Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
Сите градови во Македонија се наоѓаат на локации каде што многу одамна имало организиран живот и стари населби. Древноста на Македонија е потврдена не само од милионите испишани страници туку и од видливите остатоци од тие стари градови. А она што човечките очи можат да го видат во Македонија, воодушевува и замислува. Го замислува човекот за силата, волјата и знаењето на луѓето што во дамнешните времиња ги создавале тие древни населби. Ретко каде во светот на исто место можат да се видат пронајдоци и остатоци од сите познати ери и епохи на човечката цивилизација, од далечната праисторија па до непознатиот среден век. Македонија им овозможува увиди и искуства не само на заинтересираните посетители и туристи туку и на истражувачи, научници, патописци, но и на луѓе што се во потрага по мир и спокој. Мирот и спокојството што го овозможуваат природните ресурси и културното наследство од овие простори се непроценливи, а значењето на древноста за посетителите во 21 век се потврдува и преку зголемениот интерес за прастарата Македонија.
Во Македонија многу денешни градови и села овозможуваат пристап до видливи остатоци од древноста, но само еден град изобилува со убавини што не можат да се видат при кратка туристичка посета, а за чие што истражување и проучување се потребни неколку генерации посветена работа. Македонската духовна престолнина – градот Охрид, стариот Лихнид, европскиот Ерусалим во 21 век, сè посилно зрачи со својата убавина и автентичност. Неприликите за народот што живее овде не исчезнале низ вековите, секоја генерација и секој век носат предизвици и искушенија за кои е потребно соочување, преку кое може да се стигне до следниот еволутивен стадиум на човештвото и достигање на вистинскиот потенцијал на човечката цивилизација што е благословена со можноста да живее во Македонија. За некои „јаболко на раздорот“, за други „еденска градина“, Македонија е жива со милениуми, а таа жива сила овозможила и во 21 век да се зачува барем нешто од славното минато. Благодатите со кои изобилува Охрид сепак се со многу поголема сила од уништувањето со кое се соочени градот и народот на материјално и духовно ниво.

Модерниот 21 век и човечката негрижа покажаа дека, и покрај деструктивноста, не се доволно силни за да ги уништат докрај природните ресурси и културното наследство што потсетуваат на некои други времиња. А времето не е линеарно, туку спираловидно…
Охрид е македонскиот град за кој се испишани најмногу страници во последните векови. Научни истражувања, патописи, новинарски извештаи, воена кореспонденција и што ли уште не. Охрид уште од дамнина ги привлекувал и уметниците и фотографите, кои во изминатите два века оставиле значајни дела преку кои денешната генерација може да види како изгледал Охрид пред децении, па и векови. Уметноста што е изразена на археолошките локалитети и во црквите е дополнителна причина за тврдењето од научната јавност дека ренесансата започнала токму во Македонија. Живописните фрески и мозаици што се видливи во 21 век сведочат за старите мајстори што имале можност да работат во Охрид. Преводите и преписите на старите книги од Охридската книжевна школа сведочат за интелектуалната работа во овој град уште од многу одамна. Артефактите од античката и средновековна Охридска ковница се потврда за вековната владетелска традиција на овие простори. Спомените од Охрид за борбата на македонскиот народ за слобода и човечки правдини се силни и во 21 век, а недвижните археолошки наоди се утврдени од памтивек за да нѐ потсетат за силата на тоа древно минато.
Старото име на Охрид било Лихнид. Населбите Лихнид, Енгелана, записите за Десаретите и Eнгеланите, големото езеро, наодите кај Лабино, Панѕир, Дебој и на многу други локации во и околу денешен Охрид потврдуваат активен живот во антиката. За старата чаршија археолозите имаат потврдено дека лежи врз остатоци од цивилизациски континуитет од многу илјади години – од дамнешната праисторија, преку антиката и ранохристијанството, па до средниот век. Остатоците од тој дамнешен утврден град се видливи и ден-денес, овде, од Долна порта па до Горна порта, луѓето живееле уште пред нашата ера.
Постојат претпоставки според кои Филип Втори Македонски ја изградил тврдината. Но, сосема е возможно дека во овој регион големи тврдини постоеле и пред тие времиња, за кои денешната наука нема доволно информации. Значењето на Лихнид во антиката е забележано и преку продолжителноста на Охридската ковница, која постоела од далечните антички времиња па до средниот век. Охрид е прочуен и по легендата дека „некогаш одамна тука постоеле 365 цркви, по една за секој ден во годината“. Денешните видливи остатоци од стари храмови, археолошките локалитети на кои се потврдени ранохристијански базилики, но и многуте цркви што можат да се видат во Охрид сведочат за славните времиња на Јустинијана Прима, за големата Охридска архиепископија и за силата на македонскиот народ, верата и благодарноста кон вишата сила. Таа виша сила овде ги распослала убавините и благодатите до бескрај… Охрид од памтивек претставувал духовна престолнина на Македонија.
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)




































