„Еден чоек шчо не си милвит таткојната не можит да бидит чесен чоек“

ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН – СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ (6)

  • Мајка Македонија е многу ослабната. Откако го роди големиот Александар, откако ги роди светите Кирил и Методија, оттогаш мајка
    Македонија лежи на своето легло ужасно снеможена.
    Но мајка што роди вакви синови, во иднина ќе роди и други како нив…
    Ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, кои ќе бидат светилници на нашите училишта и столбови на нашата вера и кои ќе го прославуваат македонското име!

    Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великаго го покорија цел свет, кои после преку светите Кирил
    и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денес ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението…
    – Григор Прличев

Што и колку знаеме за големите Македонци што живееле во 19 век и оставиле трага во нашата борба за слобода и човечки правдини? Големиот Прличев, кој знаел повеќе јазици, располагал со импресивен фонд на литература и живеел во век кога условите за живот на Македонците биле многу полоши од денес, нарекуван втор Хомер, преведувач на „Илијадата“, симбол на македонскиот 19 век, ни открил многу, но дали и колку читаме?
Доколку направиме паралела помеѓу автобиографијата на Григор Прличев од Охрид, која била објавена околу една деценија по неговата смрт, и записите за неговиот живот објавени од син му Кирил, ќе забележиме голема разлика во она што Прличев постариот сакал да го остави како спомен во автобиографијата, која очигледно изоставува периоди од неговиот живот и особено детали за неговите најблиски другари, како и односот со семејството и тоа што децении подоцна било запишано и објавено од Прличев помладиот.
Во претходниот текст од нашиот фељтон споменавме за врската помеѓу баронот Бели, фондот во Атина и Прличев. Тоа е посведочено во самата Автобиографија, во која Григор Прличев запишал за случката во Атина, кога сметал дека „парите што ги носел му биле доволни да преживее на лебец“, па кога увиделе дека тоа не било така, бил упатен кон фондот на Вељо – како што го нарекувале баронот Костадин / Контантин Александров Бели. Списокот на литература што била на полиците во домот на Прличеви и дел од која е опишана од Кирил Прличев е импресивен и несомнено дека бил повлијаен и од фондот со книги оставен од баронот за „посвоените деца на баронот Бели“, од чија оставина се давала и наградата кога Прличев бил награден за „Сердарот“.
Најсилни фигури во автобиографијата на Прличев се неговиот дедо и неговата мајка. Бидејќи останал сирак уште како бебе, Григор од дедо му бил научен „да чита писмо“ уште на четиригодишна возраст, а силата на мајка му, која потекнувала од едно од најславните семејства во македонската борба за слобода (читајте ги следните продолженија од овој фељтон за да дознаете повеќе), и зборовите што му останале врежани во паметта и ги запишал во Автобиографијата се архетипски за македонските мајки од памтивек до денес. Почитувањето на Свети Климент, што се забележува не само од Автобиографијата туку и од пофалните слова во кои го споменува и македонскиот цар Александар, преписките со бугарските научници при преводот на „Илијадата“, комуникацијата со Елините што не го препознавале како таков, односот со патријаршијата и егзархијата и белегот што го оставил во македонската национална свест го прават Григор Прличев најголемото име на македонската литература во 19 век. Зарем е случајно тоа што син му Кирил бил тој што го пронашол гробот на Свети Климент на Плаошник?

Еве што е запишано за Григор Прличев во Македонската енциклопедија објавена од МАНУ во 2008 година: Овој супериорен литерат според јазичната припадност е всушност тродомен автор: грчки, бугарски и македонски, и ги обединува во себе специфичните карактеристични доминанти на епохата во која живее и работи; класицизмот и романтизмот, како стилски белези. Тоа е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб. Тоа е писател со висока самосвест за своите креативни можности и за позивот на кој му служи. Роден е како четврто дете на Марија Ѓокова и Ставре Прличев, охридски занаетчија. Ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана (Албанија).

Реставрирана фотографија на Григор Прличев

Во 1849 година се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850/1859 година повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места (Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид) за да си обезбеди услови за продолжување на студиите. Во 1859 г. повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „О Арматолос“ (Сердарот), која требало да се предаде најдоцна до 13. II 1860 на поетски конкурс. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик – паричен дел и лавров венец. Истата година делото излегува од печат. Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект – поемата „Скендербег“, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во Охрид. Се зафаќа да го научи словенското писмо и четмо во дуќанот на Ангеле Групче, тогашно своевидно читалиште во Охрид. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат „народниот подвиг“ во Охрид, т.е. борбата за воведување на народниот јазик во училиштата. Со ова Прличев ја официјализира својата борба против грцизмот во Македонија, особено против фанариотскиот владика Мелетиј, виновникот за смртта на Димитрија Миладинов.
Извесно време престојува во Цариград. Има постојани контакти со бугарските културни дејци, а по враќањето во Охрид уште поинтензивно се ангажира за популаризирање на словенското писмо во Македонија. Во 1868 г. турската власт го затвора и го депортира во дебарската зандана, поради клевета од страна на грчкиот охридски владика. По затворскиот период го посетува манастирот „Св. Јован Бигорски“ и е восхитен што во него се служи на старословенски јазик. Во следната 1869 г. во Охрид масовно се воведува народниот јазик во училиштата. Истата година се жени и има пет деца. По покана од Редакцијата на цариградското „Читалиште“ се зафаќа со препев на Хомеровата „Илијада“. Почнува да соработува во бугарските цариградски весници и списанија. Во Белград, а потоа во „Читалиште“ во 1872 година ја објавува песната „Во илјада седумстотин шездесет и второ лето“, подоцна преобјавена и во неговата „Автобиографија“. Во цариградскиот в. „Право“ во 1872 година е објавена вест дека Прличев подготвил за печат книга песни за деца под наслов „Воспитание или 12 нравствени песни“. Со заштедени пари од своето учителствување во Струга, заминува во Бугарија (Софија), каде што мнозина „родољупци“ го канеле да се зафати со каква и да е литературна работа и му ветувале секакви олеснувања и помош.

Во периодот од 1883 до 1890 година учителствува во бугарската машка гимназија во Солун. Во тој период ја пишува својата „Автобиографија“, објавена по неговата смрт во „Сборник за народни умотворениja, наука и книжнина“.
Прличев живее и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владее повеќе балкански и европски јазици. Се занесува со словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто. Слични примери можат да се сретнат и во другите словенски литератури. Поетската творба „Сердарот“ (1860) се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката прозвиштето Втор Хомер. Други позабележителни негови творби се „Автобиографијата“(1884) и словото-есеј „Чувај се себеси“ (1866). Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот“.

– Македонска енциклопедија – МАНУ, Скопје, 2009

„Кога Господ ти викат чувај се, многу појке ти викат да си ја чуваш таткојната.“ – Григор Прличев

М-р Никола Ристевски

продолжува