Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“ во ноември 1998 година
Нове Цветаноски: Разнесено наследство (2)
Во оваа публикација се изнесени само најзначајните релевантни податоци и сознанија за уништувањето, разграбувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство (ракописно, археолошко, етнолошко, сакрално) и оваа книга беше првиот обид во кој интегрално беше третиран проблемот со уништувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство на Македонија. Ваквиот преглед на фактографски податоци и сознанија можеби никогаш не ќе може да биде сеопфатен, затоа што за многу разграбувања и уништувања не се зачувани податоци или, пак, податоците за тоа се прикриваат во земјите од каде што потекнуваат извршителите или во чие име се извршени тие нецивилизациски постапки. Но овој преглед е обид да се даде одговор на прашањата: како и од кого е уништувано, како е разграбувано, каде е носено и каде се наоѓа денес македонското движно културно наследство, односно кои значајни артефакти од македонската територија во кои музеи, библиотеки и колекции се чуваат денес во светот.
Во деветнаесеттиот и во минатиот век на македонското културно наследство му е нанесена вистинска катастрофа: безмилосно е уништувано, разграбувано и разнесувано. Особено е настрадано движното наследство, во кое спаѓаат и старите македонски ракописи. Бидејќи ракописното наследство најмногу се чувало во сакралните објекти, пустошот врз него првин го вршеле свештеници што им припаѓале на црквите на соседните народи, а од средината на 19 век, па до Втората светска војна, кога и се развива славистиката во светот, ракописите се плански и со намера собирани и изнесувани од Македонија. Па така, денес, кога во Република Македонија има сосема малку од нив, голем дел од зачуваните се наоѓа во Белград, Загреб, Москва, Одеса, Санкт Петербург, Софија, Пловдив, Краков, Истанбул, Ватикан, Болоња, Минхен, Париз, Лондон и во други европски градови. Македонските археографи и проучувачи на ракописното и книжното наследство имаат направено евиденција и краток опис на околу седумстотини ракописи што се наоѓаат во библиотеките и во музеите низ Европа.
Старите ракописи и книги што ги собирале намерниците, какви што биле Стефан Верковиќ, Виктор Григорович, Антун Михановиќ и други, се чуваат пред сè во библиотеки и во музеи. Меѓутоа, оние што се наоѓаат во балканските христијански земји, особено во некои тамошни манастири, не им се многу достапни на македонските проучувачи, па дури се непознати и воопшто за славистичката наука. Тие најчесто се прикриваат или, пак, доколку некогаш биле изложувани, не се споменувало нивното потекло, а некои ракописи од постариот период се прикажуваат во збирките како српски, бугарски или руски, иако потекнуваат од Македонија.
Света Гора, која се наоѓа на етногеографската територија на Македонија, е најголемиот духовен центар на источната христијанска црква, кој отсекогаш бил затворен за надворешниот свет. И покрај затвореноста и присвојувачкиот однос спрема ракописите и другите вредни предмети од Македонија, има основани сознанија дека во светогорските манастири денес има голем број вредни македонски ракописи и други предмети. Ваквото тврдење се заснова и на фактот што во историјата на Света Гора е содржана и македонска духовна, просветителска и културна традиција.
Што се крие под таинствениот превез на Света Гора?
И што е, всушност, Света Гора?
Света Гора е значаен духовен, но и културно-историски книжевен центар на источната православна црква. Се наоѓа на најисточниот дел на Халкидик, во егејскиот дел на Македонија. Во 10 век и подоцна, на Светогорскиот Полуостров се изградени 20 манастири и повеќе придружни скитови и монашки ќелии. Меѓу другото, во овој духовен центар со векови се одвивала богата книжевна активност, а во манастирите биле формирани богати библиотеки во кои се чувале стари ракописи од големо значење за културната историја на балканските народи. Во минатото светогорските манастири неколкупати биле напаѓани, а некои палени, при што бил уништуван и библиотечниот фонд, но најмногу, односно илјадници ракописи од Света Гора се однесени во 19 век. И покрај тоа, денес во овие манастири се чуваат повеќе од 10 илјади ракописи и стари книги, од кои повеќе од илјада се словенски. Најмногу словенски ракописи се чуваат во Хилендарскиот и во Зографскиот манастир – во првиот, кој е под владение на српски монаси, има повеќе од 800, а во Зографскиот, кој прво бил во владение на македонски, а потоа преземен од бугарски монаси, се чуваат повеќе од триста средновековни ракописи. Но словенски ракописи има и во другите светогорски манастири: Ивер, „Свети Пантелејмон“, „Свети Павле“, Велика Лавра, „Свети Атанасиј“ и други.
Инаку, од зачуваното македонско ракописно наследство, напишано на глаголско писмо, има само осум ракописи и четири фрагменти, кои не се наоѓаат во Македонија, туку во странски библиотеки и музеи. Меѓутоа, има податоци и основани претпоставки дека сè уште постојат глаголски ракописи, и тоа на таинствената Света Гора? Со почетокот на 21 век почна и делумното отворање на Света Гора, па останува времето да покаже дали ќе се случат такви изненадувања за зачувани глаголски сведоштва.
