Многу често велиме дека моралот е дејствување на луѓето според однапред поставени етички норми во заедницата. Моралот всушност е творечка дејност на луѓето, кои се одговорни, имаат човечки карактеристики и чија цел е да постапуваат најдобро што можат за да го унапредат човековото живеење. Моралот е творештво на слободна личност, која со својот етички талент, посветеност и ангажираност се труди да го подобри своето и живеењето на другите луѓе во заедницата – Кирил Темков
Серијал: За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија (5)
Ја живееме 34-та година од воведувањето демократија и плурализам во Македонија и на половина сме од третата декада на 21 век, а никако да воспоставиме парадигма на одговорност, принципи и етички и морални вредности во заедницата. Крајно време е да изградиме вредносен систем со демократски предзнак, чија есенција ќе бидат националната и општествената традиција и култура во кои ќе бидат втемелени работната етика и моралните принципи, како и одговорноста од секаков вид (кривична, прекршочна, дисциплинска, морална). За овие неопходни предуслови за одржлив демократски поредок и слободен општествен живот во државата и општеството пишува Сотир Костов во серијалот насловен „За должностите, одговорноста, моралот и етиката во Република Македонија“
Моралот на човекот во заедницата функционира како низа од вредности, норми и определби што го инспирираат неговото однесување. Сите тие се важни и незаобиколни, треба да се следат, но и да се спроведуваат. Секогаш се однесуваат на личните вредности на луѓето, оние што значат постапка кон други луѓе, оние што се однесуваат на целата зедница и оние што се општочовечки и се однесуваат на целото човештво.
Главни лични норми на човекот
Тоа се личните вредности, кои ги карактеризираат добрите постапки на секој човек: пристојност – приспособеност на дејствувањето на човекот со правилата на доброто однесување и постапување; разумност – рационално мислење и дејствување и умно однесување во согласност со умот и водење сметка за сите аспекти на животот и за сите страни на секое прашање; умереност – држење средина во дејствувањето, рамнотежа, самоконтрола, дејствување без претераност; коректност – правилно однесување на личноста, постапување според прописите, водење сметка за ставот на другите и нивно неповредување; стабилност – постојаност на намерите и на постапките, невозбудување пред предизвиците и еднакво и мирно однесување секогаш и во секоја ситуација.
Е сега, ајде да се запрашаме дали сме пристојни секогаш кога тоа го бараат пишаните и непишаните правила на доброто говорење, однесување и постапување во средината во која живееме и работиме. (Да не заборавиме дека пристојноста значи потврдување на идеите за почит, толеранција, сообразување со другите, и тоа на начин што е пропишан со општествени норми за пристојност. Не станува збор само за сопственото убедување што е пристојно или не, туку што општеството или јавноста смета за такво.) Покажуваме ли потребно ниво на разум кога треба да сме рационални, умни и доследни? Нѐ краси ли умереност, особено кога станува збор за нашите желби и потреби, имаме ли самоконтрола или, пак, претеруваме? Кога последен пат сме се запрашале дали сме коректни, пред сѐ кон себе (во смисла на придржување кон законите и другите важечки прописи) и секако кон средината во која живееме и работиме, кога не ги запазуваме хигиенските и еколошките стандарди и нормите на општествената одговорност? Дали секогаш намерите ни се чесни, а постапките правилни и етички? Време е самите на себе да си ги дадеме одговорите, ама притоа да бидеме искрени и објективни. Тоа е можно само преку паметни идеи, добри дела и доблести што мора да ги поседуваме.
Добро постапување кон другите луѓе
Од горенаведеното се обидувам на животот да му пријдам од друга, поинаква перспектива. Досегашната се покажа несоодветна. Само за седум-осум години во четири несреќи изгубивме – во пожари ни изгореа многу наши сограѓани, државјани на Македонија. И сето тоа поради корупција, непрофесионална администрација, забегани политички елити. Досега одговорност нема, како да им беше спечена совеста на одговорните. Животот е најскапа вредност и затоа е неопходно ние обичните граѓани да одговориме со издигнување на свеста и будење, активирање на совеста. Што конкретно значи тоа?
Тоа е водење сметка за луѓето со кои се доаѓа во контакт во животот и работата. Тоа е добар однос и соработка со луѓето од заедницата т.е. со луѓето со кои се дели истата судбина. Основните вредности на ваквиот однос се: разбирање – имање осет за другите, за нивните вредности и постапки; спогодување и согласност со другите луѓе; почитување – укажување чест некому, уважување и давање соодветно место на друг, кој го заслужува, истакнување на неговата лична вредност и на неговата позиција, внимателно, учтиво и културно однесување кон него; помош – олеснување на задачите и на тешкотиите на другите, основна етичка ориентација на човекот, овозможување полза за некого во заедницата; искреност – отвореност кон другите луѓе, доследна вистинитост, понудување на своите чувства и идеи за да бидете разбран; лојалност – посветеност и приврзаност кон нешто и некого, меѓусебно почитување на членовите на една социјална или работна група; љубов – силна приврзаност, наклонетост кон некого со чисти емоции, извор на човековото разбирање на животот и на другите луѓе, и извор на етиката.
