Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Уште во втората половина на 16 век, Македонското Царство на Василиј Втори било преименувано во Византија. Во делата на Хиероним Волф од 1557 година македонската историја била прекрстена во византиска, а од неговото дело „Корпус хисториа бизантае“ останал во употреба терминот Византија. Таканареченото Источно Римско Царство ги имало најуспешните векови во времињата кога владееле македонските династии.
Втората половина на 18 век била запаметена по насилното укинување на симболот на Македонците и нивниот спомен за старата царштина – Охридската архиепископија. Во 1767 година Охридската архиепископија била укината со декрет на султанот, кој го забранил за користење името Македонија во службена употреба на империјата. Османлиските султани сакале децата да им се раѓаат во Македонија, а некои од нив и се потпишувале како владетели на големата македонска империја на Александар.
Во првата деценија на 19 век – 1808 година, германскиот географ Јохан Август Цојне во една од неговите книги предложил Македонскиот Полуостров да биде именуван како Балкански, според планината Балкан. Тоа предизвикало од научните текстови на германско-нордиската школа, терминот Балкански Полуостров да биде употребуван и како политички термин со цел да се подготви создавање на нови држави. Така, Македонскиот Полуостров бил прекрстен во Балкански Полуостров. Австро-Унгарија, а подоцна и Германија стимулирале манипулирање на историски факти за на територијата на древната Македонија полесно да можат да создадат нови држави со нови имиња, а македонското име да биде избришано, сменето, па и заборавено во историските книги. Но, не се заборава свето име…

Писарот во кабинетот на Ото, германскиот крал на Грција, Јохан Густав Дројзен, во 1832 година ги создава „хеленската цивилизација и култура“, искривувајќи ги записите на античките историчари во полза на новосоздадената држава.
Хистеријата кон името Македонија не престанала и во следниот период. На крајот од 19 век и почетокот на 20 век се забележани обиди за промена и на преводите на Библијата во деловите каде што се споменува Македонија. Турските цензори во Цариград (Истанбул) се обиделе да го сменат името Македонија со официјално решение, за што се водела голема дебата, а случајот стигнал и до страниците на светските весници.
Откако по Балканските војни новосоздадената грчка држава се проширила заземајќи ја Беломорска – Егејска Македонија, топонимите – имињата на местата, реките, планините биле сменети, а на народот му било забранувано да го говори мајчиниот јазик. Во Пиринска Македонија, која била окупирана од Бугарија, Македонците имале некаква слобода, која често во голема мера била зависна од односот со владата во Софија, а голем број Македонци биле манипулирани од тогашните политички структури. Во Вардарска Македонија, на Македонците им биле менувани имињата и презимињата и исто така им било забранувано да го говорат мајчиниот македонски јазик. Татковината Македонија, со која пет века владеел турскиот султан, по Балканските војни била распарчена од новосоздадените држави на Македонскиот Полуостров. Што се случувало во последните 110 години, во некоја следна пригода…
Активното пропагандистичко дејствување со цел промена на историските вистини во полза на новосоздадените држави било толку многу активно во Македонија, што и ден-денес во модерната Република Македонија, во многу учебници се учат податоци што не се соодветни со историските факти. Државите на Самоил и Василиј и на Волкашин и Углеша од историчарите се нарекувани со неколку имиња, а најретко како македонски. Цивилизациското достигнување на Македонската Империја на царевите Филип и Александар попусто се претставува како ширење некаква хеленска цивилизација и култура, затоа што тоа е македонска култура, која оставила длабока и неизбришлива трага во светската цивилизација. Неохеленистичката преродба, која започнала околу средината на 18 век, кулминирала со создавање на грчката држава во 19 век. Каков грчки цар бил Александар, кога во негово време немало ниту Грци ниту Грција? Безбројни се големите мапи по светските музеи во кои се чита името Македонија. Име што и покрај многуте обиди, останало запаметено. Македонското име не загинало…
продолжува
м-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)