Фото: „Нова Македонија“

Цар Александар Македонски: приказна од Пеонија – втор дел

„Нова Македонија“ во пресрет на датумот на раѓање на Александар Македонски, за кој се претпоставува дека бил меѓу 20 и 23 јули, објавува ексклузивен
фељтон на Никола Ристевски, кој како долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство дава приказ за ликот и делото
на големиот македонски војсководец, неговата поврзаност со Македонија, како и за неговото светско наследство

Пред неколку века „модерните научници“ ги измислиле термините „Грција“ и „Балкански Полуостров“, со што продолжила старата агенда за бришење на споменот за големото царство на сонцето и мајката земја – Македонија. Во прилог на тоа оди и постојаното прераскажување за приказните за Нектанебо, за тоа дека Александар наводно не го почитувал татко му, па и дека не бил син Филипов. Многу модерни автори, налик на генерации од постарите, одбрале понекоја епизода од записите за животот на Филип и Александар, па врз основа на мали фрагменти создале „од мравка – слон“. Кои татко и син во Македонија не се скарале барем еднаш во животот? Само Филип и Александар ли биле цар и принц што имале недоразбирања? Чиј син бил, ако не Филипов? Кој му ја дал власта и го сторил регент на 16 години? Улогата на најголемиот маж во Европа – царот Филип Македонски, во животот на син му Александар најчесто е омаловажувана, а значењето на царот Филип за основите на империјата, која син му ја проширил до крајот на светот, тенденциозно е намалувано и прескокнувано. Александар тргнал кон Персија за да ја продолжи „светата војна“ што татко му ја започнал поради историјата на нивните предци. Александар растел со приказните за лозата на Аргеадите, во неговото време легендите за Дионис, Херакле и Персеј биле преданија за настани што навистина се случиле, а записите на Хомер не се читале како митови, туку како историја што навистина се случила. Александар го продолжил она што го започнал татко му Филип – создавање на најголемата држава во светот.

Во меѓувреме, во Атина, Демостен го учел граѓанството не само да го мрази туку и да ги проколнува Филип царот македонски и целиот македонски народ. Храброста на Александар се покажала токму против оние што за Македонците имале најпогрдни зборови. Битката кај Херонеја е настан што не само што бил запаметен од историјата туку е прераскажуван и во денешницата. Штитењето на ранетиот Филип од син му Александар, решителноста на наследникот на Македонското Царство и одлучноста што во екот на битката биле препознаени од најискусните генерали донеле до голема победа на Македонија. Според некои историчари, големата победа на Македонците се случила на 2 август пред 2.360 години. По оваа битка била оформена таканаречената Коринтска лига, која останала пример за обединување на регионално ниво и која била дополнета на светско ниво со вклучувањето на Спарта и успесите на Александар и неговата армија. Воениот потфат на Филип бил дополнет со одлична дипломатија и подготовките за големиот поход почнале да се обзнануваат. Македонците тргнале на исток, а не Хелените. Македонската држава била не само најголемата воена сила во Европа туку и центар за развој на образованието, медицината и многу други науки и расадник за уметници, кои создавале дела што не можат да се копираат до ден-денес. Македонското Царство изградило градови и пристаништа на три континенти и ја проширило македонската култура низ светот. Во времето на Филип Македонски и неговиот син Александар не постоела никаква држава со име Грција, ниту пак некаква си држава Хелада. Постоеле разединети и раскарани градови државички, кои со векови биле во постојани меѓусебни конфликти. Припадноста на Македонците кон Хелените категорично е отфрлена не само од модерните историчари туку и во старите записи. Самите градови држави потпаднале под итрината на Филип, кој манипулирајќи ги, ги поставил основите на добропознатото „раздели, па владеј“. Многумина често знаат да кажат како Филип и Александар наводно морале да бидат добри кон Атина и другите градови затоа што Македонија немала бродови. Сепак, забележано е дека уште во 334 година, Александар ја распуштил флотата од градовите држави. Пешадиските трупи од градовите држави не учествувале во ниту една голема битка во походот на Александар Македонски. Многу претставници од таканаречената „славна Хелада и голема Грција“ се бореле на страната на Персија, против Македонија. Градовите држави се обидувале да се истакнат како „повисока раса од македонските варвари“. Предавници и заговорници што не пропуштале можност за интриги и сплетки. Кога во 336 година пред нашата ера, како и многу кралеви и цареви пред него, Филип бил убиен, граѓанството од градовите држави не само што се радувало на смртта на македонскиот владетел туку и пропагирало дека плановите за поход наводно ќе се прекинеле. Нивната ароганција и непослушност по вторпат биле сурово казнети од Александар, повторно во Теба, по што на сите им било јасно за силата на македонската држава.

