МАРКЕТИНГ И ПРОПАГАНДА: ПРИЛОЗИ КОН ПРОУЧУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈАТА НА МАРКЕТИНГОТ, МАРКЕТИНШКАТА МИСЛА, РЕКЛАМАТА И ПРОПАГАНДАТА (8)
Фељтон на „Нова Македонија“ според текстови од книгата „Marketing and Propaganda – A brief history of: Marketing, Marketing thought, Advertising and Propaganda“, објавена на Амазон во 2023 година од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- „Пропаганда“ е совршено цел збор со чесно потекло и завидна историја. Фактот дека ден-денес носи злобно значење јасно ја покажува свеста на човештвото, нивото на знаење и колку од детето останува во просечниот возрасен човек. Група граѓани што пишуваат и зборуваат во полза на одредена идеја, правец или акција, поставуваат легитимни прашања, верувајќи дека таа промоција е за најдобриот интерес на општеството. Пропаганда? Не. Само уште една насилно искажување на вистината. Но кога група граѓани што претставуваат спротивставени погледи на нештата, различни од општоприфатените, веднаш од „другите“ се дефинираат како „тие што шират злобна пропаганда“. Размерите до кои пропагандата ги обликува односите и напредокот во општеството ќе ги изненади дури и најинформираните. Доволно е само да се погледне под површината на обичните весници за да се насети авторитетот на пропагандата врз јавното мнение… – Едвард Бернејс
Со негова помош во 1920 г. се одржала првата голема конференција на Афроамериканците во САД и нивната Асоцијација за напредок, во време кога сѐ уште расната нетрпеливост била присутна во општеството во голема мера. Можеби и поради него јајцата и сланината сѐ уште се сметаат за традиционален појадок во некои земји. Откако собрал научници за да направат истражување што ќе пропагира „hearty breakfast“, на чија листа на здрави комбинации од храна биле вклучени и јајцата и сланината, Бернејс ги испратил резултатите на илјадници доктори во САД, што предизвикало раст на продажбата на сланината. Едвард Бернејс го овозможил растот и на пазарот на американската свила. Текстилните компании од Америка не можеле да се натпреваруваат со тие од Франција. Затоа, Бернејс вработил француски експерт што дошол во САД за да го определи квалитетот на американската свила. Организирал и изложба на парчиња од американска свила во „Лувр“, Париз. За кратко продажбите на свила пораснале како никогаш дотогаш, за што повторно биле заслужни Бернејс и неговиот тим.
Во 1929 година бил задолжен за да ја организира прославата „Златен јубилеј на светлината“ – „Light’s Golden Jubilee“ за „Џенерал електрик“, по повод 50-годишнината од изумот на светилката од Томас Алва Едисон. „Џенерал електрик“ го најмиле во пролет и му дале околу половина година да го подготви настанот. Започнал со публикации во печатот, се објавувале биографии на Едисон, а Американската пошта издала и поштенска марка Едисон. Многу големи градови низ светот се согласиле да ја исклучат струјата за една минута на 21 октомври, во чест на Томас Едисон. Хенри Форд, Џон Рокфелер, Марија Кири, претседателот Хувер и други луѓе од слична провениенција биле присутни на главниот настан. Во истата седмица кога се одржал големиот настан организиран од Едвард Бернејс, човекот што ги убедил Американците дека берзата е нивното елдорадо, пазарот со акции почнал да се распаѓа и започнала големата економска криза.

Неговата научна и практична работа продолжила и во деценијата потоа, а книги од Бернејс биле издадени и за време на Втората светска војна. По големата војна, забележано е дека работел и за ЦИА, а неговото учество во превратот во Гватемала, поврзан со трговијата со овошје, е основа за денешниот термин „банана-република“. Ги има поставено основите на антикомунистичката пропаганда во САД. Во неколку интервјуа сведочи дека бил известен кога во библиотеката на Јозеф Гебелс биле пронајдени негови книги и посебна копија на „Кристализирање на јавното мислење“ (Crystallizing Public Opinion). Во издание на „Њујорк тајмс“ од 1985 година читаме дека и на 93 години работел за неговите клиенти. Во интервју од 1991 г., непосредно по неговиот 100. роденден изјавил дека односите со јавноста станале ужасни и сега веќе секој можел да се нарекува експерт за што било без да ги познава старите правила. И тогаш рекол дека сѐ уште работи на неговата наука и со старите клиенти. Доживеал длабока старост и во втората половина на 20 век работел на консултација на различни компании и политички структури.
Се запишал во историјата како креатор на многу рекламни кампањи, воени пропаганди, но и како првиот професор по Односи со јавноста, со неговите лекции на Универзитетот во Њујорк во 1923 година. Ги искористил техниките за спознавање на човечкиот ум преку несвесното, откриени од неговиот роднина Фројд и го аплицирал знаењето на пазарот. И во неговата книга, а и во годините по објавувањето на „Пропаганда“ се забележува дека влијанието на јавното мислење, како и самиот симболизам, може да има добри или лоши карактеристики, односно да го насочува општеството кон создавање или уништување. Неговиот научен труд од 1947 и истоимена книга од 1955 – The Engineering of Consent“ или „Инженеринг на согласност“, и денес може да биде употребена во проучувањето на односите со јавноста и употребата на психоаналитичките ефекти на Фројд на пазарот преку маркетингот и економската, односно маркетинг пропагандата.
Од раната младост до длабоката старост Бернејс работел на убедување на големи маси луѓе преку симболи, а денес се смета за татко на односите со јавноста. Од краткиот осврт на неговата работа можеме да забележиме дека слободно може да се каже дека Едвард Бернејс ги има изртено никулците на модерното потрошувачко општество. Највлијателните дела на Едвард Бернејс се „Кристализирање на јавното мислење“ (Crystallizing Public Opinion, 1923), „Пропаганда“ (Propaganda, 1928)“, и „Односи со јавноста“ (Public Relations, 1952). Бил уредник и на „Инженеринг на согласност“ (The Engineering of Consent, 1955), чиј наслов е најчесто користената дефиниција за односите со јавноста – „public relations“. Доживеал 103 години, две ќерки, шест внуци и четири правнуци. Автор е на многу дела, чие проучување е вистинско задоволство, а голем дел од неговите записи се достапни во „виртуелната банана-република“ – интернетот.
продолжува