Сопругот на Екатерина Паница, Тодор, со блискиот соборец Јане Сандански (Фотографија од Екатерина Измирлиева Паница не постои)

Зошто именувањето на Екатерина честопати е дополнето со презимето Паница, а не со Измирлиева? Причината се наоѓа во една „комитска“ љубов, и тоа со еден од раководителите на Организацијата во Серско и еден од најголемите приврзаници на Јане Сандански, Тодор Паница од Орјахово. Екатерина го опишува него како „пргав и храбар човек“. Тој бил задолжен за извршување акции со кои биле казнувани непослушни револуционери, „шпиони гркомани и Грци“. Нивната врска започнала за време на нејзиниот престој во Горно Броди, Калапот и Просечен. Тие се зближиле, а тој ѝ ја раскажал својата животна приказна, која изобилувала со најразлични револуционерни дејства

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (2)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.

Градот Кукуш ѝ дал на македонската историја неколку личности што се втемелени во македонската револуционерна борба, државност и книжевност. Гоце Делчев, Димитар Влахов, Христо Смирненски, Тодор Чопов се само дел од плејадата имиња родум од овој град. Меѓу нив, тивко и ненаметливо се јавува и името на Екатерина Паница, родена Измирлиева, која остварила впечатлива просветна и револуционерна кариера.
Измирлиева е родена во 1884 година. Родители ѝ биле Иван Измирлиев и Рушка Измирлиева (родена Шишкова). Нејзиниот татко бил учител и општински советник. Екатерина потекнувала од големата фамилија Измирлиеви, кои своевремено во јавниот општествен живот во тогашната Османлиска Империја дале повеќе револуционери и интелектуалци, како на пример Димитар (просветител и револуционер), Иван (учител и трговец), Тома (писател и публицист), Надежда (просветен деец), Христо (поет и публицист), Аспарух (револуционер), Невена (просветен деец), Рајна (учителка и револуционерка).
Првите училишни чекори Измирлиева ги направила во Кукуш, а потоа образованието го продолжила во Солун. Женската егзархиска гимназија ја завршила во учебната 1899/1900 година, како дел од десеттата генерација ученички. Во 1901 година била назначена за учителка во селото Просочен, Драмско, потоа во 1902 година учителствувала во основното училиште во Солун, а во учебната 1903/1904 година била учителка во селото Скрижево, Зилјаковско. Запознавајќи се со Орце Поп Јорданов, станала блиска до гемиџиите и до нивните револуционерни сфаќања. По извршувањето на Солунските атентати, осомничена поради блискоста со Поп Јорданов и другите гемиџии била уапсена и затворена, но набрзо била ослободена.
Годините како учителка придонеле за нејзиното запознавање со македонското револуционерно движење. Во Скрижево влегла и во редовите на Македонската револуционерна организација. Тука остварила и средба со кукушката и драмската чета, меѓу кои биле и Гоце Делчев и Димитар Гуштанов. Во спомени за животот и револуционерната дејност запишани од Бојан Мирчев, таа изнесува и една малку позната епизода поврзана со Делчев. Имено, Екатерина наведува дека кукушката чета имала 12 души, а кога трпезата за вечера била поставена, Гоце не седнал на неа, туку останал да седи до огништето. Кога таа го запрашала зошто не го заземе своето место на масата, Делчев ѝ одговорил дека „не бил добар со стомакот и ќе каснел само две ровки јајца“. Оттогаш, во очите на селаните таа станала подоверлива и поприфатлива, па започнала да присуствува и на заседанијата на селското раководно тело и ги преземала зададените обврски.
Во следниот период била учителка во с. Калапот, Драмско, а потоа во с. Горно Броди, Серско. Тука ѝ била дадена задачата да ја води кореспонденцијата со илегалците во Серскиот револуционерен округ. Во 1905 година повторно била назначена за учителка во с. Просечен, при што Околискиот револуционерен конгрес ја избрал за советничка под псевдонимот Ковалевска. Нејзината револуционерна дејност продолжила и во следниот период, сѐ до Младотурската револуција. Починала во Софија, во 1967 година. Дури и во смртта останала блиску до нејзините братучеди: во непосредна близина на нејзиниот гроб се наоѓаат вечните почивалишта на Христо Измирлиев (Христо Смирненски) и Тома Измирлиев.