Историчарите забележале дека некои од Македонците имале можност да бидат вклучени во другарите на царот и другарите на Александар. Дозволувањето на одбрани Македонци да бидат во непосредна близина на владетелот била традиција што Александар ја наследил од татко му Филип. И во негово време имало другари на кралот и другари на Филип. За разлика од градовите држави, кои немале своја војска, туку располагале со платеници, во македонската држава армијата била хиерархиски организирана, воено и ритуално подготвена и мотивирана не со пари туку со идеал. Македонија била мала за Александар, уште од дете знаел дека може да го завладее светот. Крунисувањето на Александар било според сите македонски древни традиции. Царот на Македонија ги продолжил подготовките што ги започнал неговиот татко. Тргнал од Македонија да го освои светот. Не бил прв што од овие краишта тргнал натаму. Походот на Дион бил стара приказна со големо значење. Тројанската војна кажувала малку поблиска историја до времето на Александар, а неприликите со Персиското Царство во претходните векови биле причина за обидот за обединување. Потврда за криењето на македонскиот јазик од официјалната историја се наоѓа и во официјалните термини за предмети, настани, војски и топоними од антиката. Походот на Македонците бил придружен со научници, лекари, филозофи, цели патувачки карвани што ја придружувале армијата. Македонската империја, која царот Александар успеал да ја рашири на три континенти за само една деценија, оставила непроценливо културно наследство на целата човечка цивилизација. Речиси секоја од модерните држави што се наоѓа на територија на која владеел Александар Македонски има зачувано археолошки локалитети, писанија и артефакти од големата Македонска Империја. За неполни 13 години, царот од Македон успеал да го покори не само Персиското Царство туку и многу други царства и кралства. Оние што биле цивилизациски подготвени за припадност кон некогашното едно светско царство, кое било воскреснато со империјата на Александар, го очекувале уште пред да стигне во нивните краишта, дури и го поканувале. Градовите и темните шумски и планински предели на Азија во кои имало остатоци од некогашните дејанија на предците на тамошните жители врз предците на Македонците, особено тие што покажувале отпор, ја претрпеле суровоста на Александар Македонски и неговата голема војска. Фаланга од одбрани јунаци, водена од Македонци што биле задоени со идејата и идеалот на Македонската Империја. Ниту Грци, ниту, пак, Хелени, туку Македонци на кои Филип им создал царство, а Александар империја.
Се знае дека за Александар пишувале неговите придружници и современици и познати автори од неколкуте века по него. За царските дневници за време на походот биле задолжени неколку групи на записничари, водени од Евмен и Диодот и Калистен. Во антиката биле објавени дела од Птоломеј, Аристобул, Неарх, Анаксимен, Езоп, Андростен, Калистен, Клејтарх, Критон, Дуриј, Еумен, Ефип, Хиерониј, Тимаген, Трог, Медиј и од други писатели, војсководци и историчари. Авторите чии дела за животот на цар Александар Македонски се користат во денешната литература, најчесто се Аријан кој читал од записите на Птоломеј, Аристобул и Неарх и ги објавил Анабасата и Индиката. Аријан живеел во вториот век од нашата ера. Плутарх живеел во втората половина на првиот и почетокот на вториот век од нашата ера и објавил опис на животот на Александар Македонски во неговото издание „Споредбени животи“ и два говори за царот од Македон во Моралиа. Квинт Куртиј Руф исто така, околу 4 века по времето на цар Александар ја објавил „Историјата на Александар Велики Македонски“, во која е користен материјал од Птоломеј и Клитарх. Друг често користен извор за Александар Македонски е „Филиповата историја“ на Јустин, скратена верзија на поранешната историја напишана од Трог. Еден од најстарите зачувани записи е и „Библиотека историка“ на Диодор Сицилиски од првиот век од нашата ера, пишувана според Клејтарх и Хиеронимуј. Во многу од преписите и преводите на старите записи се споменува дека за време на походот Александар испраќал и добивал многу писма од Аристотел и мајка му Олимпија. Дел од писмата на Александар за новиот свет што го откривал патувајќи на исток и наводни извадоци од царскиот дневник биле преобјавени уште во првите векови од нашата ера како „Секретум секреторум“.

Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)