Лихнид – Охрид: Духовната престолнина на Македонија (прв дел)

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Охрид, стариот Лихнид, со милениуми претставува предизвик не само за истражувачите на културното наследство и природните ресурси туку и за сите освојувачи што сакале да ја приграбат Македонија. Нарекуван и Рим на Балканот, Ерусалим на Европа и духовна престолнина на православието, овој град предизвикал илјадници научници, новинари, патописци и истражувачи да напишат многу страници за древниот град, кој порано бил познат како Лихнид, а денес се нарекува Охрид. Името на градот претставувало интерес за многумина, кои се обиделе да покажат или докажат од каде потекнувале имињата Лихнид и Охрид. Она што се знае е тоа дека езерото како Охридско се нарекува во последните неколку века, а до 19 век се забележуваат записи со именување како лихнидско и бело езеро. Бело, заедно со белиот, градот на светлината, светиот и светол Лихнид.
Патописците и роднокрајните автори оставиле многу значајни записи во кои се содржани информации за начинот на живот и изгледот на Охрид во минатите векови. Култот кон Свети Климент и Наум Охридски останал да живее во времињата по нивниот век. Старите народни преданија и легенди, традицијата на народното лекување од охридското крајбрежје, ретките видови на риби во езерото, величествените градби во Охрид и учените луѓе што живееле на бреговите на езерото во минатото биле забележани во многу патописи, извештаи и книги.
И во преродбенскиот век било познато за Десаретите, Енхелејците, Кадмо и стариот Лихнид. Според легендите и старите преводи на историските записи, Лихнид бил основан од легендарниот јунак Кадмо, а тврдината била соѕидана во 5 век пред нашата ера. Брегот на Охридско Езеро изобилува со археолошки локалитети од најдамнешните познати времиња, како од праисторијата така и од самите почетоци на нашата ера.
И денес во македонскиот град Охрид и неговата околина можат да се видат траги од ранохристијанските базилики на славната Јустинијана Прима. Според некои научници, владетелот од Македонија Управда – Јустинијан имал седиште токму во стариот Лихнид. Според народното предание од зборникот на браќата Миладинови, името Ох Рид потекнувало од времето на Јустинијан, кој ја обновил и тврдината со остатоците од разурнатата Хермелеја…
Преродбениците запишале дека во нивно време народот ги паметел иселувањата од претходните векови. Според преданијата, во Венеција имало цела населба што била именувана според Лихнид. Во некои книги може да се прочита дека на почетокот од 15 век, истоимена населба била создадена и во новиот свет. Од достапни историски извори дознаваме и за еден славен морепловец што наводно потекнувал од Лихнид. Според некои извори, во повеќе наврати е забележано масовно иселување на населението од Охрид, а едно од многуте семејства што се отселиле од Охрид било семејството на Драган де Лихнида, познат како Алонсо де Охеда. Според толкувања од минатиот и овој век, еден од најголемите морепловци, кој како многу млад бил осуден на смрт поради ерес и бил спасен од Колумбо, кој го вклучил во својот екипаж, Алонсо де Охеда всушност бил Драган од Лихнид. Некои истражувачи имаат објавено и тврдења дека бил осуден за ерес уште во Лихнид, па затоа побегнал кон Шпанија. Алонсо де Охеда имал неколку походи до новиот свет, дури и живеел и се оженил таму, а новите тврдења стигнуваат до теза според која сето тоа го правел со надеж дека кога ќе се вратат, со флотата ќе ја ослободеле Македонија. Каква и да е вистината, останува фактот дека морепловецот што ја открил Венецуела и стапнал на американскиот континент се тврди дека потекнува од Охрид, стариот Лихнид.
Многу владетели се бореле за стариот Лихнид. Античката ковница во Охрид постоела дури до времињата на османлиското освојување. Уште се паметат народни песни и преданија за времињата „пред турско“, кога кнезови и кралеви се бореле за ковницата и тврдината. Кога Евлија Челебија дошол во Македонија, која тогаш ја нарекувале Румелија, запишал дека охридската црква „Света Софија“ – „Aja Софија“, која тогаш била претворена во џамија и со неа можеле да се споредат само истоимените во Солун и Трапезант на Црно Море и малата „Аја Софија“ во Цариград, порано за христијаните претставувала Ерусалим, a била изградена во времето на синот на пророкот Соломон. Според патописот на Челеби и некои други записи, неколку истражувачи имаат претпоставено и дека под денешниот храм се наоѓал недовршениот храм на Соломон.
Според повеќе автори, еден од апостолите, Свети Павле, во првиот век од нашата ера го посетил Лихнид. Зачуваните народни преданија за локациите на кои проповедал Свети Еразмо Охридски се потврда за сеќавањата за ранохристијанската традиција кај народот сѐ до 19 век. Се претпоставува дека една од откриените стари цркви уште во 9 век била посветена на апостол Павле. Црквата на Свети Климент ја наследила традицијата на владетелот Јустинијан – Управда од Македонија и неговата Прва Вистина – Јустинијана Прима. Од македонскиот цар Самуил била создадена Охридската патријаршија, која имала големо влијание низ Европа.