Да се вратиме малку наназад за да можеме да споделиме неколку важни подробности поврзани со Екатерина. Најпрво, таа им била братучетка на видните писатели Тома Измирлиев и Христо Измирлиев, кој зел псевдоним, па во книжевноста е познат како Христо Смирненски.
Треба да раскажеме уште една приказна: зошто именувањето на Екатерина честопати е дополнето со презимето Паница, а не со Измирлиева? Причината се наоѓа во една „комитска“ љубов, и тоа со еден од раководителите на Организацијата во Серско и еден од најголемите приврзаници на Јане Сандански, Тодор Паница од Орјахово. Екатерина го опишува него како „пргав и храбар човек“. Тој бил задолжен за извршување акции со кои биле казнувани непослушни револуционери, „шпиони гркомани и Грци“. Нивната врска започнала за време на нејзиниот престој во Горно Броди, Калапот и Просечен. Тие се зближиле, а тој ѝ ја раскажал својата животна приказна, која изобилувала со најразлични револуционерни дејства.
За време на отсуството на еден од видните војводи во Серско, Михаил Даев, „се заврзала љубов“ меѓу Екатерина и Тодор во 1907 година. Кога Даев се вратил од отсуството, разбрал за нивната љубовна врска и веднаш се понудил да им биде кум. Тој дури и инсистирал на венчавката, потенцирајќи дека нивната свршувачка ќе биде запишана во македонската историја како свадба на револуционер во Османската Империја. Така, на 17 мај истата година Екатерина и Тодор се венчале, венчавал свештеникот Димитар Измирлиев, Даев кумувал, четниците биле девери, а Измирлиева го зела презимето на сопругот и станала Паница. Екатерина и Тодор имале еден син, Коста Паница. Подоцна Коста станал доктор, се оженил во Виена, но починал во 1948 година од „белодробен крвоизлив“.
Во меѓувреме се одвивала вистинска драма. Јане Сандански влегол во големо недоразбирање со едни од најголемите авторитети во македонското револуционерно дело во тоа време Борис Сарафов и Иван Гарванов. Сарафов и Гарванов му наложиле на Даев да го ликвидира Сандански. Даев му се доверил на Паница, како кум и пријател уште од ученичките денови, дека се подготвува убиство на Јане. Сепак, Паница му останал докрај верен на Сандански и го известил за намерите на Сарафов и Гарванов. И, ситуацијата се свртела сосема обратно. Наместо убиство на Сандански, Паница во Софија ги застрелал Сарафов и Гарванов. Даев се нашол во небрано, но веќе бил во средината на заговорот против Јане, па му немало спас. Бил осуден на смрт и застрелан истата 1907 година.
Следните години биле години на постојан трепеж, поради дејноста на Паница, кој најчесто бил прогонуван и од турската власт како комита, но и од бугарската власт како ликвидатор на Сарафов и Гарванов. Дури по Балканските војни Екатерина и Тодор можеле да се скрасат во некоја куќа во Неврокоп. Тоа не треаело долго, бидејќи наскоро морале да се преселат во Драма, а потоа во Софија. Поради напорите на Тодор за обединување на македонската емиграција и формирање на ВМРО (Обединета), патот ги одвел во Виена. Тодор инсистирал на менување на раководните структури во старата ВМРО на чие чело застанал Иван Михајлов. Токму по заповед на Михајлов, во 1925 година Тодор бил застрелан. Убиството го извршила Менча Крничева, која, пак, престојувала токму во станот на Тодор и Екатерина и добро ги познавала обајцата. Настанот се случил во виенскиот Бургтеатар за време на изведувањето на претставата „Пер Гинт“. Екатерина се сеќава: „Во тој момент се чуја истрели. Претпоставив дека грмежите се ракети што се фрлаат на сцената, но тоа не беа ракети, а истрели што го убија Тодор Паница, кој беше десно од мене“. По убиството на сопругот, Екатерина останала во Виена уште 14 години, по што се вратила во Софија, каде што засекогаш ги склопила очите.
Ете, уште еден живот како од романите.

Д-р Славчо Ковилоски

(продолжува)