Историските корени на нихилизмот на Грчката православна црква кон МПЦ-ОА во контекст на идентичните актуелни заложби на Цариградската патријаршија (1)
- Цариградската (Вселенска) патријаршија на 16 јануари 1767 година успеа да издејствува од турскиот султан да издаде ираде, акт за укинување на древната Охридска архиепископија. Нудењето „вселенски томос за автокефалност“ на Македонската православна црква–Охридска архиепископија со условување првин таа да се откаже од идентификациската придавка „македонска“, односно да прифати да се преименува во „Православна црква на Северна Македонија“, е директно продолжение и надоврзување на активностите на Цариградската патријаршија на тие активности од 18 век
Споменувањето на „Православната црква на Северна Македонија“, а не на Македонската православна црква–Охридска архиепископија, на заедничкото сослужување на литургијата на бугарскиот патријарх Даниил и цариградскиот (вселенски) патријарх Вартоломеј на 27 декември минатата година во црквата „Свети Стефан“ во Истанбул, е само уште еден од низата обиди да се спроведе „преспански именско-идентитетски инженеринг“, овој пат и врз МПЦ-ОА. Ова заедничко сослужување во „чест“ на „Православната црква на Северна Македонија“ во одредена смисла, сликовито кажано, може да се сфати и како „опело“, „погребно чатење за еден покојник“, што би сакале Даниил и Вартоломеј да стане МПЦ-ОА! Како што Грција и Бугарија заеднички политички „сослужуваат“ во настојувањата да ги разнебитат националниот и културно-јазичниот идентитет на македонскиот народ и неговата историја преку Преспанскиот и Бугарскиот договор, така сега во истата мисија се и „сложните браќа патријарси“ Даниил и Вартоломеј. Цариградската (Вселенска) патријаршија на 16 јануари 1767 година успеа да издејствува од турскиот султан да издаде ираде, акт за укинување на древната Охридска архиепископија. Нудењето „вселенски томос за автокефалност“ на Македонската православна црква–Охридска архиепископија со условување првин таа да се откаже од идентификациската придавка „македонска“, односно да прифати да се преименува во „Православна црква на Северна Македонија“, е директно продолжение и надоврзување на активностите на Цариградската патријаршија на тие активности од 18 век.
Споменувањето на „Православната црква на Северна Македонија“ кон крајот на ланскиот декември во Истанбул е дел од истото сценарио на Цариградската патријаршија, според кое таа во 1767 година, користејќи го турскиот султан, постигна да ја згасне тогашната автокефална Охридска архиепископија, која ѝ стоеше на патот на нејзините, но безуспешни настојувања да го уништи црковно-националниот идентитет на македонскиот народ, за негова духовна асимилација и погрчување. Во изминативе два и пол века Бугарската црква–Егзархијата и Цариградската грчка патријаршија водеа остра битка на тлото на Македонија која духовно ќе ги пороби Македонците, односно која ќе ги престори Грци или Бугари. Денес цариградските владици се многу повеќе „координирани рибари по македонските души“ со бугарските владици, на кои како да им го препуштаат наследството на Охридската архиепископија. Или можеби не: којзнае што договараат меѓусебно, спротивно на една од главните Христови заповеди: „Љуби го ближниот свој“, која си ја преобразија на нивните потреби во „Обезимени ги Македонците и црквата нивна и сотри ги, та да не постојат на веков и светов!“ Но, македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква–Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на својот црковно-народен идентитет, од сите негови загрозувања од страна на Цариградската (Вселенска) патријаршија и Бугарската црква и од други меѓународни црковни и други чинители.
Цариградскиот патријарх издејствувал укинување на Охридската архиепископија во 1767 година
Гркот Скарлатос Хацтерис, како цариградски патријарх Самоил, во 1767 година успеа да издејствува од турскиот султан укинување на Охридската архиепископија. Гркот Димитриос Архондонис, кој денес има црковно име Вартоломеј, како цариградски патријарх денес се обидува да го доврши делото на Хацтерис. Најјасно и најдиректно кажано, цел на Архондонис / Вартоломеј не е признавањето некаква имагинарна, „франкенштајнска“ „Православна црква на Северна Македонија“, ниту официјално црковно воведување на македонскиот народ во православниот свет. Намерата негова и на Цариградската патријаршија е разнебитување на МПЦ-ОА, за да не ја игра повеќе својата многувековна улога како духовен чувар на македонскиот народ и како еден од најважните светилници на македонизмот, улога што си ја презеде повторно со возобновувањето на својата автокефалност во 1967 година.
Во третата точка од соопштението од 9 мај 2022 година Цариградската (Вселенска) патријаршија ја има наведено следната своја одлука: „Се прима во канонско единство Црквата на која ѝ се признава името ‘Охрид’ (сфатена како регион на нејзина јурисдикција исклучиво во границите на територијата на државата Северна Македонија), притоа исклучувајќи го терминот ‘македонски’ и која била друга изведенка на зборот ‘Македонија’.“ Со самиот наслов „Фанар: Да за признавањето, не за ‘Македонија’ за Охридската архиепископија“ на својата статија од 9 мај 2022 година глобалниот црковно-информативен портал „Ортодокс тајмс“ не остави никакви дилеми која е суштината на оваа одлука на Вартоломеј и Цариградската патријаршија.
Професорот д-р Славко Сасајковски, истражувач на македонското црковно прашање, категоричен е дека „томосот за автокефалност“ што им го нуди Вартоломеј на македонските владици, всушност, значи основање православна црква што воопшто нема да биде македонска, туку ќе биде „гланц нова“ („Православна црква на Северна Македонија“).
– Последица од сето ова е губење на националното македонство и прекинување на историскиот и канонскиот континуум со Охридската архиепископија. Ќе биде формирана нова црква, која нема да има своја историја. МПЦ фактички ќе ја снема. Новата црква нема да биде со чест и достоинство на архиепископија, туку ќе биде митрополија – нагласува Сасајковски за „вселенскиот томос“ – „главната премија“ на „цариградското бинго“, на кое би требало да играат Синодот на МПЦ и Македонците, па да ја добијат таа „главна премија“ од рацете на неговата „божествена сесветост вселенскиот патријарх.“
Во својот научен труд со наслов „Признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ) како прашање на македонскиот национален идентитет“, антропологот проф. д-р Љупчо Ристески укажува дека со проблематизирањето на употребата на термините „Македонци“, „Македонија“, „македонски“ од страна на соседните земји и нации се оспорува постоењето на македонскиот национален идентитет, култура и јазик. Ова е само едно од компетентните научни објаснувања зошто Цариградската патријаршија ја признава Македонската православна црква единствено како „Православна црква на Северна Македонија“ и од кои причини, пак, Бугарската црква тврди дека Охридската архиепископија е „нивна“.
Свето Тоевски
(продолжува утре: Автокефалната црква како основа на националната
и политичката независност на Балканот)
































