Во овој наш текст, ние ја разгледуваме работата на проф. Илија Чашуле од гледна точка на нашиот интерес за поврзаноста меѓу современиот македонски и античкомакедонскиот јазик (оној јазик за кој во минатиот текст посочивме дека е ист со старогрчкиот јазик)
Така, обидот да се докажува нешто наспроти постојните научни докази и против здравата логика се чини дека е неодржлив. Меѓутоа, ако пристапот е погрешен, не значи дека и темата не постои. Во тој контекст овде накратко ќе се осврнеме на работата на еден наш научен работник, кој исклучително ја има задолжено нашата наука за јазикот, истражувач со меѓународно искуство, лингвист што најголем дел од својот работен век го мина во туѓина, човек што и покрај широкото поле на интерес секогаш најмногу се занимаваше со македонскиот јазик и посвети најмногу од својот живот на ова прашање.
Се работи за академик Илија Чашуле. Професорот Чашуле е светски признаен научен работник, кој по неколкугодишно работно искуство на Филолошкиот факултет во Скопје, заминува во странство и предава во Русија, Финска, Шведска, Германија (Москва, Упсала, Хале, Хамбург, Марбург итн.). Најголемиот дел од својот животен век го минал на Универзитетот „Маквори“ во Австралија и по своето пензионирање се вратил во Македонија, каде што бил избран за член на Македонската академија за науките и уметностите. Исто така е професор што има издавано во врвни европски и светски научни списанија.
Што се однесува на неговиот научен интерес, тој се занимава со теорија на јазикот, историска лингвистика, индоевропеистика, методологија на учење странски јазици итн., но во фокусот на неговиот интерес секогаш е првенствено македонскиот јазик.
Во овој наш текст, ние ја разгледуваме работата на проф. Чашуле од гледна точка на нашиот интерес за поврзаноста меѓу современиот македонски и античкомакедонскиот јазик (оној јазик за кој во минатиот текст посочивме дека е ист со старогрчкиот јазик). Имено, во однос на ова прашање, професорот Чашуле има развиено еден многу интересен пристап што ја обработува оваа проблематика, но за разлика од претходниот пристап, со издржана научна методологија.
А тој пристап се состои во следното. Еден искусен истражувач како професорот Чашуле е свесен дека помеѓу јазикот на Филип и Александар и јазикот на „Илијадата“, „Одисејата“ и големиот број антички филозофски расправи, трагедии и сл. не може да се направи разлика. Односно, дека тоа е еден ист јазик. Исто така, свесен е и дека едно такво тврдење дека античкомакедонскиот и современиот словенски македонски се еден ист јазик и дека едниот потекнува од другиот не може аргументирано да се брани. Со оглед на тоа, не можејќи да оди против фактите, тој почнува да размислува во една друга насока, а таа е – дали можеби имало друг антички јазик што се зборувал на оваа територија, а кој не бил старогрчки. Со други зборови, дали современиот македонски има некој предок во антиката што е различен од старогрчкиот и што можеби може аргументирано да се поврзе со денешниот македонски. Меѓутоа, пишани остатоци од таков јазик нема, а ако ги нема, се разбира дека ништо и не може да се докаже. Ова, разбирливо, ја става таа теза пред сериозен проблем. Па сепак, професорот наоѓа решение и за тоа: користејќи историски податоци, утврдува кое население во минатото ја населувало територијата на Античка Македонија, односно, поточно, на кој етнос му припаѓало тоа население. Тоа се Бригите, за кои Чашуле утврдува дека подоцна во некое време се отселиле од Античка Македонија и се населиле подлабоко на истокот, во подоцнежната Фригија на територијата на денешна Република Турција. Меѓутоа, тоа не е сè; професорот пак преку проверени историски податоци успева да утврди каде и во денешно време останале остатоци од тоа старо античко население. И откако успева да го открие, да го лоцира и да го посети тоа население и да го проучи неговиот говор, врз основа на неговиот жив говор, тој прави реконструкции и го поврзува неговиот јазик со јазикот на ова старо палеобалканско население. Со други зборови, го реконструира античкиот бригиски јазик од живиот говор на денешните потомци на тоа население.
