи јазични влијанија. Исто така, клучно било запишаните материјали правилно да ја одразуваат јазичната состојба на подрачјето од каде што потекнувале нивните извори. Најголемо влијание од странските јазици врз македонскиот фолклор се забележува во народните приказни, а најмало, речиси незначително, кај народната лирика. Во прозата силно се чувствуваат турското и грчкото, но и српското и бугарското влијание. За разлика од расказите, песните многу поретко и многу помалку биле подложни на влијанија од страна, поради јасно диференцираниот начин на пеење што се пренесувал со генерации.
Македонскиот фолклор познава голем број пејачки што со своите интерпретаторски можности го овековечиле своето име со повеќе песни. Ќе наведеме само сосема мал дел од нив: Дафина од Просеник, Дапа Каваева, Дафа Цепенкова, Арса Стрезова, Митра Ристова, Цвета Мазнеова, Ѓурѓа Котева, Божана Трпанова, Параскева Сирлешчова, Илинка Везенковска итн. Бидејќи индивидуалноста во пеењето е карактеристика на секоја пејачка, во оценувањето на уметничките квалитети на песната и во вметнувањето на авторското во неа, тие користеле епитети, метафори и други стилски фигури, имале смисла за епско раскажување, можеле да го претстават имагинарното и сите тие вметнувале нешто свое. Тие ги менувале постарите лирски песни, создавајќи нови варијанти, „а во случаи на исклучителна даровитост и потполно нови, и сопствени, уметнички творби“. Во зависност од нивната умешност, песната повеќе или помалку станувала позната и популарна. На тој начин, во веќе постојните песни тие внесувале свој авторски влог, а во други случаи, под превезот на анонимноста, се јавувале и како создавачи на нови народни умотворби.
Заклучокот е јасен: народните пејачки се поетеси во вистинска смисла на зборот. А најважно е што тие биле чувари на традицијата, на историјата и на убавиот македонски јазик со сите негови дијалекти.
Славчо Ковилоски
крај