Крал Марко – последниот христијански крал на Македонија (1)

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Ова е приказна за кралот Марко. Средновековниот владетел на Македонија. Последниот христијански крал. Во Македонија уште има живи спомени за силниот Марко Крале. Вистинска историска личност, човек што заедно со Александар Македонски и Свети Климент Охридски биле најпрочуените луѓе од Македонија. Името не му загинало, а во Македонија уште се раскажува дека кралот Марко бил жив и се криел во своите пештери низ Македонија. Пред секој Велигден излегувал да ги посети неговите тврдини и само праведните можеле да го видат, а ќе се врател кога мечот ќе му излезел од каменот…
Бил голем јунак. Како и Александар со Букефал, и тој имал верен коњ, кој му бил другар и го придружувал во сите среќи и несреќи. Легендарниот придружник на Марко бил коњот, кој во преданијата и песните останал запаметен како Шарко, Шарац, Шарколија. Марко и Шарко кај што стапнале, останале траги што денес се викаат стапалки, ступалки, стапки. Ридовите од кај што скокале се наречени Маркови и Шаркови ридови. Таму кај што ручале – Маркови трпези. На местата каде што Марко заседнувал да пие вино – Маркови меани. Нема друг јунак што оставил толкава трага во топонимијата на денешна Македонија. Народните песни зачувале многу песни и преданија за неговите јунаштва и подвизи, за неговиот љубовен живот и многуте невести, па дури и дека оженил самовила, но и за неговите пријатели и непријатели, пијанства, итроштини, обложувања, инаетења и фалби. Најчесто е претставен како храбар и силен човек, кој бил праведен кон послабите и немоќните и суров кон неправдите, за кралот Марко се зачувани најмногу преданија, песни и легенди од сите историски личности од Македонија…

  • Кралот Марко од Македонија бил жив. Така раскажувале старите, така кажуваат и денес…

Едни од најстарите зачувани патописи за Македонија ги раскажуваат последиците од Косовските битки и Маричката битка, а споменот за Марко Крале oстанал жив од 14 век, кога тој владеел со Македонија, па до денес, втората деценија од 21 век. Разликите помеѓу историскиот и митскиот лик на Марко може лесно да се воочат, како и сличностите помеѓу неговите историски биографии и народните песни и преданија.Чичко му Углеша владеел со седиште во Сер, а татко му Волкашин бил челник во Прилеп. Владееле со територијата на Македонија, како и цар Самуил векови пред нив. Откако Волкашин ги зазел и Скопје, Призрен и Пеќ, веројатно Марко бил роден или во Прилеп или некаде во околината на денешно Скопје, а многу е возможно и да се точни информациите од старите книги за неговото вечно почивалиште, повторно во близината на Скопје. Во Марковиот манастир кај Скопје и црквата „Свети Димитрија“ во Прилеп уште можат да се видат фреските на кои е прикажан кралот Марко.

Поглед на Маркови кули: Кралот Марко оставил голема трага во топонимијата на денешна Македонија / Фото: „Нова Македонија“

Според историчарите, Марко се родил во 1335 или во 1345 година.Она што се знае е дека бил син на Волкашин и Елена, која по смртта на Волкашин се замонашила како Евросима, дека имал браќа и сестри, а историчарите немаат пронајдено официјален податок за Марковото потомство. Сепак, народните песни зачувале спомени за децата на кралот Марко, a неговиот син и ќерка се опеани во повеќе народни песни. Во многу патописи е запишано дека од времето на Марко, па до пред еден век, ретко кој немал слушнато за Крале Марко од Прилеп. Историските податоци за Марко Крале се многу помалку од митовите, преданијата, легендите и песните за еден од најголемите митски јунаци не само во Македонија туку и пошироко.
Што се случувало во Македонија пред и во векот кога живеел кралот Марко? Владеењето на средновековната династија Немањиќи со Македонија било од освојувањето на Скопје од Милутин во 1282 и договорот со Карло од Валоа кога ги добил како мираз териториите околу Прилеп и Штип, кои бил меѓата на Овче Поле, па до пред првата битка на Косово во 1369 година, кога сите српски велможи и кнезови поддржани од царот Урош изгубиле битка со Волкашин и Углеша, а Урош бил заробен од нивната голема војска. Последниот српски цар е четврто колено од Милутин, син на Милутин бил Стефан Дечански, кој бил делумно ослепен поради учество во бунт против татко му и во житието му пишува дека Свети Никола му го вратил видот на Овче Поле, негов син бил Стефан Душан, кој се крунисал во Скопје, а негов последниот, кој немал потомство, бил Урош. Волкашин му бил кум на Стефан Душан, го венчал и го крстил син му.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)