Кај што течело, пак ќе тече (1)

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгите од Никола Ристевски, магистер по маркетинг -менаџмент, публицист и продуцент

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

М-р Никола Ристевски

Набљудувајќи ги древните творби од денешна точка на перцепција, можеме да дојдеме до заклучоци што би биле аналогни со информациите достапни во широко популаризираните книги и учебници, но не и со самата вистина преку која и поради која се создадени тие древни градби. Во минатото како да постоеле два паралелни света, еден на обичните луѓе и еден на владетелите – градители. Преку созерцувањето на самите градби, нивната поставеност во однос на основните природни маркери и начинот на ѕидање, би можеле да дојдеме до состојба на свест, од која јасно може да се определи различноста во спознавањето на реалноста – тогаш и сега. При набљудување на теренот во пониските делови на Македонија, сведочиме за конфигурација од која може да се издвојат три различни вида: ридови (повисоки од 600 метри надморска висина), висорамнини (на најчеста надморска висина од 300 до 550 метри) и огромна површина на обработлива рамна површина. Последните се забележуваат не само овде туку и во повеќе делови на Македонија, особено во регионот од Овчеполието до Дојранско Езеро. Сеќавањата од не толку одамна, сведоштвата пренесени од пред две генерации, јасно говорат дека пред еден век флората и фауната биле значително поинакви од истите денес, а тоа е само пред стотина години, и сал Бог знае како било пред илјадници. Во близината на многу села постојат месности што носат име што потсетува дека таму некогаш имало голема стара населба. Топонимите Голем Град, Мал Град, Стар Град, Нов Град, Градче, Градиште јасно укажуваат дека некогаш баш овде имало развиени древни населби. И тоа од различни ери и епохи.

Фото: „Нова Македонија“

Речиси сите стари цркви биле изградени непосредно до извори на вода. Дали во древните времиња на истите тие места имало храмови или градби со некаква друга намена, не знаеме. Знаеме како да ја определиме поставеноста на истите тие според страните на светот. Но, не треба да заборавиме дека не толку одамна север и не бил баш онаму каде што е сега. Присуството на скаменети школки под самите врвови од ридовите, дополнително ја зголемува мистеријата околу прастарото езеро. До каде му било дното не е познато, како што не е утврдено и колкава била висината на нивото на водата. Присуството на многу површински артефакти, од кои повеќето со сигурност можат да се датираат во периодот кога територијата од Дојранско Езеро до Овче Поле била населена со пеонски племиња, сведочат за неистражената стара цивилизација. Веќе пронајдените пајонски свештенички и нивните прибори за режење на афионовите чушки, предизвикаа многу прашања за начинот на живот на древните народи. Доколку сегашното ниво на вода под Република Македонија се подигне со само неколку стотини метри не само што би станувале пловни Пчиња и Брегалница туку би се отвориле и каналите од Водно до Солун. Дали остатоци од некогашното прастаро езеро и ден-денес се под земјата што ја газиме? Многу веројатно.

Фото: „Нова Македонија“

Кога човек ќе се умори од демистифицирањето на народните легенди и преданија, преминува кон мерење на она што е опипливо од сетилата. Привилегија е да се битисува во земја со многу видливи и невидливи творби. Овде Пеонците биле изгорени до темел од Римјаните, овде биле и последните војни на Македонците и Пеонците против окупаторите. Тоа било пред околу 2.160 години, исто колку што треба и за еден астролошки циклус. И намерно и случајно, Рим е обратно од Мир, а Рома од Амор, сите ликови се вистински, а приказната под притисок да престане. Но никогаш нема да можете да го контролирате раскажувањето на приказните. Тие го содржат светот, она што е свето и опстанало, пркосејќи му на времето. Тука библиските топоними се присутни низ целата држава, тука – каде што сѐ до градењето на железничките пруги народот функционирал со размена, иако парите постоеле. Кај што течело, пак ќе тече.

продолжува

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)