Света Гора е постара и од глаголското писмо и од многу други цивилизациски пресврти, но присуството на глаголицата таму е евидентирано уште во времето на Свети Климент. Освен тоа, историските извори покажуваат дека Зографскиот манастир во оваа монашка република го основале тројца браќа монаси од Охрид кон крајот на 9 или во почетокот на 10 век. Неколкупати бил разурнуван и пален, што пак значи дека страдале и црковните и уметничките вредности што се наоѓале во него. Тој и денес претставува вистински трезор на уметнички, историски и црковни предмети: иконостаси, стари икони, фрески, владички круни, златни предмети, скапи црковни одежди и друго. Од тие вредности денес најмногу податоци се познати за старите ракописи, од кои еден дел се разнесени и денес се наоѓаат низ Европа. Најпознати ракописи се Зографското евангелие и Зографските листови од 10 век. Во манастирската библиотека и денес се чуваат голем број стари ракописи, од кои еден дел се од македонско потекло, какви што се: Драгановиот минеј од 13 век, најстарото житие на Свети Наум Охридски, ракописи од Јован Кратовски и други.
Света Гора денес е посебен, затворен свет, а Зографскиот манастир е уште повеќе закатанчен. Имено, како што пишува еден од малкутемина македонски мажи (на жените отсекогаш им е забранет пристапот) што последниве децении успеале да го посетат манастирот – д-р Симон Дракул во монографијата за својот предок лазарополчанецот Анатолиј Зографски, клучовите од катанците зад кои е секое наше љубопитство спрема сопствените светогорски реликвијални ризници се наоѓаат најпрвин во рацете на грчката територијална неприкосновеност; потоа стои посебната светогорска внатрешна полициска контрола, па бугарската посвоеност на манастирот, со узурпирано наследно право.
Ваквата таинственост, но и сознанијата за постоењето на некои стари македонски ракописи на Света Гора, укажува д-р Дракул, уште повеќе го зголемуваат љубопитството за македонското културно богатство. А какви се сознанијата што говорат за пишаното наследство што се чува на овој свет полуостров?
Постојат многу основани сознанија дека на Света Гора се чува вредно македонско ракописно наследство, но и други црковни и уметнички предмети со културно-историска вредност. Навистина, какви ли тајни за македонското ракописно и културно наследство крие Света Гора?
Во деветнаесеттиот век само неколкумина љубопитници и истражувачи на книжното богатство имале среќа да го посетат Атон. Меѓу првите е Хрватот Антун Михановиќ, како австриски конзул во Солун, потоа руските научници Виктор Григорович и Г. Илински.
Во четириесеттите години на деветнаесеттиот век Хрватот Антун Михановиќ бил австриски конзул во Солун. Освен конзулската, имал уште една работа што ја вршел со страст – собирал стари македонски ракописи и за таа цел крстосувал низ Македонија, а ги посетил и манастирите на Света Гора. Тој е првиот плански собирач на стари ракописи низ македонската земја, а за него, меѓу другото, во „Цариградски вестник“ Јордан Хаџи Константинов-Џинот запишал дека во 1842 година само од Лесновскиот манастир зел три товари ракописи. Откако ги зел, некој ги подучил кратовчани да си ги земат назад и му се пожалиле на пашата во Скопје. Сепак, Михановиќ успеал да задржи кај себе 17 ракописи, а другите не биле вратени во Лесновскиот манастир, туку биле растурени ваму-таму во Скопје.
Григорович на Света Гора престојувал од септември 1844 до 1 јануари 1885 година, најмногу во Зографскиот манастир и кај Анатолиј Зографски. Токму тој е еден од најдобрите познавачи и информатори за богатството на светогорските манастири. Тој наведува дека имало 13.000 книги и уште 2.800 ракописи, од кои 455 словенски. Тој информира дека најмногу од словенските ракописи биле од 14 и 15 век, помалку од 13 век, од кога го датира и Зографското глаголско евангелие. Бидејќи словенската писменост почнува да се шири на македонската територија и бидејќи Света Гора се наоѓа во рамките на етногеографските граници на Македонија, многу е веројатно дека голем дел од тие ракописи е создаден во Македонија. Но, за жал, како и секаде, така и од Света Гора се носени или се уништувани македонските ракописни споменици. Во историските извори се евидентирани неколку такви. Едно од поголемите разнесувања од светогорските библиотеки е во 15 век, кога многу ракописи и книги се однесени во библиотеката во Фиорентина, во 1517 година во Русија, а со помош на Арсениј Суханов во Москва се пренесени дури 700 ракописи. Овие ракописи, пишува д-р Симон Дракул, или биле главно препишувани во ќелиите од овдешните манастири или, пак, биле донесувани од разни монаси, прибирани на Света Гора на постари години.
Но македонските и воопшто словенските ракописи на Света Гора биле уништувани и на друг начин. Григорович во една своја книга пишува дека порано имало повеќе словенски ракописи отколку што наведува тој, но тие гниеле или биле смислено палени. Дури наведува сведоштво од очевидци за палење купишта ракописи, односно дека многу ракописи се пропаднати во манастирските меѓусобици, кога Грците, откако ќе завладееле целосно со некој манастир, ја гореле и ја закопувале в земја целата негова библиотека, така што за неговите поранешни владетели да не остане никаков спомен.
