Илустрација: Никола Ристевски, „Нова Македонија“

МИЈАЦИТЕ И БРСЈАЦИТЕ

Идентитетот на македонскиот народ во 19 век не се дефинирал само преку политичка борба туку преку една длабока внатрешна етнографска меморија, која Пулевски ја кодифицира, а подоцнежните дејци и истражувачи ја анализираат како доказ за свеста на македонскиот народ за старите корени. Имињата на поединечни македонски староседелски родови заедници и племиња во „Славјанско-маќедонската општа историја“ на Пулевски не се само регионални називи туку живи остатоци од античката македонска воена и социјална структура, цврсто втемелени како староседелци на својата земја. Во делото на Георги Пулевски се среќава еден рано оформен, но мошне значаен обид за систематско разбирање на македонскиот народ како сложена етничка и културна целина. Преку анализата на одделни етнографски групи, Мијаците, Брсјаците, Пчинците и други, Пулевски не само што ги опишува нивните особености туку и настојува да ја покаже нивната заедничка припадност кон македонскиот народ. Овој пристап кулминира во неговата критичка анализа на „македонските граѓани“, што претставува поширока рефлексија за состојбата на народот во 19 век.
Мијаците, според Пулевски, се дефинираат како староседелска и автохтона група, со јасно изразена културна и јазична припадност. Нивното име произлегува од повеќе фактори: нивната бистроумност, нивната врзаност за одредена македонска област, како и нивната сродност со „Долна Македонија“. Сепак, нивната врзаност за татковинскиот простор останува суштинска за нивниот идентитет. Кај нив се забележуваат силна етничка самосвест и чувство за припадност. Во однос на образованието, Пулевски ги опишува како природно надарени, но недоволно образовани луѓе. Причината за тоа ја гледа во недостигот од образование на мајчин јазик и недостигот од учители. Оваа состојба создава парадокс: висока интелектуална способност, но ограничена културна развиеност. За Георги Пулевски, името на Мијаците е нераскинливо врзано со нивната интелектуална супериорност и етничка чистота. Тој ја поставува тезата дека името произлегува „от бистроумност сојовски“, но и од нивната територијална припадност, дефинирајќи ги како „Македонци продолжено речено“. Клучниот аргумент за нивната автохтоност лежи во нивната затвореност и зачувување на крвната линија. Пулевски истакнува дека тие се „староместни жители, оту само со Долна Македонија правет сфатоштина“. Оваа „сфатоштина“ (брачни врски) е етнографски доказ за нивната старина. Во „Родословието на Чупарови“, Никола Д. Чупаров, повикувајќи се на изгубените или необјавени дела на Пулевски, оди чекор понатаму:
„Според книгата на Георги Пулевски, родум од Галичник, биле гвардејци на А. Македонски“.
Иако Блаже Ристовски забележува дека овој прецизен цитат не е идентификуван во познатите ракописи, тој нагласува дека ваквите пренесувања се круцијални за разбирање на народната свест за континуитет. Мијаците не се дојденци, тие се елитниот одред на античката држава, кој низ вековите ги зачувал својата „бистроумност“ и „словесност“.

