„Македонците едно време преку Александра Великаго го покорија целиот свет и го натераа да гувее пред македонскиот престиж“

ФЕЉТОН: ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН – СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ (5)

Доколку ги проследиме биографиите на преродбениците и револуционерите од Охрид и Охридско, ќе забележиме дека голем дел од нив не само што биле роднини и сватови туку и дека во некои семејства останала жива традицијата на народните преданија, според кои, во Охрид продолжителноста на народната медицина траела со векови, но и дека дел од тие значајни луѓе за македонската историја биле членови и во тајни друштва. Дали од тие тајни друштва произлегле информациите за „недовршениот храм на царот Соломон“, не можеме да знаеме, но со сигурност можеме да претпоставиме за сериозноста и обемноста не само на книжниот фонд што се наоѓал во охридските домови во 19 век туку и за сериозноста и тајноста на усните преданија што се пренесувале од колено на колено.
Народната традиција за преданијата за Давид и Соломон се насетува и во шифрите на револуционерите, кои векови подоцна во своите писма ја нарекуваат Охридската Котлина – Давидова Долина. Интересот за антиката е потврден и од славните преводи на „Илијадата“ од Прличев, како и од активните истражувања на генерацијата на неговиот син Кирил. Судбините на Миладинови, Прличев, Узунов, Бошнаков и други преродбеници и револуционери оставиле силен спомен во сеќавањата на македонскиот народ.
Континуитетот на одржувањето на знаењето за медицина се забележува дури до 19 век. Григор Прличев од Охрид, македонскиот преродбеник, е нераскинливо поврзан со здравствената култура на Охрид и Македонија. Уште како студент на Медицинскиот факултет во Атина, тој почнал да ја проучува здравствената состојба на македонскиот народ и сметал дека сите болести настануваат од лошите животни услови и хигиенски навики, кои заедно со економската беда и непросветеноста биле најголеми непријатели на човекот во тоа време. Ефтим Спространов и Кузман Шапкарев, двајцата родум од Охрид, оставиле значајни дела за живото народното знаeње од Охрид во 19 век. Ефтим Спространов го објавил трудот „Материјали од народната медицина од охридскиот крај“, а Кузман Шапкарев – „Народната медицина и нејзината номенклатура во Македонија“. Заедно со зборникот со народни лекови и рецепти – Лечебник на семејството Пирузеви од Охрид, пишуван околу 1830 година, овие дела се познати како охридски лечебници. Во нив се содржани многу лекови и рецепти за најразлични болести, кои со сигурност водат корени од еден милениум претходно, од времињата на Свети Климент Охридски и Свети Наум Чудотворец. Во 19 век се случиле многу настани што оставиле траен белег во историјата на Охрид и Македонија.
Веднаш по Македонското востание, се случиле Охридскиот заговор и Брсјачката буна. Знајните и незнајни јунаци што потекнувале од Охрид, при крајот на 19 и почетокот на 20 век, ги дале своите животи за слободата на Македонија и оставиле неизбришлива трага во македонската историја. Свеста на македонскиот народ што живеел во Охрид за својата самостојност и поврзаност не само со средновековната традиција туку и со античките корени е изразена преку дејствувањето на преродбениците и е проткаена во нивните текстови од 19 век. Во последните децении од 19 век во Охрид веќе имало оформено не само народни училишта туку и народна читалница, која располагала со значаен фонд на литература. Забележливи се цели генерации од повеќе семејства што ги посветиле своите животи за народната борба за слобода и човечки правдини. Она што треба да се потенцира е тоа дека сите тие револуционери биле писмени и учени луѓе, а многу од нив во текот на животниот век успеале и да објават значајни написи за Охрид и за Македонија. Многу Охриѓани биле учители не само во Охрид туку и во Битола, Скопје и во Солун. Како во времето на Свети Климент и Свети Наум, кога нивните ученици го просветувале народот од другите региони во Македонија и пошироко, така во преродбенскиот век учениците на охридските учители успеале да описменат многу народ, но и да создадат дело за почит – револуционерно дело за слобода и човечки правдини.

