Историја на маркетингот и маркетиншката мисла (2)

Различни категории од историјата на маркетингот го привлекувале вниманието на многу научници. Така, уште од раните 1980-ти години се развил интересот за историјата на побарувачката. Научниците што го проучувале однесувањето на потрошувачите започнале да ја истражуваат историјата на потрошувачкото општество. Други поткатегории на маркетинг-историјата, повеќе макроориентирани, повлијаеле врз развој на оваа наука во последните две децении на минатиот век

МАРКЕТИНГ И ПРОПАГАНДА: ПРИЛОЗИ КОН ПРОУЧУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈАТА НА МАРКЕТИНГОТ, МАРКЕТИНШКАТА МИСЛА, РЕКЛАМАТА И ПРОПАГАНДАТА

Фељтон на „Нова Македонија“ според текстови од книгата „Marketing and Propaganda – A brief history of: Marketing, Marketing thought, Advertising and Propaganda“, објавена на Амазон во 2023-та од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

Зголемувањето на бројот на публикации во последните две децении на дваесеттиот век придонесува за воспоставување на таканаречената „нова маркетинг-историја“. Од почетокот на 80-тите години на минатиот век, започнале да се одржуваат голем број специјализирани маркетинг-конференции, предавања и специјални периодични изданија, кои предизвикале огромен интерес за историското истражување на маркетингот. Од овој период како додаток на проучувањето на историјата на маркетингот и историјата на маркетинг-мислата се појавува најважниот научен додаток – научната дебата за користењето на методите на историското истражување на маркетингот.
Различни категории од историјата на маркетингот го привлекувале вниманието на многу научници. Така, уште од раните 1980-ти години се развил интересот за историјата на побарувачката. Научниците што го проучувале однесувањето на потрошувачите започнале да ја истражуваат историјата на потрошувачкото општество. Други поткатегории на маркетинг-историјата, повеќе макроориентирани, повлијаеле врз развојот на оваа наука во последните две децении на минатиот век. Корпоративниот и индустрискиот маркетинг започнале да се обработуваат во сѐ повеќе книги, а студирањето на историјата на маркетинг-системите – цели економии или системи на маркетинг, исто така се зголемило. Бизнис-историчарите оставиле многу материјали за проучување на „потрошувачкото општество“. Идеологијата зад многу од тие книги, како и при другите бизнис-историчари што пишувале и за историјата на рекламирањето, е полиберална и со зголемена критика на влијанието на маркетингот врз благосостојбата на потрошувачите. Најраните проучувања на историјата на маркетиншката мисла биле фокусирани на идентификување на првите скрипти, универзитетски курсеви и првите учители по маркетинг. Во 1960-тите научниците започнале да го определуваат развојот на клучните маркетинг-концепти и теории. Во 1980-тите и понатаму, се појавуваат многу повеќе софистицирани историски студии за влијанијата врз развојот на маркетиншката мисла и еволуцијата на училиштата по маркетинг, како и истражувања на важни теоретски развојни теории од минатото. Повторно се зголемил интересот за биографско истражување, иако обемот на трудовите на темата за историја на маркетиншката мисла се намалил во однос на тој за проучување на маркетинг-историјата. Една од теориите што биле предложени во 1960 година предизвикала многу контроверзија, но и го зголемила интересот кај маркетинг-историчарите. Тоа е историската етапна теорија за развојот на маркетингот – таканаречените четири ери на маркетингот.