Фото: „Нова Македонија“

Векови подоцна, укинувањето на Охридската архиепископија било еден од најтрагичните настани во историјата на Охрид. Раскажана во книгите на роднокрајните автори и опеана од народот во Охрид во народната песна „1762 лето“, која за првпат во печат била објавена од Прличев, укинувањето од Цариград на Македонската црковна традиција било истражувано и од наследниците на современиците на тие случувања. Според Георги Баласчев, внук на Арсение, кој бил испратен на заточение, години откако прадедо му бил испратен на Света Гора, на заточение таму бил пратен и неговиот колега од Цариград што му ја укинал црквата со лаги и измами.
Во изминатите векови многу луѓе од Охрид изучиле школи не само во тогашната Османлиска Империја туку и низ цела Европа. Забележано е дека и некои од охридските архиепископи се потпишувале како „Македоњани од македонските предели на Цар Александар“.
Во житието на Свети Наум, езерото е именувано како „бело езеро“. Во 19 век, Јордан Хаџиконстантинов-Џинот езерото го запишал како „Лихнидон“, за градот Охрид дека бил именуван по цар Самуил и дека во крепоста од Долна до Горна порта имало 365 цркви, a народот околу езерото бил силен како во времињата на Филип и Александар Македонски. Браќата Миладинови ја објавиле народната легенда според која кога Јустинијан ja обновувал Охридската тврдина, кога се качил на ридот од восхит кон убавината на погледот и местоположбата на градот, извикал „ох, рид“ или убав рид. Шапкарев запишал дека кога Охридската тврдина се обновувала, народот на рака подавал камен по камен од месноста Патерица, каде што била античката Хермелеја, а кога се случило тоа, никој не знаел. Цепенков запишал дека таму каде што е денес езерото, порано била плодородна рамница, а Охрид бил мало гратче што полнело вода од некој извор, а секој што ќе наполнел морал да го затвора со камениот капак. Еднаш некоја невеста го заборавила капакот, изворот течел цела ноќ и до утрото станало блато, а до утредента веќе се наполнило денешното езеро. Легендите за жената што за ум го изградила манастирот „Свети Заум“, за јажето преку езерото, песните за деветте ламји и преданијата за подземните премини биле објавени од повеќе автори во втората половина на 19 и почетокот на 20 век. За многу од овошките во Охридско и во 19 век се знаело дека биле донесени и засадени од Свети Климент и неговите ученици. Забележани се преданија за Крал Марко и неговите роднини, но и спомен дека многу од црквите биле обновувани од Марко Крале. Од старите книги дознаваме и за славната Македонска склавинија – големата држава на чие чело бил цар Самуил, но и дека татко му Никола обновувал цркви во Охрид. Народната традиција за преданијата за Давид и Соломон се насетува и во шифрите на револуционерите, кои векови подоцна во своите писма ја нарекуваат Охридската Котлина како Давидова Долина. Интересот за антиката е потврден и од славните преводи на „Илијадата“ од Прличев, како и од активните истражувања на генерацијата на неговиот син Кирил. Судбините на Миладинови, Прличев, Узунов, Бошнаков и други преродбеници и револуционери оставиле силен спомен во сеќавањата на македонскиот народ.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)