Фото: „Нова Македонија“

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Низ вековите човештвото отсекогаш барало начин да го означи моментот кога светлината ја победува темнината, а животот повторно се буди од зимскиот сон. За нас, на овие простори, тој премин не е само астрономски настан туку и длабоко вкоренет духовен и културен ритуал. Простено на Прочка, преку Баба Марта до Младенци, Лазарова сабота, преку Светото благовештение, Цветници, па до Велигден – „Црвено, бело, здраво и живо“ – за арно и убаво.
Првиот официјален ден на пролетта во северната хемисфера, пролетната рамноденица, е ден кога она што го дефинирале како „замислена Земјина оска“ стои мирно, сонцето изгрева точно на исток, а заоѓа точно на географскиот запад. Рамноденицата доаѓа од латинскиот збор Equinox и значи еднаква ноќ. Сепак ние, луѓето, немаме доволно развиена свест за јасно да го почувствуваме овој космички баланс, бидејќи поради гравитацијата, половите се движат во форма С – циклус од 18,6 години (Њутн, 1687 г.) околу „замислената оска“, при што доаѓаат на својата почетна точка секоја „голема“ односно т.н. Платонска година – на секои 25.800 човечки години, сѐ уште несфатливи за човечкото око. Затоа во неколку култури е зачувано преданието дека на рамноденица „јајце може да стои мирно исправено, без да паѓа“. Линеарното пресметување на времето е конфузно и го запира денешниот ум во обидите да разбере како древните народи низ целиот свет го пресметувале времето преку циклуси. Пролетната и есенската рамноденица, заедно со двата солстиции (најдолгиот и најкраткиот ден во годината) биле четири важни маркери за многу древни народи.
Преданијата низ целиот свет говорат како старите богомили (со календар од десет месеци) го празнувале денот на пролетта во месецот Мар, чиј симбол бил Му (Сонцето). Во Иран, исто како и кај тукашните дервиши, се слави Султан невруз, празник со длабоки корени во суфизмот, од Стара Персија, па до ден-денес – што буквално значи Нов ден – и нивната Нова година почнува на пролетната рамноденица. Во Република Ирска, денот на Свети Патрик, симболот на земјата, се слави во истото време – митолошки претставено преку приказната како Свети Патрик ги избркал змиите од Ирска. Во Русија сѐ уште постои фолклорната реминисценција на празникот Масленица, симбол за враќањето на светлината и топлината, приближно славен седум седмици пред Велигден, последни „мрсни“ денови пред постење. Многу од „годишните“ богови на минатото – Атис, Адонис, Озирис, Дионис, се раѓаат и умираат секоја година. Народите што ги славеле (во некои случаи и со принесување жртви) биле спасувани од овие божества, кои, всушност, ја претставувале вегетацијата што умира секоја есен, за да се роди одново напролет. Овој период содржи празници посветени на сите досега забележани божици мајки – Астарта, Изис, Кибела, Афродита, Персефона… Божицата се појавувала расцутена, преку листовите на дрвјата, садењето на новата сезона, парењето на птиците, преку раѓањето млади животни. Meѓу луѓето, време е за садење – така народот бил сигурен дека животот продолжува.
Едно од седумте светски чуда, храмот на Артемида во Ефес, посветен токму на истата женска енергија на создавањето, бил „запален од некој лудак“ точно на денот кога се родил Александар, синот на Филип и Олимпија. Плутарх пишува дека „божицата била премногу зафатена со раѓањето на Големиот Александар и немала време да го заштити храмот“. На главната пирамида на Маите во Чичен Ица, Мексико, има четири низи скалила, кои се протегаат од врвот до дното на лицата на пирамидата и се познати по крвавите човечки жртвувања што се случувале овде. Скалите биле изградени по совршено прецизен агол, така што точно во моментот на рамноденицата да изгледаат како огромна змија што се спушта удолу по пирамидата. Евреите го напуштаат Египет, преминуваат море на Пасха во месецот Нисан – месецот Ксантика. Клетвата за да умрат првородените и празниците за подготовка за Пасхата започнуваат кога преку Мојсеј им било наредено да заколат и изедат јагне, а потоа да ги напрскаат влезните врати со крвта, за кога ќе ја видел крвта, ангелот на уништувањето да премине преку нивните гревови – тогаш започнува и Ксантика – во нивниот календар Нисан, првиот месец. Симболиката на Пасхата е прочистувањето, одењето во „куќата“ од врв до дно. Во Елевсинските мистерии, владетелот на подземјето Ад, ја мами Персефона преку реката со шест зрна од калинка, па откако мајка ѝ се договорила со господарот, било решено таа да поминува пола од годината во адот, а пола на земја – за да може земјата да дава плод. Во мистериите на Бахус (Дион), исто така имало празнувања на пролетната рамноденица. Рамноденицата ја гледаме во мистичните антички преданија насекаде исто – симбол на новото, токму почнато, ново време.
Во древниот македонски соларно-лунарен календар го има месецот Ксантика, за празнувањето на деновите на пролетта. Најстар наведен извор е Хесихиј од 6 век пр. н.е., кој ни пренел дека „Ксантиката била славена од луѓето што живееле на север од Олимп и тоа празнување било воздигнато од силни емоции што биле тешко разбирливи за преостанатиот антички свет“. Диодор Сицилиски во четвртата глава од 18-та книга пишува за присутните закони на Филип и Александар и за месецот Ксантика. Александар Македонски тргнал во големиот поход кон Азија на – Ксантика. Македонската фаланга пред секој поход имала ритуал ист како славењето на пролетта, со додадени мистични симболики за прочистување на армијата – ритуално се прочистувале преку растргнување куче на две половини – претпазливост од раскол (schism). Во Стариот завет, Втора книга макавејска се споменува месецот Ксантик со поздрави за здравје и сигурност. Македонската династија Птоломеиди во Египет ја носела црвено-белата круна како симбол на спојувањето на Горен и Долен Египет. Професорите Тентов и Бошевски, според нивното дешифрирање на средниот текст на Каменот од Розета, велат дека рамноденицата е денот кога Небесниот Татко (Воо) ја создава Големата Мајка (Мо). Ташко Белчев го оживува митот за богот Македон и Ксантија, а професорката Ангелина Маркус ја проучува Ксантика како древно македонско празнување. Паскал Камбуровски пишува дека ова е празник на „измивање на душите“ и доминација на светлината над темнината. Современите експерти Јуџин Борза и Николас Хамонд наведуваат дека на овој празник во Пела им се оддавале почести на предците и се изнесувале трофеите на починатите цареви. Датумот на рамноденицата се определувал на Кокино, мегалитска опсерваторија стара над 4.000 години.
Црвено-бело за жива и здрава Македонија. Среќна Ксантика! Нека овој спомен за древната Ксантика биде потсетување на силата и истрајноста на нашите предци.

(од книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“)

м-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)

продолжува