Добрата маркетинг-историја ги препознава историските настани, кои не можат да се спознаат како што се знае сегашниот период. Историските настани се уникатни и не можат да се класифицираат. Историјата ги проучува акциите, изјавите и мислите на човечките суштества. Историските настани содржат извор за проучување на комплексноста на богатото човечко искуство. Историјата е дисциплина, а не единечно истражување или методологија. Постојат повеќе пристапи кон методолошкото истражување на маркетинг-историјата, од позитивни, до херменевтички, или од научни до традиционални. Како и маркетингот, и историјата е општествена наука. Социјална наука што се стреми да оформи хипотези тестирајќи и развивајќи теории, класификации и квантификации на податоци, статистички анализи и генерални информации. Во историското истражување на маркетингот се користени сите методолошки пристапи, иако постмодерната ги критикува старите историско-истражувачки методи во маркетингот. Некои автори ја разликуваат филозофијата на историјата и историскиот метод. Се појавуваат сѐ повеќе научни трудови за периодизација на научната дисциплина маркетинг.
Историјата додава перспектива, ги зголемува увидот и контекстот при проучувањето на научната дисциплина маркетинг. Историјата овозможува рамка во која може да се гради и интегрира стекнатото знаење. Мора да знаеме каде сме биле, за да разбереме каде се наоѓаме сега и да знаеме кои прашања веќе биле одговорени, а за кои треба понатамошни студии. Историјата на маркетингот и маркетинг-идеите не секогаш биле популарно или наградено поле на научно истражување. Тоа се менувало низ децениите, иако постоел период во кој, ако не во другите, во докторските студии по маркетинг било задолжително изучувањето на историјата на маркетиншката мисла, што денес е сѐ поретко.

Историското проучување на маркетингот се развило на природен начин, од прибележување на фактите за основите на научната дисциплина, до студии за маркетинг-практиките и идеите за тие практики, па и до училиштата и временските периоди на развој на науката. Кон крајот на минатиот век, маркетинг-историчарите го рашириле полето на истражување на историјата и овозможиле појава на нови методи за истражување на историјата на маркетингот. Семинарите и предавањата на теми што ја засегаат историјата на маркетингот и развојот на маркетиншката мисла се сѐ почести во новиот век и научниците јавно дебатираат на теми како приоритети за идното истражување на маркетинг-историјата. Има потреба за поголема синтеза и контекстуализација на маркетинг-историјата и историјата на маркетинг-мислата. Многу од објавените студии се фокусирани само на маркетинг-практиките и идеите, без да ги земат предвид социјалните, економските и политичките услови на периодот што се проучува. Затоа и се прават напори за спојување на историјата на маркетингот со историјата на маркетинг-мислата. Како одделна дисциплина, маркетинг-историјата сѐ уште ги прави почетните чекори во таа насока. Маркетинг-историчарите треба да овозможат нивните трудови да бидат компатибилни за современото образование по маркетинг. Маркетинг-историјата и историјата на маркетинг-мислата треба да се интегрираат во додипломските и постдипломските студии, затоа што ултимативниот тест за една академска дисциплина е способноста да нуди вредни предавања од повеќе аспекти на својата научна област. Живата научна дисциплина маркетинг овозможува постојано истражување на минатото, но и на сегашните процеси, со што се овозможува зголемување на обемот на научните трудови и проширување на полето за проучување на човечките, пазарните и општествените карактеристики на човечкиот живот.

Периодизација на историјата на маркетинг-мислата:
1900 – откривање на основните концепти и нивно истражување
1910 – концептуализација, класификација и дефиниција на термините
1930 – интеграција на основните принципи
1940 – истакнување на новите барања и поголем научен пристап
1950 – преиспитување на концептите, поттикнување менаџерски пристап, социјален развој и квантитативни истражувања
1960 – диференцијација на основите, како менаџмент, холизам, животна средина, системи и интернационализам
1970 – социјализација, адаптирање на маркетингот на социјалните промени

Според Роберт Бартелс
Седумте патеки на еволуција на научната дисциплина маркетинг:
Продажба (стари времиња – 18 и 19 век)
Продажба, рекламирање (крај на 19 век)
Продажба, рекламирање, маркетинг-истражувања (20 век)
Маркетинг-одделите развиваат балансирана маркетинг-програма, која ги координира сите инструменти од маркетинг-миксот (20 век)
Пазарно ориентирани компании (20 век)
Причинско–последични врски во маркетингот (20 и 21 век)
Интернет-маркетинг (21 век)Според Бун и Курц (1999); Кант (2004); Котлер и Миндак (1978); Страјдом (1999)

М-р Никола Ристевски

продолжува