„Раскажување за Мијаците

За името ’Мијаци‘ – Името Мијаци потекнува од следниве својства: Од нивната природна бистрина и паметност се нарекуваат Мијаци. Од нивната македонска припадност – накратко се викаат Мијаци, а подолго – Македонци. Поради сродноста со долномакедонскиот говор се нарекуваат Мијаци. Според нивната стара, автохтона (домородна) традиција се нарекуваат Мијаци. Мијаците се сметаат за староседелци, бидејќи имаат блискост и разбирање само со Долномакедонците, а не и со другите македонски групи.
За живеалиштето на Мијаците – Мијачките населби се наоѓаат во следниве области: во Долна Река и Мала Река (Горнодебарски крај), како и селото Ехловец во Кичевско.
Пред околу 100 години, иселени Мијаци има во Ново Смилево и Крушево (Битолско).
Во Велешкиот крај, иселени Мијаци има во селата Ораше и Папрадиште (Бабуна).
Се иселуваат и во други места, но кога ќе го напуштат родното место, често повеќе не се сметаат за вистински Мијаци.
За карактерот и образованието на Мијаците – Мијаците се способни луѓе за учење, но бидејќи не се образуваат на својот мајчин јазик, остануваат необразовани во животот.
Кога ќе пораснат, се внимателни и љубопитни да слушаат и учат. Иако се разбирливи и паметни, поради простота не признаваат учител и често се однесуваат горделиво. Во времето на турското владеење не им било забрането да учат, но поради недостаток на учители учеле само од црковни книги, па затоа не станале книжевни луѓе.
Што треба да учат децата – Наместо само црковни книги, се предлага децата да учат:
Буквар и основи на писменост, Верски молитви, Диктат (пишување), Граматика, Аритметика, Ботаника, Народна историја, Зоологија, Писмено изразување, Географија. Гатанки, поговорки, песни и приказни се сметаат за непотребни за учење во домашните училишта, бидејќи ги збунуваат учениците“, адаптиран превод на цитат од Пулевски, Славјанско-маќедонска општа историја, превод на современ македонски Н.Р.
Кај Брсјаците, Пулевски ги лоцира физичкиот и воениот потенцијал на македонскиот народ. Нивното име е дериват на „јуначка им брзина“, особина што според преданието ги правела супериорни уште во античките времиња:
„Брсјачко име се производит от јуначка им брзина, оту со трчање надтрчуваље во Ољимписките играчки… а друго, за јаки им се производит имено от тељесна јачина“.
Оваа физичка супериорност на Брсјаците кај Пулевски не е само фолклорен мотив туку воена генетика. Чупаров во своите записи за Бабунската Област е дециден во пренесувањето на Пулевски:
„Велат дека Брзаците биле брзата армија на Александра Македонски“.
Брсјаците се претставени како чувари на старината, а нивната населеност го исцртува стратешкиот центар на Македонија, населен со луѓе што се истовремено „способни за наука“ и физички несовладливи.

„Разкажување за Брсјаците

За името ’Брсјаци‘ – Името Брсјаци потекнува од нивната брзина и сила: Прво, името доаѓа од нивната јуначка брзина – тие се натпреварувале во трчање и биле многу брзи.
Второ, името се поврзува и со нивната физичка сила, бидејќи уште од старо време биле познати како многу силни луѓе. Брсјаците и денес се сметаат за силни и брзи – толку што, според описот, можеле да стигнат и зајак во трчање. Затоа се нарекуваат Брсјаци, а некои луѓе погрешно ги нарекуваат ’Брзаци‘.
Покрај тоа, како македонски словенски род, тие ги имаат следниве особини: најмногу ја почитуваат и ја чуваат својата традиција; се многу гостопримливи; се верни на народните обврски; се способни и подготвени за учење.
За живеалиштето на Брсјаците – Брсјаците живееле во следниве области: Главен град им бил Кичев. Во околината на Кичево: Долна Кичевa, Поречe, Копачка, Белица. Во охридскиот крај: Дебрца (до Ботун и Издеглавје). Во поширок регион: Од Ситни Крај до Сливово. По текот на Железничка Река до Илински Вис. До Битола и Гевгелија. Исто така: Од Битола кон Прилеп, Пелагонија (битолско и прилепско поле), Областа Бабуна во велешкиот крај“, адаптиран превод на цитат од Пулевски, Славјанско-маќедонска општа историја, превод на современ македонски Н.Р.
Што сакал Пулевски да ни каже со овие написи? Дали би напишал нешто такво ако не го слушал истото тоа во текот на неговиот живот од повозрасните Македонци? Свеста за продолжителноста на сојот староседелски од пред времињата на Филип и Александар Македонски до 19 век на Пулевски не прекинала кај македонскиот народ и тоа е јасно забележано во првата историја на македонскиот народ напишана од Македонец – таа на Пулевски. Во следното продолжение од нашиот фељтон ќе можете да читате за еден војвода што ги водел Македонците во Фалангата на Александар, за кој се знаело во 19 век…, но и за тоа како Пулевски ги забележал разликите меѓу македонскиот народ во селата и македонските граѓани од неговото време…

(продолжува)

М-р Никола Ристевски