Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“ во ноември 1998 година
Нове Цветаноски: Разнесено наследство (9)
Во оваа публикација се изнесени само најзначајните релевантни податоци и сознанија за уништувањето, разграбувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство (ракописно, археолошко, етнолошко, сакрално) и оваа книга беше првиот обид во кој интегрално беше третиран проблемот со уништувањето и разнесувањето на сите видови културно наследство на Македонија. Ваквиот преглед на фактографски податоци и сознанија можеби никогаш не ќе може да биде сеопфатен, затоа што за многу разграбувања и уништувања не се зачувани податоци или, пак, податоците за тоа се прикриваат во земјите од каде што потекнуваат извршителите или во чие име се извршени тие нецивилизациски постапки. Но овој преглед е обид да се даде одговор на прашањата: како и од кого е уништувано, како е разграбувано, каде е носено и каде се наоѓа денес македонското движно културно наследство, односно кои значајни артефакти од македонската територија во кои музеи, библиотеки и колекции се чуваат денес во светот.
Во документот што го оставија српските власти (откако српските црковни, воени и световни власти го прибраа пленот од македонските цркви и манастири во војните од 1912 до 1918 година) за она што го ограбиле и го опустошиле бугарските војски и емисари во истите војни има податоци и за сакралните објекти во Гевгелиско, кои најчесто биле урнати или оштетени од 1916 до 1918 година. И таму, освен подвижен имот, биле носени и сите други црковни предмети, од камбаните и свештеничките облеки до кандилата и свеќите. Направена била огромна материјална штета, но уште поголема била штетата со ограбувањето на предметите што му припаѓаат на македонското културно наследство.
Од црквата „Свети Спас“ во Гевгелија, меѓу другото, бил изваден и однесен иконостасот, сосе двери, северна и јужна врата, шест царски икони, 16 икони со Господови и Богородични празници, 16 апостоли и икони во разна големина, како и сребрен крст и 30 црковни книги. Во 1916 година биле урнати и оваа и другата градска црква „Света Троица“, од каде што, исто така, бил однесен иконостасот – сосе северни и јужни врати, осум царски икони, 20 икони со Господови и Богородични празници, 14 апостоли и икони со Христовото распетие, но и 30 црковни книги. Од молненската црква (исто така урната) биле земени иконостасот со икони и три двери, свет крст, свето евангелие оковано со сребро, 18 црковни книги, од грчишката црква: осум големи царски икони и уште пет во разна големина; од црквата во Давидово – десет разновидни црковни книги, а од Богданци – 15 икони, од кои пет големи (тронски).
Од црквата во Ѓавато, пак, во 1917 година биле однесени 36 икони, од кои 12 големи, свето евангелие оковано со сребро, сите црковни книги (а потоа црквата била разурната), од паљурската црква исто така, меѓу другото, биле земени десет големи и 20 помали икони, евангелие и црковните книги; иконостасот бил уништен и во црквите во Стојаково и во Богородица. Црковните книги биле однесени и од црквата во Негорци; од мрзеначката црква – полн сандак со книги и иконостасот заедно со иконите, а како и сиот друг имот не биле поштедени ниту книгите во прдејската црква. Голем е списокот на однесени предмети и од хумската црква, од каде што, на пример, во 1919 година, покрај другото, биле „прибрани“ иконостасот со иконите, сите црковни книги, едно евангелие и сребрен крст.
Во 1919 година бил направен список и на оштетувањата и грабежите во црквите и манастирите во Кавадаречко. Според тој список на црковните лица, од црквата во Дреново, на 23 април 1918 година, биле земени и во Софија транспортирани еден камен од мермер, уметнички изработен и со историски натпис што се наоѓал во олтарот на црквата, потоа уште еден камен изваден од источниот ѕид на црквата, уметнички обликуван и со историски натпис, како и пет столба од камен, исто така уметнички изработени и со историски натписи.
