Донка Ушлинова

Донка и мажот ѝ Ставре, опијанети од мечтата да ја видат Македонија слободна, оставаат сѐ што им било мило и драго и први се запишуваат како доброволци во Македоноодринското ополчение – 8 Костурска дружина, командувана од познатиот војвода и капетан Никола Парапанов, и земаат учество во многу судири, каде Донка особено многу се истакнува во борбите при фаќањето на Јаверпаша…“ За покажаната храброст била наградена со два ордена за храброст од трет и четврти степен

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (11)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо
Ковилоски е универзитетски професор.

„Донка комитката“ шепотеле со страхопочит нејзините другари, соборци од македонската револуционерна организација. „Донка комитката“ шепотеле со страхопочит и нејзините непријатели, разни аги, бегови, зулумџии. А Донка била позната и по повеќе презимиња: Ставрева, Христова, Богданова, Ушлинова и Ушлиновска.
Оваа револуционерка родена во Смилево, во 1880 година ја дели судбината со уште една комитка, Сребра Апостолова. Нивните животни патишта се вкрстуваат, се преплетуваат и на крајот создаваат приказна вредна за епски роман. Имено, двете комитки, заедно со Апостол Ушлинов, се главните протагонисти во убиството на познатиот злосторник Џелал Реџо Суљов од битолското село Лера. Суљов бил озлогласен поради неговото насилство врз селото и целата негова околија. Неговото убиство се случило во август 1902 година, значи кога Донка имала дваесет и две години. Суљов долго време ги задевал двете жени, особено Донка, чиј сопруг во тоа време бил заминат на печалба, па не можел да ја одбрани нејзината чест.
Една вечер, откако насилникот пристигнал во куќата на мајката на Сребра, Петрана, бил фатен и бил парчосан од страна на заговорниците. По убиството на Суљов, Донка, Сребра и Апостол биле пречекани од реонскиот војвода Славејко Арсов, кој им дал комитски облеки и ги примил во својата чета. Целата околина и целиот Битолски револуционерен округ разбрале за случката, при што војводите Георги Чуранов, Тома Давидов и Ѓорѓи Сугарев нашироко го прераскажувале настанот. Сугарев дури ги примил и како четници во својата чета. Од тој момент започнала револуционерната дејност на Ушлинов(ск)а. „Тоа беше една смела акција, која по својот карактер и генијален начин на исполнување ги стресна властите“, ќе запише Христо Настев. Оттогаш се создала легендата дека „и каурките станале комитки“.
Важно е да се спомене дека за нивната храброст постојано пристигнувале пофалби, па по почетокот на Илинденското востание, со четата на војводата Арсов, Донка и Сребра активно учествувале во повеќе борби со турскиот аскер. Нивните соборци раскажувале дека двете биеле дури дваесетина битки. Со точни датуми и места ги евидентиравме следните борби во 1903 година, со датуми предадени сите според стариот начин на сметање: на 2 јули во Ресен, на 6 јули во селото Крушје, на 10 јули во селото Лева Река, на 20 јули крај селото Смилево, на 18 август во селото Златари. Во борбите „Донка покажа таква ладнокрвност и херојство што ги восхити своите бојни другари. Самиот војвода Славчо Арсов и подвојводата Георги П. Чаушев и војводата Сугарев ја посочуваат како пример за четниците и на локалното востанато население и ја прогласуваат за подвојвода“ (подвлечено во оригиналот – белешка на С.К). Тоа било опасно време, а битките ја исцрпувале телесната и психичката сила на борците, но Донка покажала извонредни способности да ги надмине сите пречки.

По задушувањето на востанието, Донка била прераспределена во четата на војводата Смиле Наумов (Смиле Охридски). Сепак, ситуацијата станала крајно тешка. Моралот кај населението бил опаднат, четите се растуриле, а аскерот секојдневно ги пребарувал селата и планините. Во вакви вонредни околности четите постојано се движеле низ планините, поминувајќи ладни ноќи без да смеат да запалат оган за да не бидат забележани од непријателот и поминувајќи секакви теренски пречки. Во таква состојба, четите започнале евакуација. Голем дел од нив се упатил кон Бугарија, а со нив тргнала и Донка. Сепак, патот не бил лесен, па следувале уште борби со аскерот. Најпрво се судриле кај Демир Хисар, потоа кај Прилеп, а потоа и во селото Орлово, меѓу Прилеп и Велес. Четата на Донка се обединила со четите на војводите Георги Попов и Андон Ќосето, па преминувајќи го Вардар, покрај велешкото село Башино Село и Куманово, без поголеми борби ја преминале турско-српската граница. Со помош на македонското друштво во Белград добиле материјални средства што им биле доволни за да пристигнат во Софија. Приказната на Донка, барем засега, имала успешен тек, бидејќи од Софија заминала во Варна, каде што го пронашла својот сопруг. Тука поминале неколку години мирен живот, сѐ до моментот кога започнала Првата балканска војна.
„Донка и мажот ѝ Ставре, опијанети од мечтата да ја видат Македонија слободна, оставаат сѐ што им било мило и драго и први се запишуваат како доброволци во Македоно-одринското ополчение – 8 Костурска дружина, командувана од познатиот војвода и капетан Никола Парапанов, и земаат учество во многу судири, каде Донка особено многу се истакнува во борбите при фаќањето на Јавер-паша…“ За покажаната храброст била наградена со два ордена за храброст од трет и четврти степен. Донка и Ставре како доброволци во Вториот македонски полк учествувале и во Првата светска војна, од каде што Донка излегла со Орден за храброст од прв степен.
„Донка е пониска на раст и црнка, но со строго изразени очи. Особено љубезна и секогаш со задоволство прикажлива, лесно се приспособуваше кон сите, како добра собеседничка“,ќе забележи во една пригода Христо Настев. Самата Донка со гордост раскажувала: „За време на целата војна бев во редовите и ја крепев службата рамноправно со мажите. И не само што не ми здодеаја тешкотиите на воениот живот, туку, напротив, чувствував задоволство од стихијноста на битките. Кога се испраќаа охрана и телеграми, секогаш бев во првите редови“.

По завршувањето на војните, Донка и Ставре добиле еднократна парична помош со која изградиле мала куќа во Варна. Тука, во 1924 година на свет го донела нејзиното единствено дете, „крстено од Варненската илинденска организација на името на великиот македонски цар Александар“. Починала на 26 јуни 1937 година.
Остануваат запаметени нејзините зборови: „Среќата може да се менува; уметностите се губат; трговијата може да опадне; богатствата, блесокот и раскошот, силата и владеењата можат да завршат, но славата, славата е бесмртна и неразурнувачка, таа останува вечно кога империите и династиите исчезнуваат“ (подвлечено во оригиналот – белешка С.К.). Тоа и се случило. Во име на повисоките идеали, во име на славата и бесмртноста, таа повикувала на борба: „За кого сте ги оставиле жените и децата? За што сте тргнале за умирате – За Македонија! Да, за Македонија, која ги има убавините на рајот, но која ѕверските врагови на нашето племе ја претвориле во пекол“. Па ете, за славата и за татковината, Донка го исполнила својот долг.

Д-р Славчо Ковилоски