Охрид во 19 век бил не само духовен и просветен центар туку и револуционерно жариште во кое се покажале и докажале многу јунаци. Од Охрид потекнуваат едни од најплодните македонски преродбеници, истражувачи и новинари на 19 век. Охриѓани биле членови и на Младата македонска книжовна дружина, која прераснала во „Лозарите“ – тајното друштво на македонската револуција. Анархистичкото здружување, кое со своето дејствување го привлекло вниманието на светската јавност – солунските атентатори, познати како гемиџиите, исто така имале член од Охрид. Организираната револуционерна борба во Охрид започнала во истиот период кога се случувале здружувања и акции на Македонците и во Солун, Битола, Овче Поле и во други региони од Македонија. Забележано е дека неколку од највидните преродбеници и револуционери што биле родени во Охрид членувале и во масонски ложи низ цела Европа.
Во еден од броевите на списанието „Македонски преглед“ од 1928 година, синот на Григор, Кирил, објавил свој поглед кон животот на татко му. Според сведоштвата, спомените и документите што се содржани во овој значаен опис на животот на вториот Хомер, дознаваме дека син му Кирил на јавноста имал цел да ѝ прикаже подетални информации од оние содржани во познатата „Автобиографија“ на Григор Прличев. Текстот започнува со спомен за двајцата најдобри другари на Григор, Георги Чакаров од Струга и Миле Скопаче (Скопаков) од Охрид, со кои најмногу ги коментирал достапните весници од тоа време, како и случувањата во Македонија.
За волја на вистината, пред текстот од Кирил Прличев, во 1911 година е објавена една од првите биографии на Григор Прличев од синот на неговиот другар Михаил (Миле) Скопаков, Климент.
Биографски текстови за Прличев биле објавени и претходно, од страна на охриѓанецот Георги Баласчев во 1897 година и велешанецот Димитар Матов во 1895 година.
Животот и делото на Григор Прличев биле инспирација и за многу други текстови, биографии, статии во весници и осврти што биле објавувани во првата половина на минатиот век. Неговиот животен пат е импресивен и сведочи за живата македонска традиција во Охрид и пошироко. Доколку ги проследиме достапните извори, ќе забележиме неколку фази, во првата – периодот кога ја напишал „Сердарот“, посведочил дека „Елините“ не го препознавале како таков; во втората – периодот кога ја преведувал „Илијадата“ дека „му го расипале преводот“ и „бил слаб со бугарскиот јазик“; и во третата – последната етапа од неговиот земски живот кога сведочи за сопствениот мир, кој го пронашол само во вербата во Господ Исус Христос и Македонија. „Македонската енциклопедија“ можеби најдобро го сумира овој трагичен крај: за Прличев, Македонија станува сè – „и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб“.

Неговата биографија останала како сведоштво на еден деец кој, откако бил одбиен од културните водачи на двете соседни заедници, започнал сè посилно да ја изразува посебноста на сопствениот народ и татковина, оставајќи зад себе печат на автентичен македонски пркос и трагика.
И ден-денес прашањето за поврзаноста на старото знаење од охриѓани со учењата на слободните ѕидари, легендите и преданијата, заедно со археолошките пронајдоци на Кирил Прличев останува неодговорено. Можеби во 19 век тогашните Македонци знаеле многу повеќе од денешните за Свети Климент и Наум, светиот цар Јустинијан, но и за античката македонска империја на Филип и Александар и вековите пред нив? Дали охридските масони од втората половина на 19 и првата половина на 20 век биле примени во масонските ложи и по препорака на нивните родители и/или нивното членство било повлијаено од достапноста до старите знаења со кои располагале нивните семејства, не знаеме. Она што го знаеме со сигурност е дека Охрид и Охридско оставиле траен белег во македонската борба за слобода и човечки правдини и дека таму се родиле многу јунаци чии дела останале да живеат вечно.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)