Во април 1916 година бугарскиот просветен инспектор од црквата во Кавадарци зел и во Софија однел еден триптихон што му припаѓал на полошкиот манастир „Свети Ѓорѓи“, а во кој, меѓу другото, биле запишани податоци за градењето на овој манастир. Инаку, имот во голема вредност од овој манастир бил земен на 9 септември 1916 година, по наредба на мајорот Николов од Петтиот пешадиски полк на бугарската армија. Во тие воени години биле ограбени и моклишкиот и бошавскиот манастир, потоа рожденската црква, уланската црква, од каде што, на 8 септември 1918 година, при повлекувањето, бугарските војници ги зеле сите црковни книги и сите други свети предмети, а на 3 септември, при отстапувањето, ја запалиле чемерската црква. Во текот на окупацијата, бугарските војници и намесници од 31 црква во Кавадаречко однеле по четири примероци од црковните протоколи.
Во документите што се наоѓаат во битолскиот архив се регистрирани штета и кражба и во црквите и манастирите во Мавровско, Полог и Порече. Во Порече, меѓу другото, биле премачкувани фреските и ѕидните икони (другите биле носени) и биле уништувани натписите на црквите. Од црквата во селото Пласница биле однесени две икони, од Брод една икона на Света Богородица, еден голем крст од сребро и четири протоколи, а од црквата во селото Бенче (каде што дури и кон крајот на осумдесеттите години на дваесеттиот век беа пронајдени повеќе вредни стари ракописи со илуминации со исклучително висока уметничка вредност) биле однесени еден осмогласник, шест црковни протоколи и еден крст. Од селската црква во Томино Село биле однесени два сребрени крста, антиминс, зборник, службеник, две ирмологии, два општи минеја, два требника, две големи икони и две мермерни плочи со натпис. Како што е наведено во документите, штетата на оваа црква, во декември 1915 година, ја направиле бугарскиот началник на тогашната Поречка околија Стојан Блажев од селото Долно Водно, Скопска околија, и селскиот свештеник. Книгите и некои предмети биле запалени пред црквата, повредните ги зеле со себе, а натписите и фреските биле премачкани и оштетени. Во тоа време и во црквата во селото Тополница со вар биле премачкани две ѕидни икони и два натписа, а биле одземени две книги службеник, ирмологија и требник.
Во црквата „Свети Никола“ во Горно Крушје, Порече, биле оштетени или одземени четири протоколни книги и пет икони; во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Слатина со вар биле премачкани две ѕидни икони и била одземена една катавасија (црковна книга што содржи молитви и пофални песни за празници). Во црквата во селото Грешница биле премачкани седум ѕидни икони, а биле однесени: крст од сребро, едно евангелие со златни корици, 12 минеи, по два часослова и епитрафила, службеник, катавасија, апостол и паскалија (богослужбена книга за Велигден). Црквата во селото Ковач останала и без еден епитрахил, службеник и осум икони; во Лупште без епитрахил и пет икони, во Зркле и во Рамне по еден епитрахил, а во селото Здуње без општ минеј и часослов. Манастирот „Света Богородица“ во селото Манастирец, пак, за време на Првата светска војна, од бугарските војници, попови и намесници бил ограбуван дури пет пати. Притоа, носено било сè што можело да се носи, па дури и облеката и личните предмети на манастирскиот старешина.
Од двете цркви во Маврово (старата и новата) биле однесени три сребрени крста, од кои еден од абонос, и богослужбени книги. Во текот на Првата светска војна, црковните книги и други предмети биле одземени и од црквите во Лазарополе, Тресонче, Селце, Росоки, Галичник, Јанче, Ростуше, Битуше, Сенце, Волковија, Беличица, Кичиница, Врбен, Ничпур, Бродец, Нистрово, а црквите во Реч и во Средзимир биле уништени на 20 јули 1917 година, кога било уништено и селото Штриковица поради бунт.
Историјата е полна со примери за грабежи. Но само најголемите безбожници вака ги ограбувале манастирите и црквите и културно-историското и сакралното богатство што дотогаш било зачувано во нив.’