Во секој од светогорските манастири имало јавна, но и тајна библиотека, а се претпоставува дека најбогати со ракописи биле неколку манастири меѓу кои и Зографскиот, и тоа најмногу со словенски ракописи и книги. Григорович пишува дека кога стигнал на Света Гора во Зограф сакал да ги види библиотеките и хрисовулите, а обврската да го запознае со манастирот ја презел Анатолиј Зографски од Лазарополе. Тој му ги покажал глаголскиот ракопис за кој веќе Михановиќ обрнал внимание и петте хрисовули за кои веќе се знаело во Русија. Меѓутоа, наместо манастирската библиотека, Анатолиј Зографски му ја покажал сопствената библиотека на доста удобно место, но сè уште докрај недоизвадена од пакетите. Анатолиј Зографски знаел зошто доаѓа љубопитникот од Русија и веројатно се плашел дека старите и вредни работи можел да ги однесе во својата земја, зашто тој, освен што правел опис на манастирските книжни богатства, сакал да ги види и таинствените охридски грамоти. „Сè што ми беше раскажано за загубените охридски грамоти е полна невистина, бидејќи тие, по моето заминување од Зограф, се најдени“, ќе запише подоцна Григорович.
Кога ќе се знае сево ова, пишува д-р Дракул во монографијата за архимандрит Анатолиј Зографски, заедно со уверувањата дека ни еден од учените посетители на Света Гора низ минатите столетија не се враќал без понекоја книга во својот багаж, човек може да му се зачуди единствено на тоа што знаменити книги сè уште можат да се најдат. Погорново ги бие и Барски и Миханович, кој, како австриски конзул во Солун, прв го известува Григоровича за постоењето на Глаголското евангелие во Зограф. На истиот овој Миханович од Света Гора му биле носени на преглед огромни количества книги, и тој, според својот критериум, од сето тоа богатство одбрал за себе три товари.
Тогаш никој не водел доволно сметка за вредноста на македонското книжно богатство, па зографци, во 1860 година, на рускиот цар Александар му го подариле познатото Глаголско евангелие, а хилендарци во 1896 година Мирославлевото евангелие на српскиот крал Александар.
Охридските грамоти
Еден од најдобрите некогашни познавачи на светогорските пишани споменици е Г. Илински, кој во 1908 година престојувал на Света Гора. Тој тогаш констатирал дека во Зографскиот манастир сè уште има 184 ракописи, од кои 17 од 13 век. Илински пишува дека Света Гора ги зачува за науката најстарите, најголемите и највредните глаголски споменици. Тој вели дека во Ивер е зачуван документ и се јавува како најстар датиран споменик не само на глаголицата туку и воопшто на словенското писмо, а од недатираните, според него, најзначајни се Глаголското евангелие од Зограф и Марииното четвороевангелие. Според него, на Света Гора се зачувани најдобрите и најстарите преписи од Охридската Климентова и од Преславската школа.
Григорович имал конкретни сознанија дека охридските грамоти се наоѓаат во Зографскиот манастир, но тие до денес не се пронајдени, како и многу други тајни што се кријат зад светогорските порти. Всушност, последниве стотина години Зографскиот манастир беше меѓу најзатворените светогорски манастири, што е исто така симптоматично, зашто неговото право на владение е узурпирано од бугарските монаси. Токму затоа, сиве овие сознанија и претпоставки упатуваат на тоа дека денес бугарските монаси на Света Гора, поточно во Зографскиот манастир, чуваат исклучително значајни пишани споменици за Македонија и воопшто за словенската писменост. И покрај сета таинственост, засега со сигурност е утврдено дека во Зографскиот манастир има барем два македонски ракописа: празничен минеј и Драгановиот минеј со одрпнати листови, но уште останат со 219 пергаменти листа – и двата од 13 век. Какви ли тајни, за македонското наследство, навистина, се кријат во овој манастир?
И покрај сета страст со која Грците ги уништувале македонските книжевни споменици, сепак во синајскиот грчки манастир „Св. Катарина“ се зачувани Синајскиот псалтир, напишан во западна Македонија во 11 век (и кој содржи 106 листа, но недостига крајот) и Синајскиот требник, од истиот век, со 109 листа, од кои последните три се чуваат во Санкт Петербург. Барем за нив се знае. Ќе може ли воопшто некогаш да се дознае колку македонски ракописи и книги се чуваат во светогорските, грчките, бугарските, српските, црногорските, руските манастири?
Резињата на манастирските порти на Света Гора сè почесто се повлекуваат, иако ретко и селективно. Но тоа е добар момент за македонската археографија да се заинтересира за ракописните остатоци во манастирските ѕидини и за нивното евентуално потекло и значење за Македонија.
(Извадок од „Разнесено наследство“, 2006 г., објавен во сп. „Македоника“ бр. 1, год. I, 2011, а првпат објавен во весникот „Нова Македонија“, ноември 1998 г.)
(продолжува)