Љуба со сопругот Владимир Руменов

Особени активности покажала непосредно пред почетокот на Илинденското востание, благодарение на опкружувањето. Имено, во тоа време во Скопје учителки биле и познатите учителки, кои исто така биле дале значаен
придонес во револуционерното дело во Скопско: Славка Чакрова, Јанка Каневчева и Амалија Примџанова. Примџанова, Чакрова и Каневчева уште за време на нивната просветителска дејност во Охридско-Струшкиот Регион имале воспоставено женска револуционерна група. Таква група основале и во Скопје, а во неа како членка влегла и Ќупева. Нивната дејност се состоела од собирање парични средства, извршување курирски задачи, учествувале во организирањето на нелегалната кореспонденција меѓу четите, активирање на младината за потребите на револуционерното дело, како и издавање весник

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (3)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.

Во средината на 19 век Велес прераснал во еден од водечките македонски просветни, трговски и занаетчиски центри. Во градот биле отворени повеќе машки и женски училишта, се развиле образованието (Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Сава Палашова), градителството (Андреа Дамјанов), просветителските тенденции добиле највисоко ниво (Георги Палашев поседувал голема лична библиотека), а блиското Башино Село произвело познати публицисти и општественици (Константин и Андреја Петкович). Во ваква позитивна атмосфера, во семејството на производителот на сапун, сапунџијата Георги Ќупев во 1878 година се родила Љубица (Љуба) Ќупева.
Љуба Ќупева го започнала своето образование во родниот град. Во 1895 година ја завршила Солунската егзархиска гимназија како дел од петтата генерација ученички. Од истата фамилија Ќупеви потекнува и Рајна Ќупева, која во 1908 година ја завршила истата гимназија како дел од 17-та генерација. Вообичаено за тоа време, по завршувањето на образованието Љуба била назначена за учителка во Скопје. Најверојатно тука се вклучила во револуционерното движење. Тоа било време кога во Скопско и Скопскиот револуционерен округ започнал продорот на чети на српската пропаганда, но и на чети од Врховниот македонски комитет. Значи, уште на самиот почеток на учителската и на револуционерната кариера Љуба била изложена на опасности и притисоци. Тие притисоци се зголемиле во 1901 година кога османлиската жандармерија се посомневала, но неуспешно се обидувала да ја докаже нејзината револуционерна активност.
Особени активности покажала непосредно пред почетокот на Илинденското востание, благодарение на опкружувањето. Имено, во тоа време во Скопје учителки биле и познатите учителки, кои исто така биле дале значаен придонес во револуционерното дело во Скопско: Славка Чакрова, Јанка Каневчева и Амалија Примџанова. Примџанова, Чакрова и Каневчева уште за време на нивната просветителска дејност во Охридско-Струшкиот Регион имале воспоставено женска револуционерна група. Таква група основале и во Скопје, а во неа како членка влегла и Ќупева. Нивната дејност се состоела од собирање парични средства, извршување курирски задачи, учествувале во организирањето на нелегалната кореспонденција меѓу четите, активирање на младината за потребите на револуционерното дело, како и издавање весник. Тој весник го носел името „Слобода или смрт“ и бил хектографиран, односно бил објавуван во ракопис. Самите учителки изразиле јасна желба да научат да ракуваат со оружје, па тие вежби ги изведувале за време на нивните излети во околината на Скопје.

За време на Илинденското востание, организациската работа во Скопје практично останала во рацете на Ќупева, Каневчева и Чакрова (Примџанова веќе не била во градот). Потврда за тоа дава војводата Никола Пушкаров од Пирдоп, Бугарија, кој во своите „Спомени“ го забележал следното: „Во градот беа останале само учителките, моми – Славка Чакрова (род. од Струга), Љуба Ќупева (од Велес) и Јанка Каневчева (од Охрид). Тие и отпорано земаа учество околу редактирањето на весникот, а сега откако останаа само тие, беше се заземале за сѐ – ја одржуваа кореспонденцијата, праќаа облеки, чевли и друго“. Оваа сосема кратка белешка доволно зборува за преземените одговорности од страна на трите моми.
По неуспешниот крај на востанието, Ќупева го напуштила Скопје. Веќе во учебната 1905/1906 година ја сретнуваме како учителка во Солунската женска гимназија, каде што во тоа време директор бил нејзиниот сограѓанин од Велес, Тодор К. Танев. Колешка ѝ била Хрисанта Настева, подоцна Поп Арсова, сопруга на основачот на Македонската револуционерна организација Петар Поп Арсов. Во гимназијата Ќупева предавала и за време на учебната 1907/1908 година. Овој период го карактеризира смирување на македонската ослободителна борба, особено што веќе во 1908 година започнала Младотурската револуција. Извесното пасивизирање на полето на револуционерните борби на Ќупева ѝ послужило за да му посвети поголемо внимание на приватниот живот. На почетокот на следната деценија започнала врска и се омажила за Владимир Руменов од Крушево (роден како Наум Мушевски), кој своевремено исто така бил член на Скопскиот револуционерен округ.

Руменов има богата биографија како револуционер, доктор, воен лекар, општественик и на крајот високо воено лице, односно генерал во редовите на бугарската армија. Потекнувал од големиот род Везенковски, од кој произлегле голем број револуционери, општественици и интерпретатори на народни умотворби. Дел од образованието стекнал во Киев и во Москва, а поради револуционерна дејност извесно време бил затворен во затворот во Иркутск во Русија. Во една пригода, со група македонски студенти го посетиле и гробот на Рајко Жинзифов во Москва.
Љуба Ќупева, сега Руменова, со Владимир Руменов ги добиле синот Иван, ќерката Румена и уште едно дете за чие име немаме податоци. Тие го посиниле синот на починатиот брат на Владимир, Васил, кој исто така се викал Васил. Нивниот син Иван, за кого постојат повеќе податоци, бил роден во 1904 година во Стара Загора. Љуба и Владимир му дале целосна поддршка на Иван, кој покажал интерес кон медицината и ги започнал студиите на Универзитетот во Софија. Оттука заминал на специјализација во Варшава, Полска, и во Франкфурт на Мајна, Германија.
Во биографијата на Љуба Руменова од периодот по Балканските војни влегува и нејзиното членство во Македонското женско благотворно друштво и на сиропиталиштето „Битола“ од 1915 година. Руменова починала во 1953 година со полно срце и со чувство на гордост бидејќи синот Иван веќе почнале да го препознаваат како врвен доктор.

Д-р Славчо Ковилоски

(продолжува)