Лихнид – Охрид: Духовната престолнина на Македонија (трет дел)

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

За охридските цркви се напишани илјадници книги, а од Охрид потекнуваат и многу важни записи, преводи и преписи на стари книги. Охридската книжевна школа основана од Свети Климент Охридски пред повеќе од еден милениум работела на записи, кои претставуваат основа за истражувања на писменоста од овие простори. Многу од верзиите на книжевните споменици од Охридската книжевна школа се наоѓаат во колекции и музеи во странство. Зачуваните стари пергаменти се: Асеманово евангелие, Синајски псалтир, Синајски еухологиј, Добромирово евангелие, Битолски триод, Охридски апостол, Болоњски псалтир и други. По смртта на Свети Климент и Наум Охридски, работата на школата ја продолжиле нивните ученици. Охридската медицинска школа во светските енциклопедии е запишана како една од првите две медицински школи во Европа.
Во денешен Охрид на Плаошник од Свети Климент Охридски бил основан универзитет, кој претставува основа на писменоста и медицината од тој период на постоење на човечката цивилизација на територијата на Македонија. Во времето на Климент, во Охрид се обучиле над 3.000 ученици. Учениците подоцна биле распоредувани по групи низ селата и градовите во Македонија за да го описменуваат и воспитуваат народот. Писменоста, земјоделството и овоштарството заедно со хигиената биле најважни здравствено–просветни содржини. Свети Климент ги запознавал учениците со здравствено–просветното дело на својот учител Свети Методиј – Закон судњи људим, и со своето лично медицинско дело – списот Антропологија. При манастирот „Св. Пантелејмон“, Свети Климент изградил болница во која лекувањето било бесплатно, а со која народот не само што добил верба во медицината туку и ја развил здравствената култура и било забележано значајно подобрување на хигиената. Забележано е дека Свети Климент употребувал молитви и диети при лекувањето, дополнети со фармакотерапија, психотерапија, физиотерапија и хидротерапија. Во манастирската болница доаѓале луѓе со најразлични болести, а според записите од биографот на Климент, охридскиот епископ Теофилат, Свети Климент успеал да излекува дури и слепи и неподвижни.

Фото: „Нова Македонија“

Другиот биограф, охридскиот архиепископ Димитар, запишал дека Свети Климент со помош на своето медицинско знаење и сугестивна моќ „успеал да постигне слепите да прогледаат, а немите да проговорат“. Светецот Пантелејмон кому му биле посветени истоимената црква и болница бил исцелител и врач, кој бил многу почитуван во тие времиња. Забележлив е и култот кон Светите Бессребреници – Кузман и Дамјан, чии фрески и ден-денес може да се забележат во преостанатиот спомен од некогашниот медицински комплекс во Охрид. Црквите „Света Богородица Болничка“ и „Свети Никола Болнички“ и во 21 век сведочат за дамнешното бесплатно лекување во болничкиот комплекс, изграден од Свети Климент. Многу векови по неговата смрт, болницата продолжила да работи, а дури и кога црквата била срушена и на нејзиното место била изградена џамија, таму продолжила да работи народната кујна. Во средината на минатиот век, на подот од срушената џамија, Димче Коцо ги открил остатоците од старата црква, по што започнале посериозни археолошки истражувања. Познато е дека во стариот град само една црква е посветена на Свети Климент, за која во минатите векови биле запишани многу важни информации. Свети Климент Охридски бил мошне надарен писател, кој ни оставил десетици проповеди, поуки и слова, од кои дел се однесувале на хигиената, медицината и здравите животни навики.

Во истото време кога Свети Климент градел и создавал на местото на денешен Охрид, на другата страна на езерото Свети Наум го подигнал манастирот во кој исто така отворил болница. И покрај некои толкувања на историски записи, според кои Свети Климент и Наум ги добиле на подарок старите цркви, народната традиција и одредени историски осврти потврдуваат дека овие светци биле и градители – ѕидари. Црквата што ја подигнал Свети Наум Чудотворец е посветена на Светите Архангели Михаил и Гаврил. Легендата за јажето преку езерото кога светите браќа ги граделе манастирите уште се раскажува од народот во Македонија. Забележано е дека во манастирската болница постоеле посебни оддели за различни болести и богата библиотека со многу значајни книги. Низ вековите се зачувало верувањето дека Свети Наум лекувал болни од душевни болести, што е претставено дури и на некои фрески, а е забележано и во записите на македонските преродбеници и собирачи на народни умотворби од 19 век. Некои од нив дури и се школувале во манастирот на Свети Наум и активно ја користеле манастирската библиотека. Историските податоци потврдуваат дека со векови во манастирот работела и посебна душевна болница.

Поради чудата што се случувале, манастирот станал познат уште во времето во кое живеел Свети Наум. Исцелувањата на посетителите на гробот на Свети Наум и во манастирот се раскажувале во многу земји, па така, неговиот култ се раширил не само во регионот туку и меѓу припадниците на други вери, различни од христијанската. Охридските архиепископи низ вековите запишале и дека „благодатите и чудата на Свети Наум биле повеќебројни и од ѕвездите на небото“. Како и Свети Климент, и Свети Наум активно се занимавал со преводи, преписи, пишување и научна работа. Иако од неговата книжевна дејност досега се идентификувани само неколку текста, меѓу кои Канонот за апостолот Андреј и Канонот за пренесувањето на моштите на Јован Златоуст, од двете кратки житија на Свети Наум се дознава дека бил лекар и учител, кој справедливо постапувал со народот и бил толерантен во црковните односи. Историските записи пренесуваат дека откако го напуштил овоземскиот живот, бил лично погребан од Свети Климент во манастирската црква. Традицијата на лекување на бреговите на Охридско Езеро веројатно потекнува уште од дамнешни времиња. Слободно може да се претпостави дека и во далечната антика овде постоеле медицински центри посветени на Асклепиј. Чистината на езерската вода, благопријатната клима и одличната географска местоположба давале голема сила, како на Охрид така и на Лихнид. Традицијата, која од времињата на Св. Климент и Наум продолжила и во подоцнежните векови, може да се забележи преку сведоштва за здравствената култура низ средновековниот фрескопис и во записите од вековите кога постоела славната Охридска архиепископија.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)