Вредности во заедницата
Човекот секојпат живее во заедница (семејство, општина, држава, општество). Секојпат човекот треба да воспоставува добри заедници во кои ќе има добри услови за живеење, работење, напредување, почитување, соработка. Вредностите на таквите заедници се: заедничко живеење – градење добра заедница во која луѓето се блиски и имаат заеднички и слични цели, живот во кој се споделуваат условите, вредностите, работата и остварувањето; доверба – верба во некого или во нешто, меѓусебно верување, увереност дека меѓу луѓето постојат согласност и чесност; поддршка – поткрепа, давање материјална и морална помош, поддржување на луѓето и нивните идеи; пријателство – блискост, почитување помеѓу луѓето, поврзаност со искрени емоции и наклонетост; солидарност – заедничко мислење и обезбедување на интересите, длабока поврзаност и заемно обврзување и дејствување за да се реализираат исти цели.
Сите три наведени вида на вредности и норми треба да се поткрепени со добри општочовечки идеи и постапки на луѓето во локалната заедница како што се разбирање, добра волја, толеранција, етичко однесување, ненасилство, помош и мир.
Демократијата подразбира среден заеднички живот на луѓето во заедницата
Новите погледи за поврзаноста на економијата и политиката со етиката доаѓаат од земјите со развиено и специфично политичко уредување – демократијата. Најшироко гледано, демократијата е поим на граѓанскиот живот на човекот и неговата етика.
Демократијата подразбира еднаквост на луѓето, нивна слобода на живеење, дејствување и решавање на сите прашања, па и на општествените. Демократијата подразбира среден заеднички живот на луѓето во заедницата. Целта и задачите на демократијата во заедницата се унапредување на животот. Унапредувањето се постигнува само преку прогрес, кој подразбира постигнување успех на сите полиња од животот, а тоа се: економски напредок, добро работење, отворање нови работни места, добро образование, добро и сигурно живеење и слично.
Демократијата е водење на заедницата како добар дом, во кој нештата се во ред, владее слога, сите си ги извршуваат своите должности, сите придонесуваат и заеднички ја планираат и градат иднината. За остварување на овие идеали и вредности е неопходно постоење на меѓусебна доверба помеѓу личностите во заедницата.
Довербата е искрена верба во нешто и во некого и меѓусебно верување во моралот. Довербата претпоставува очекување во заедницата за правилно, чесно и кооперативно однесување на нејзините членови, засновано врз нормите што тие ги споделуваат. Заемната доверба постои тогаш кога во една заедница системот на моралните вредности се споделува така што се создава очекување за правилно и чесно однесување. За такво постигнување е неопходна парадигма на целосна личност во вистинска смисла на зборот. Личности што еднакво ги развиваат и унапредуваат нивните четири димензии: ум, тело, срце и дух. Личности на кои вистината им е најбитна. Личности што преку искреност, чесност, храброст, одговорност и интегритет ќе создадат доверба (Принципите се сѐ!). Доверба меѓу сите нас и доверба помеѓу нас и државните институции.
Серијалот го започнав со мисли на народниот гениј дека работите и состојбите во Македонија дојдоа „нож до коска“, дека на сите ни догори до под нокти и ни пукна филмот. Ќе го завршам со констатацијата т.е. реалноста дека силните личности не се создаваат во идеални услови, туку како одговор на непријатностите што им се случуваат, преку грчевити напори и челична волја, решени да се фатат во костец со предизвици и неволји од секаков вид, на тој начин совладувајќи ги секојдневните проблеми и тешкотии. Ете кон таков идеал треба да тежнееме сите ние во македонскиот локус (селото, општините и градот) и секој, без разлика дали работи во државна институција (влада, министерства, државни и јавни претпријатија, обвинителство, суд), во бизнис-секторот или во граѓанскиот (невладин) сектор.
Почитувани мои читатели, се обидов преку спојување на филозофија, современа психологија и духовни идеи и со помош на принципите и нормите на моралот и етиката, да понудам корисни алатки, со чија секојдневна употреба ние луѓето треба и мора да станеме подобри личности (доблесни и корисни членови на општествената заедница), со цел да изградиме поправедна и похумана општествена заедница.
Сотир Костов
(крај)