Патот на иконите
Еден француски цариник имал пријател што потекнувал од македонските краишта и во еден разговор во почетокот на деведесеттите години на дваесеттиот век случајно му споменал дека со своите колеги заплениле три икони за кои се плете необична приказна и за кои не знаат од каде потекнуваат. Неговиот пријател од македонските простори случајно бил малку поупатен и информиран за кражбите на икони во Македонија и тој прв го стркалал клопчето да се одмотува. По негова иницијатива и по неговите сознанија, за овие три икони дознава и македонската полиција, се вклучува и Интерпол и е утврдено дека едната до трите икони потекнува од Македонија.
Доколку францускиот цариник случајно немал пријател од Македонија, можеби немало никогаш да се дознае дека е запленета македонска икона, зашто приказната околу нив не упатувала на тоа. Имено, трите икони биле пронајдени кај еден француски професор по физика додека ја минувал границата. Тој тврдел дека тие не се негови, туку на неговата пријателка Марие Хелекс Муснер од Мароко, а таа пак тврдела дека ги насликала самата во слободно време. Сепак, случајно откриената икона ја разгледале македонските стручњаци за средновековни икони и утврдиле дека станува збор за икона од 16 век на која е претставен Исус Христос и дека потекнува од „Свети Јован Канео“ во Охрид.
Од необичната приказна за оваа икона интересен е уште еден податок. По проверките се покажало дека оваа икона никаде не била евидентирана во македонските институции, ниту била внесена во евиденцијата на културното наследство извршена во 1956 година, и во Македонија, тукуречи, никој не знаеше дека таа постои. Тоа, пак, создаде друг проблем: не можеше да се докаже дека е украдена од Македонија! (А ако не може да се докаже, тогаш и нема основа да се побара да биде вратена.) Но овој случај отвора и една дилема: дали случајно имало пропусти во евиденцијата на вредното движно културно наследство, која всушност, и воопшто досега, на почетокот на 21 век не е целосно направена?!
Сјајот на украдените монети
.Забележани се неколку поголеми изнесувања на монети од Македонија. Најзначајната и најстарата изнесена остава е од Штип, однесена во 1912 година, но сè уште не се знае точно бројот на примероци во неа. Но дел од овие примероци се наоѓа во некои музејски институции во светот. Тоа се сребрени пари, октодрахми, од племенската пајонска организација Дерони, што делумно ја населувала и територијата на Македонија и која ковала пари на крајот на 6 и во почетокот на 5 век. Друга поголема остава од стари пари е однесена во текот на Првата светска војна, односно во 1917 година, од Тополчани кај Прилеп. Однесени се 200 златни статери или дистатери од Филип II и Александар III. Три од нив денес се во постојаната поставка на Народниот музеј во Софија, а за другите нема податоци каде се наоѓаат.
Во шеесеттите години на дваесеттиот век уште една голема колекција, со околу две илјади пајонски монети, е однесена од просторот на Македонија, а за неа постојат податоци и во странски публикации, односно во аукциски каталози. Таа е продадена во Сотби, на 16 април 1968 година, а во Парке Бернет, на 9 декември 1969 година. Денес со сигурност се знае дека 13 примероци од оваа остава се на пајонскиот крал Ликеј (Музејот на Македонија нема ниту еден таков примерок, но има една копија што ја чува како сувенир.) Во оставата имало 1.700-1.800 тетрадрахми на Патрај, 68 златни статери и дистатери, од кои 23 од Филип, 37 од Александар и осум од Филип, како и 108 сребрени тетрадрахми од Филип. Сите тие отишле во странство, а во Музејот на Македонија има само неколку тетрадрахми, откупени како случајни наоди, а нема ниту еден дистатер. Музејот, сепак, има една остава со 208 примероци на тетрадрахми на Александар, Филип, Деметриј, Полиокрит, Лизимах и Аудолеон, но и таа не е целосна, затоа што некои примероци има кај приватни колекционери во Белград и во Загреб, а веројатно и на други места. Во Археолошкиот музеј во Загреб има дел од една остава со сто бронзени примероци, пронајдена во 1932 година во Дојран.
(Нове Цветаноски: „Разнесено наследство“, 2006)
Крај