Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“
според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски,
магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Старите тврдини, утврдувања и замоци претставуваат многу важно наследство од средновековниот период, доцната антика и античкото време и не се само значајно културно наследство туку и атрактивни дестинации за филмски продуценти, патници и туристи. На европскиот континент може да се видат голем број утврдени остатоци од стари градови, од кои за некои човештвото сè уште нема прецизна временска рамка за нивното постоење. Утврдените градби претставуваат згради или други конструкции, кои се добро изградени и заштитени за да бидат безбедни од напади. Совршен пример за утврдување е тврдина. Тврдините се големи, робусни згради или групи на структури, опкружени со ѕидови, кои служат како воени упоришта или високоутврдени градови. Замок е вид утврдена структура најчесто изградена во средниот век.
Според достапните информации, во Македонија се наоѓаат повеќе од 400 утврдувања на површина од околу 26.000 квадратни километри и има уште многу за истражување. Овие споменати утврдени населби постоеле во различни историски периоди – од праисторијата, преку антиката, до средниот век. Големи градби од далечни времиња сè уште се видливи во близината на многу градови во Република Македонија. Во многу денешни села и градови, жителите сè уште знаат легенди и приказни за остатоците од старите утврдувања. Научните истражувања на овие локалитети во минатиот век и првите децении на овој век потврдија остатоци од населби од далечни епохи до средниот век.

Археолошките истражувања и објавените информации откриваат дека некои од овие видливи тврдини кријат населби од времето на славното Македонско Царство на Филип Македонски и неговиот син Александар Македонски, познат како Александар Велики. Легендите за овие антички тврдини се длабоко вкоренети во меморијата на македонскиот народ, од кои некои се запишани од македонските преродбеници во 19 век и во патописи од претходниот век. Многу од овие тврдини кријат и чуваат важно наследство од времиња за кои знаеме многу малку.
Најголемите видливи тврдини, кои го претставуваат најдоброто од историјата на ѕидарскиот занает, може да се видат во Скопје, Охрид, Штип, Струмица, Прилеп и во многу други градови и села во Република Македонија. Она што е интересно е што во споменатите преродбенички дела од 19 век, стари патописи и етнолошки записи од 20 век, можеме да прочитаме дека Македонците чувале легенди, приказни и традиции за овие стари тврдини, поврзувајќи ги не само со кралевите Филип и Александар туку и со владетели од нашата ера, како што се Константин, Јустинијан, Самуил, а најзначајно со Крали Марко. Македонскиот Крали Марко бил легендарен средновековен крал, кој го оставил најголемиот белег во топонимијата на денешна Република Македонија. Низ Македонија има остатоци од тврдини што биле реновирани и реконструирани од античко време до средниот век и се именувани по легендарниот Крали Марко, последниот христијански крал на Македонија.
Македонските тврдини чекаат да се сетиме на нив. Можат да ни овозможат увиди во далечното минато на нашата татковина, а од сите нив има прекрасни погледи, кои потсетуваат на векови од минатото. Тврдините и утврдувањата во Република Македонија претставуваат запоставен и апсолутно неупотребен туристички потенцијал. За миг помислете – колку љубопитни туристи би нè посетиле на тура низ нашите тврдини, доколку истите тие се соодветно зачувани, конзервирани, реставрирани и промовирани? Колку продуценти и режисери би пројавиле желба да ги снимаат легендарните македонски пејзажи што се гледаат од стотиците остатоци од тврдини и утврдувања? Читајте го овој фељтон за да дознаете повеќе за нашата мистична Македонија – музејот под отворено небо!
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)