Екатерина Арнаудова

Во сеќавањето на војводата Јордан Стојанов, запишано меѓу двете светски војни на страниците на списанието „Илустрација Илинден“, биле посветени цели две страници за Арнаудова во текстот „Пиринската четничка“. Во овој текст, чиј автор е Георги Иванов Белев, се опишуваат револуционерните подвизи на Арнаудова. На почетокот е опишано нејзиното пристапување во четата на Стојанов, кому Арнаудова му пристапила со молба да ја прими во четата. „Војводо“, му рекла таа на Стојанов раскажувајќи му за страдањата на нејзините родители, „јас горам од желба да ги одмаздам, како и да војувам за слободата на мојата татковина – Македонија. Можеби ќе бидам првата жена четник кај вас, но вие ќе видите како знае да војува Македонката; вие ќе видите дека јас нема да ѝ бидам товар на четата и во никој случај нема да ја засрамам Македонката“

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (1)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.

Народната песна вели: „Каде се чуло видело, мома војвода да биде“. Сепак, ете, се чуло и се видело, бидејќи момата Екатерина Арнаудова ги надминала и најневозможните пречки за да се вклучи во првите борбени редови на македонското револуционерно движење. Не со шиење знамиња, не со курирски задачи, туку со пушка во рака и со застанување на чело на четите што се биеле со непријателот.
И ете, оваа и ваква Екатерина Арнаудова била родена во неврокопското село Либјахово. За годината на раѓањето постојат разногласија, 1870 или 1874 година. Освен неа, татко ѝ Штерјо и мајка ѝ Марија имале уште четири деца, ќерката Магда и синовите Илија, Димитар и Пандо. Екатерина во револуционерното движење се вклучила околу 1895 година. Сепак, нејзините борбени подвизи силно одекнале непосредно пред Илинденското востание, како четничка во четите на Дончо Златков, Јордан Трифунов и Сотир Јанакиев. Со нив учествувала во неколку битки со аскерот, меѓу кои најпознати се оние на Пирин и на Осогово во 1902 година. Уште тогаш почнале да ја нарекуваат со различни борбени имиња, како на пример: Катина и Арнаутчето, но и Пиринската Четничка и Комитката.

Едно време се повлекла на мирен живот во Софија. За време на Илинденското востание повторно дошла во Македонија со четите на Организацијата. Дејствувала во Скопскиот револуционерен округ, а силен впечаток со своето херојство оставила за време на една битка со турскиот аскер кај месноста Меркез во Кумановско. Подоцна учествувала и во Балканските војни. По војните станала членка на културно-просветната организација „Илинден“. Како и за годината на нејзиното раѓање, постојат недоумици и за точната година на нејзината смрт, па во литературата се сретнуваат 1955 и 1958 година. Тоа е накратко нејзината биографија. Она што треба да се раскаже за неа, пак, настрана од сувопарните историски факти се нејзините односи со комитите, нејзиното јунаштво при битките и нејзиниот непоколеблив дух при секојдневните тешкотии. А такви приказни има многу. Нив ги раскажувале нејзините другари од четите или весниците и списанијата, кои ѝ посветиле големо внимание на нејзината дејност.
Ќе тргнеме од сеќавањето на војводата Јордан Стојанов, запишано меѓу двете светски војни на страниците на списанието „Илустрација Илинден“, кое ѝ посветило цели две страници на Арнаудова во текстот „Пиринската четничка“. Во овој текст, чиј автор е Георги Иванов Белев, се опишуваат револуционерните подвизи на Арнаудова. На почетокот е опишано нејзиното пристапување во четата на Стојанов, кому Арнаудова му пристапила со молба за да ја прими во четата. „Војводо“, му рекла таа на Стојанов раскажувајќи му за страдањата на нејзините родители, „јас горам од желба да ги одмаздам, како и да војувам за слободата на мојата татковина – Македонија. Можеби ќе бидам првата жена четник кај вас, но вие ќе видите како знае да војува Македонката; вие ќе видите дека јас нема да ѝ бидам товар на четата и во никој случај нема да ја засрамам Македонката“.

