Како Македонците ги граделе Солун, Софија, градови во Србија, Романија… (6)

Сведоштва за преселбите на македонските печалбари како градители, врвни мајстори и градежни работници, со посебен осврт кон дебарските градители, со документирани историски сведоштва и извори преку извадоци од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски…

Крушево е расположено во пазувите на западните ограноци на Баба Планина и Бушова Чешма, на надморска височина од 1.250 метри. Тоа е опколено со густа букова шума, која месното население ја вика Коријата. Во османлискиот период, градот административно припаѓал кон Битолскиот вилает, а црковно ѝ припаѓал на Охридската епархија.
Градот е формиран од Каракачани и бегалци од градот Москополе, на кои им се придружиле и бегалци од Дебарско, прогонети од албанските банди. Првите преселници, според преданието, се: Илковци од Лазарополе, Силјановци од Тресонче, Осојковци од Осој, Гарци од Гари, Аврамовци од Галичник, Грковци од Сушица, Максимовци од Гари. Сите тие дошле од Дебарската Област – Мала Река. Нивната преселба била постепена, додека бројот достигнал до 400 куќи, со околу 200 жители. Местото каде што се населиле било беговски чифлик, познат под името Крушата, од каде што и го добил името денешниот град Крушево.
Преселниците од дебарските краишта биле ќаи, со големи стада од овци и крупен добиток. Меѓу нив имало преселници и од големи христијански села: Староец, Грево, Мелане, Илиница, Трново и други што потекнуваат од полите на Два Браќа Планина. Оваа богата земја и пасишта се наоѓаат во Дебарската Област – Долни Дебар. Наспроти развиениот стопански живот во својот стар крај, поради притисоците и зулумите од албанските разбојници, тие биле принудени да емигрираат, кој каде може да појде. Меѓу нив имало и богати ќаи, кои со стадата тргнале на долгиот пат кон областа Мала Река, каде што имало убави пасишта за овците. Но, не за долго, и таму престојот им бил нарушен од бандите.
Според преданието, не поминале 20 години, албанските разбојници и тука продолжиле да ги ограбуваат и да ги опустошуваат нивните имоти. Поради тоа тие заедно со месното население биле принудени да бегаат и да бараат нов простор за населување. Дебарската маала го зазела западниот дел на Крушево, во која биле изградени ниски куќи, наспроти двокатните куќи покриени со плочи што ги имале во своите родни места. Меѓутоа, разбојничките напади не мирувале и тука во Крушево.
Дебарските албански банди, навикнати на грабежи на стока, стигнале дури до Крушево, поради што почнало да опаѓа сточарството. Поради тоа, сите дебранци го напуштиле сточарството и се оддале на мајсторство и тргнале на печалба по Серско, Драмско, Кавала и други места. Тие го напуштале Крушево кон крајот на есента и зимата, а се враќале кон летниот Свети Никола. По ослободувањето на Бугарија, еден дел одел на печалба во оваа земја, а помалку во Србија. Така, сето машко работоспособно население се занимавало со печалбарство бидејќи немало други услови за економски опстанок во Крушево. Притоа, веќе биле нарушени старите традиции момчињата да се женат само за дебранки. По Илинденското востание, тие почнале да се женат и за Влаинки. Свршувачките и свадбените обичаи се одвивале според дебарските принципи, од Петровден до Илинден. И носијата им била чисто дебарско-реканска, како на жените така и на мажите. Тоа продолжило до 1903 година, а оттогаш почнала и влашката носија – фустани и панталони.
Верските обреди и празници во прво време ги одржувале во градската црква „Св. Никола“, која била патријаршиска, но еднаш во годината, и тоа на Велигден, се пеела на старословенски „Оче наш“. Вредните раце на дебранците во 1868 година ја изградиле новата црква „Успение на Св. Богородица“ во својата маала, каде што свештенодејствувал поп од Струга. Но веќе почнале и борби со патријаршиските владици за богослужба на мајчин јазик. Веќе во 1870 година се стекнале со право на одделна црковно-училишна општина. Притоа, основното училиште работело во приватни куќи. Дури во 1885 година, била подигната посебна училишна зграда.
Крушево испиша светли страници за македонската историја за време на Илинденското востание. Градот ја издржа херојски освоената слобода цели 12 дена, позната како Крушевска Република. Малкуте крушевски востаници храбро ги бранеа суверенитетот и слободата наспроти десетилјадната армија на Бахтијар-паша. Така, Илинден 1903 година стана симбол на непокор и го прослави името на Крушево во целиот свет.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија

крај