Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Континуитетот на одржувањето на знаењето за медицина се забележува дури до 19 век. Григор Прличев од Охрид, македонскиот преродбеник, е нераскинливо поврзан со здравствената култура на Охрид и Македонија. Уште како студент на Медицинскиот факултет во Атина, тој почнал да ја проучува здравствената состојба на македонскиот народ и сметал дека сите болести настануваат од лошите животни услови и хигиенски навики, кои заедно со економската беда и непросветеноста биле најголеми непријатели на човекот во тоа време. Ефтим Спространов и Кузман Шапкарев, двајцата родум од Охрид, оставиле значајни дела за живото народното знаeње од Охрид во 19 век. Ефтим Спространов го објавил трудот „Материјали од народната медицина од охридскиот крај“, а Кузман Шапкарев – „Народната медицина и нејзината номенклатура во Македонија“. Заедно со зборникот со народни лекови и рецепти – Лечебник на семејството Пирузеви од Охрид, пишуван околу 1830 година, овие дела се познати како охридски лечебници. Во нив се содржани многу лекови и рецепти за најразлични болести, кои со сигурност водат корени од еден милениум претходно, од времињата на Свети Климент Охридски и Свети Наум Чудотворец. Во 19 век се случиле многу настани што оставиле траен белег во историјата на Охрид и Македонија.

Веднаш по Македонското востание, се случиле Охридскиот заговор и Брсјачката буна. Знајните и незнајни јунаци што потекнувале од Охрид, при крајот на 19 и почетокот на 20 век ги дале своите животи за слободата на Македонија и оставиле неизбришлива трага во македонската историја. Свеста на македонскиот народ што живеел во Охрид за својата самостојност и поврзаност не само со средновековната традиција туку и со античките корени е изразена преку дејствувањето на преродбениците и е проткаена во нивните текстови од 19 век. Во последните децении од 19 век во Охрид веќе имало оформено не само народни училишта туку и народна читалница, која располагала со значаен фонд на литература. Забележливи се цели генерации од повеќе семејства што ги посветиле своите животи за народната борба за слобода и човечки правдини. Она што треба да се потенцира е тоа дека сите тие револуционери биле писмени и учени луѓе, а многу од нив во текот на животниот век успеале и да објават значајни написи за Охрид и за Македонија. Многу Охриѓани биле учители не само во Охрид туку и во Битола, Скопје и Солун. Како во времето на Свети Климент и Свети Наум, кога нивните ученици го просветувале народот од другите региони во Македонија и пошироко, така во преродбенскиот век учениците на охридските учители успеале да описменат многу народ, но и да создадат дело за почит – револуционерно дело за слобода и човечки правдини. Охрид во 19 век бил не само духовен и просветен центар туку и револуционерно жариште во кое се покажале и докажале многу јунаци. Од Охрид потекнуваат едни од најплодните македонски преродбеници, истражувачи и новинари на 19 век. Охриѓани биле членови и на Младата македонска книжовна дружина, која прераснала во „Лозарите“ – тајното друштво на македонската револуција. Анархистичкото здружување, кое со своето дејствување го привлекло вниманието на светската јавност – солунските атентатори, познати како гемиџиите, исто така имале член од Охрид. Организираната револуционерна борба во Охрид започнала во истиот период кога се случувале здружувања и акции на Македонците и во Солун, Битола, Овче Поле и во други региони од Македонија. Забележано е дека неколку од највидните преродбеници и револуционери што биле родени во Охрид членувале и во масонски ложи низ цела Европа.
Дали во првата половина на 20 век во Охрид постоеле организирани ложи, засега може само да се претпоставува. Интересот на тајните друштва за Охрид не престанал, што е потврдено со присуството на големи мајстори од средината на 19 век, па до пред Втората светска војна.
Древното езеро во кое уште живеат ендемска флора и фауна, огромните заштитни бедеми од стариот град, тврдината и старите цркви не се единствените видливи сведоци на охридската историја за која ја создаваме оваа сторија. Во центарот на Охрид стои исправен жив споменик на дамнешното минато, стар повеќе од еден милениум, природната реткост на Македонија – прочуениот Охридски чинар. Непосредно до Горна порта се наоѓа големиот Антички театар, чудо на античката архитектура, огромен театар од древните времиња на Македонското Царство, кој е стар повеќе од два милениума. Како во минатото, така и денес во Охрид доаѓаат патници – намерници, посетители и туристи буквално од целиот свет. Сѐ повеќе луѓе од различни земји се запознаваат со убавините на Македонија и нејзината духовна престолнина – градот Охрид. Забележливи се и зачестени посети на старите локалитети и цркви не само од странските туку и од домашните туристи, кои во сѐ поголем број се од помладата генерација. За Охрид старите патописци пишувале и известувале воодушевени од убавината на стариот град и прастарото езеро, а денешните туристи ги пренесуваат убавините на Охрид преку паметните уреди и интернет-мрежата, на која можат да се пронајдат информации и податоци за Охридскиот Регион пишувани од дамнешни времиња до денес. Посетете го Охрид, градот на светлината, духовната престолнина на Македонија.
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)

































