Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Во минатиот век од новинарите бил нарекуван „Рим на Балканот“, а пред векови патописците за Охрид запишале дека уште од дамнешни времиња претставувал „Ерусалим на Европа“. Охридската архиепископија оставила голема трага, не само во минатото на македонскиот полуостров туку и во светската историја. Уште во претходните векови, во Јустинијана Прима, Лихнид имал посебно значење како голем духовен и книжевен центар. Тука живеел и Еразмо Лихнидски, а од Лихнид потекнуваат и неколку македонски светители. Многу одамна во духовната престолнина на Македонија и жените биле ѓаконици во црквата, што се чита дури и од еден од зачуваните мозаици во Охрид. Стариот Лихнид бил важна станица на римскиот пат Виа игнација, кој претставувал реконструкција на стар пат изграден од Македонската Империја. Традицијата на образованието, уметноста, градителството и медицината од антиката е потврдена преку движните и недвижните археолошки пронајдоци, кои заедно со литературните извори покажуваат дека дури во средниот век се забележувале траги од древното знаење од антиката. Истражувачи, патописци и научници од целиот свет со векови објавувале свои видувања, проучувања и толкувања на историските случувања, природните ресурси и културното наследство на Охрид. Организираноста на населението што живеело меѓу ѕидините на стариот град се забележува и во вековите кога се појавувале заразни болести, па затоа постојат цркви што се нарекуваат „Свети Никола Болнички“ и „Света Богородица Болничка“. За Охрид постојат податоци што ги воодушевуваат и најупатените проучувачи на македонската историја. Една од најголемите христијански земји во светот – Русија, го добила христијанството токму од македонскиот Охрид. Најстарите руски средновековни епиграфски споменици претставуваат копии на пергаменти од Македонија. Дури и „Новгородските ливчиња“ и „Остромировото евангелие“ претставувале изработки според подарокот што македонскиот цар Самуил ѝ го подарил на Русија. Руските историчари пишуваат не само дека „Киевска Русија ја примила христијанската вера од Охрид“ туку и дека порано „Руската црква била една од епархиите на старата Охридска архиепископија“. Во книгите на руските историчари може да се прочита и дека првите руски светци биле канонизирани од охридскиот архиепископ Јован Дебарски.

Архиепископот Леон, кој ја изградил црквата „Света Софија“ врз основите на старата црква од Јустинијан, која била градена врз уште постар храм, исто така патувал во Русија. Во вековите подоцна, кога Охридската архиепископија управувала со православните цркви во Далмација, Малта, Сицилија, Венеција и во други делови на Италија, забележано е дека повеќе од десет охридски архиепископи патувале во посета на руските цареви. Во една руска книга што ја читавме додека го подготвувавме овој документарен филм, пронајдовме и запис за народно предание за некаков престој на Исус во Охрид. Познато е дека градот бил нарекуван Ерусалим на Европа поради тоа што имал 365 цркви, по една за секој ден во годината. Постојат записи и истражувања што го поврзуваат Охрид со Ерусалим не само преку симболиката на стариот град и црквите туку и преку поврзување на тврдината со времињата на библиските цареви Давид и Соломон. И покрај тоа што многу историчари тврдат дека во големите градови се градело налик на Ерусалим и храмот на Соломон, многу веројатно е дека постои нешто од минатото на Охрид за кое денешната цивилизација сѐ уште нема доволно свест за спознавање.
Значајна е активноста на еден од најголемите трибуни на богомилското учење – Василие Врач, за кого се знае дека бил роден во 1028 година, во некое село од охридската околија, а како млад живеел како монах во манастирот „Св. Пантелејмон“, работејќи во манастирската болница. Таму добил одлично медицинско образование, но бил оспособен и за астрологија, филозофија и други науки. Во текот на неговиот живот се прочул како одличен лекар, многу образован и културен човек, кој бил познат оратор и проповедал против угнетувањето и ограбувањето на народот. Создал посебен ред на учење во кој посветил десетици ученици. Со своето дејствување претставувал опасност не само за болјарите и догмата туку и за царскиот двор. Забележано е дека „носел монашка облека, а бил лекар“. За врачот од Охридско, народниот лекар Василие, кој стекнал толку големо знаење со кое предизвикал голем бунт, Теофилакт Охридски запишал дека се обидувал да го наговори на покајание уште пред да биде осуден од судот во Цариград. Непопустливиот Василие Врач и 12 ученици биле осудени на смрт, по што биле намамени во Цариград каде што ги чекала клада…
Охридските архиепископи низ вековите оставиле значајни записи за животот и културата на овие простори. Забележано е дека во почетокот на 12 век во Охрид доаѓале лекари од територијата на денешна Италија, а во Охрид бил роден и еден од најучените луѓе што темелно ги проучил делата на Хипократ и Авицена – Буда Бен Москони. Еден од најпознатите патописци што поминал на овие простори, Евлија Челебија, во 17 век забележал дека во тоа време сите градови во Македонија имале свои чешми со чиста вода, единствено во градот Охрид не биле изградени чешми бидејќи населението пиело езерска вода.
Од преводите на старите записи и нивните толкувања од истиот век, дознаваме за поврзаноста на Охрид со Јустинијана Прима. Именувањето на охридската тврдина како Самуилова најверојатно започнало од 20 век, поради пропагандни и политички цели. Во записите од 19 век, особено во описите на градот од роднокрајните автори, никаде не се сретнува податок дека тврдината била нарекувана од народот според цар Самуил, туку можат да се прочитаат сосема други информации. Во некои текстови, од пред речиси два века, се забележува и дека езерото од нашите преродбеници во тоа време било нарекувано и Лихнидско.
продолжува
м-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)


