.Јованка Орлеанка

„Понатаму, недели, месеци одевме по гори и села. Тешкотиите и страдањата ни беа големи; но секаде Арнаудова се држеше достојно. Таа ги делеше еднакво со нас сите тешкотии и несреќи: глад, студ, замор, и тоа без жалби, без каење, горејќи само од една желба – да се сретнеме со аскерот, да се бие и да им се одмазди на Турците. Ние ја нарекувавме Арнаутчето, а населението ја нарекуваше Комитката“.
Силен впечаток оставила за време на една битка кај селото Кресна. Таму, позициите на комитите биле откриени и набрзо дошол многуброен аскер. Штом започнала меѓусебната престрелка, Арнаудова го кренала својот глас храбрејќи ги соборците и колнејќи ги непријателите: „Чувајте се здраво, јунаци! … Не плашете се! Сега ќе видите како ќе им се одмаздам на тие валкани кучиња. Еј, проклета агарјанска џган! Господ ќе ве порази! Чума ќе ве сотре! Матните ќе ве земат! …“.
Во продолжение на битката, војводата се приближил до Арнаудова за да ја пофали нејзината храброст, но таа не го слушала бидејќи целосно била сосредоточена на борбата. Таа забележала еден непријателски војник, го зела на нишан и истрелала, по што тој паднал. По него, без да обрнува внимание на восхитените извици на другарите, кутнала уште еден војник. „Сега сите четници од целата бојна линија“, стои запишано од Белев, „ја поздравивме за одличната стрелба, за јунаштвото и сите викавме: ‘Ура, да живее Арнаудова, да живее Македонката!’“
За неа многу се пишувало и во странскиот печат. Така, францускoто списание „Петит журнал“, во бројот 662, од 26 јули 1903, на насловната страница ја илустрирало Арнаудова со своите соборци во акција. На едно место во весникот накратко е предадена нејзината животна историја: „Во секоја куќа се славеше посебно за убавата млада девојка Катерина Арнаудова, општопозната како македонската Јованка Орлеанка, чии приказни за големи дела може да се слушнат од устите на сите. Родена во Неврокоп, мало село во кое ја чувала стоката, еден убав ден Катерина поради маките го напуштила својот крај, земајќи ја облеката на својот брат, се вооружила и се вклучила во одредите како доброволка. Оттогаш секој што ќе ја видел хероината во првите редови на борбеното поле и покрај опасностите земал пример за издржливоста од заморот. Нејзината репутација станала толку голема за толку кратко време, што многумина од револуционерите ја молеле да застане на чело на одредот. Таа прифатила. Катерина стана едно од најстрашните нешта за Турците во Македонија. Главата на македонската Јованка Орлеанка беше уценета“.

Екатерина Арнаудова

Кон активностите на Арнаудова и другите македонски револуционерки се осврнале и неколку американски весници („Ивнинг стар“, „Омаха дејли би“), меѓу кои најзначаен осврт дал „Сент Пол глоб“ од 8 мај 1904 година, под насловот „Македонските Јованки Орлеанки“. Во него, „мадам Арнаудова“ е опишана како жена што водела десетина битки од кои излегла неповредена. Понатаму, во текстот се наведува дека „пред неколку години, сега е во триесеттите, мадам Арнаудова влезе во редовите на револуционерите и нејзиното присуство е инспирација за одредите на кои таа била членка што резултирало со извршување на некои од најсмелите дела. Таа е голема, мрачна жена, која зборува само кога има нешто да каже, но кога таа им се обраќа на групата мажи, за неколку минути тие се подготвени да се справат со целата војска на султанот. Ништо не ги демотивира Османлиите толку многу колку тоа што ја гледаат мадам Арнаудова меѓу кој било одред на бунтовниците со кој тие може да се судрат“.
И ете, кога оваа и ваква Екатерина Арнаудова ја запрашале за љубовта и за мажењето, одговорила на ваков начин: „Не, никогаш не сум била вљубена во некој од членовите на одредот ниту пак во кој било друг“ и „Јас сум премногу стара за да мислам на такви глупави работи како љубовта, но кога Македонија е ослободена, можеби ќе се задомам и ќе се омажам“. Очигледно, најпрво требало да се извојува слободата. Ете, таква била Пиринската Четничка.

Д-р Славчо Ковилоски

(продолжува)