ФЕЉТОН: ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН – СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ (2)
М-р Никола Ристевски

Младата македонска книжевна дружина (ММКД) и нејзиното списание „Лоза“ (1892) претставуваат една од најзначајните епизоди од развојот на македонската национална мисла и борба за слобода. Лозарите успеале да го артикулираат барањето за културна и национална посебност, претставувајќи мост помеѓу генерациите од Разловечкото и Кресненското востание со генерациите од Илинденското востание. Кон крајот на 19 век, Македонија била економски исцрпена од османлиската власт и распарчена од странските пропаганди – бугарската, српската и грчката. Овие пропаганди ги третирале Македонците исклучиво како дел од нивниот национален корпус. Токму во оваа сложена средина, во Софија, каде што студирале многу млади Македонци, се појавува отпор во вид на ММКД. Членовите, меѓу кои биле идните основоположници на ВМРО, како Даме Груев, Петар Поп Арсов и Иван Хаџи Николов, биле силно решени да се спротивстават на асимилаторските влијанија и да ја докажат самостојноста на македонскиот национален субјект.
Списанието „Лоза“, замислено како месечно издание, станало главната алатка за ширење на идеите на дружината. Лозарите прават најсериозен обид дотогаш за промовирање на македонскиот јазик, потпирајќи се на говорот од централните поднебја. Ова претставувало отворен пркос на тогашниот официјален бугарски јазик. Преку програмски написи, како „Неколку белешки“, тие јасно укажуваат на различната историска судбина, култура и етнографски карактеристики на Македонците. Со тоа, тие го отфрлаат тврдењето дека Македонија е само географски поим. Иако внимателно артикулирано поради цензурата, основната политичка цел била автономна Македонија, што во тој контекст значело самостојна македонска држава, ослободена од соседните претензии. Овој јазичен идентитетски подвиг е суштината на лозарското движење и е директен претходник на капиталното дело на Крсте Петков Мисирков, „За македонцките работи“.
ЛОЗА – месечно списание, орган на Младата Mакедонска Kнижовна Дружина, изразител на македонскиот национален сепаратизам.
Основач е охриѓанецот Климент Караѓулев, а одговорен редактор дебарчанецот Иван К. Божинов. Соработници: Георги Баласчев (Езерски), Петар Поп Арсов (Вардарски), Коста Шахов, Димитар Мирчев, Климент Караѓулев, Дамјан Груев, Иван Хаџи-Николов, Ефтим Спространов (Е. Маркулев) и др.
Излегуваат 6 броја во две одделни и различни етапи. Првите 4 броја (1892) се печатени на македонизиран бугарски јазик со фонетски („помакедончен“) правопис и со редуцирана кирилска азбука (со местимична употреба и на посебни графеми за меките консонанти к’, г’, л’, н’), а последните два броја (1894) излегуваат на тогашниот официјален бугарски литературен јазик и правопис. Веднаш по појавата на првиот број на списанието официозот „Свобода“ (18 февруари 1892, 3) ја алармира бугарската јавност:
„Луѓето овде имаат други цели – да создадат нов литературен македонски јазик… Следствено, прашањето се сведува кон стремежот да се воведе литературен сепаратизам што природно го влече по себе и политичкиот… во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека Македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!”.
Весникот „Свобода“ ги открива и основните цели на Дружината: „Од статијата,Неколку белешки’ стр. 5 се гледа дека таа се вбројува,кон денешниот преовладувачки елемент’, дека името на тој словенски елемент е,Македонци’, дека Македонија е нивна татковина, дека таа е одделно господарство, чиешто минато е покриено со блесок и особено во времето на Филипа и Александра Велики…”.
Скоро Дружината беше растурена од властите, членовите и сомислениците беа апсени, интернирани и прогонети. Соидејниците во историјата се познати по името на списанието како „лозари“, а движењето како „лозарско движење“. По две години, со друга редакција и со друга национална концепција, се појавија уште два броја и Дружината беше задушена. Современикот Крсте Петков Мисирков оценува дека тоа е
„iиедно национално сепаратистично движеiне со цел’а да се оддел’ат интересите на македонците од бугарцките со возведуаiин’е на iиедно од македонцките наречиа на степен на литературен iазик за сите македонци. Орган на тоа сепаратистско движеiн’е во Бугариа беше журналот,ЛОЗА’. Но тоа дуовно движеiн’е на македонците не се ареса на бугарцкото стамболовцко праител’ство, коiе забрани да се издаат,ЛОЗА’ и зафати да гонит македонците сепаратисти“.
– МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА – МАНУ, Скопје 2009
„Само еден поглед е доволен за да се видат очајните нужди на нашата татковина. Благодарение на последните политички случувања на нашиот полуостров и географската положба на Македонија, денес таму се собрале секакви возможни надворешни елементи кои што, воодушевени од своите уништувачки идеи за нашата иднина, планови и интереси, слободно и со молскавична енергија го засилуваат антагонизмот кој што и онака постои во земјата. Само еден силен отпор од наша страна може да нè предпази од злобните посакувања. Но, при денешната состојба ние не можеме да извршиме такво дело, за тоа ни се потребни сили, а нашите се разнебитени, раздробени. Треба значи, да ги соединиме, да ги собереме во една општа, моќна сила – народна сила, ако сакаме да ја зачуваме иднината на нашата татковина. Тоа треба да е стремежот на секој кој што се чувствува Македонец, каде и да се наоѓа. Младата Македонска Книжовна Дружина во предвид ја има точно таа цел. Очевидно е дека таа претенција е многу голема. И навистина, таа ги надминува силите со кои што дружината располага засега. Но во истото време, Дружината верува дека нема за долго да е изолирана од родољубите. За постигање на таа цел Дружината ја издава својата ’ЛОЗА‘…“
Млада Македонска книжовна дружина, ЛОЗА, 1892
