Големото откритие на професорот Чашуле во однос на ова прашање е што тој докажува дека овој јазик е, всушност, индоевропски. А врз основа на тој факт, поврзување со современиот македонски и денешните словенски јазици може да се направи, бидејќи и тие се индоевропски (за античкомакедонскиот или старогрчкиот има двојби; повеќето од специјалистите по прашањето го вклучуваат во индоевропските, но како јазик изолат, т.е. таков што нема ниеден сличен јазик на себе; но некои и не го вклучуваат). И вака професорот Чашуле од жив денешен јазик реконструира антички јазик за кој нема податоци и докажува дека таков антички јазик како бригиски (или фригиски) постоел, иако пишани споменици од него не останале. А во дополнение на тоа многу лексеми од тој јазик се исти со лексеми од современиот македонски јазик и ги има и во денешниот македонски. Или, пак, докажува дека античкиот македонски бил различен од старогрчкиот, фактички бригиски, но индоевропски, и со тоа го поврзува со денешниот македонски јазик. И вака проф. Чашуле успева да докаже дека фригискиот е или сроден или предок на современиот македонски јазик.
За ова откритие на професорот Чашуле е посветен цел број на единственото специјализирано индоевропеистичко списание во 2012 год. (Journal of Indoeuropean Studies – JIES) и тоа одекнало во речиси целата светска научна јавност. И ова воопшто ниту е лесно, ниту едноставно да се открие и докаже, и мислиме дека проф. Чашуле заслужува признанија за тоа од многу поголеми авторитети од нас – и соодветно вреднување на неговото дело и во нашата научна средина и во нашата земја воопшто.
Во тој контекст, иако тоа излегува од прашањето со кое се занимаваме во овој текст, ќе споменеме и накратко само дека заслугата на проф. Чашуле за нашата наука и воопшто земја не е само ова големо откритие. Тој, освен тоа, е и нашиот прв индоевропеист и прв етимолог и човек што со децении се бори против разни струи во светската наука, кои го побиваат погледот дека има каква било поврзаност меѓу денешниот македонски и каков било јазик од антиката. Не е исклучено во една средина со индоевропеистика, етимологија или со која било друга јазична или научна гранка да се занимаваат различни струи или истражувачи, па дури и во исто време, но фактот дека прв сериозен индоевропеист во нашата научна средина, и хронолошки и секако, е проф. Чашуле сепак останува.
И воопшто, нам ни е жал што професорот неправедно не беше вреднуван за сите свои заслуги, некои од кои навистина големи (ситуација многу честа на нашиот терен), но се надеваме дека работите ќе се сменат и дека тоа сепак ќе се вреднува како што треба.
Меѓутоа, што се однесува на нашето прашање во овој текст, иако ние не сме авторите што би можеле да даваат критички осврти за работата на професорот во која било смисла, сепак ќе се осмелиме да го кажеме следново. Ако треба да прифатиме дека современиот македонски можеби е потомок на античкиот бригиски, тогаш треба да се согласиме и со тоа дека тој нема никаква врска со античкомакедонскиот на Филип и Александар или со старогрчкиот. Бидејќи, како што опишувавме во минатиот текст, јазикот на Птоломејската династија бил ист со тој на Александар и Филип, а тој, пак, со јазикот што се зборувал на античкомакедонската територија. Во тој случај, ако бараме јазик што е различен од тој, тогаш треба да признаеме и дека современите Македонци немаат никаква врска со и не се потомци на тие на Филип и Александар.
Значи, овој пристап на професорот Чашуле е научно аргументиран, но ја носи таа последица дека треба да се исклучи наследството од народот на Филип и Александар. И иако мислиме дека тоа во случајов е случајно, помалку и наликува на онаа позната македонска карактеристика да се бега од своето затоа што тоа свое не може да се докаже. На пр., соседните народи го проблематизираат словенскиот идентитет, а со оглед што од ред причини се има проблем да се докаже тоа, се бега во античко наследство. Ама и таму, поради тоа што и таму има проблем да се докаже, се бега пак од својата вистинска нишка на потекло и се бара нешто друго. Не мислиме дека проф. Чашуле го прави тоа, дури и самото решавање на бурушарскиот јазик е доволно големо откритие без никакви патриотски импликации; не мислиме дека и другите што го прават го прават тоа од бегство, туку повеќе од романтика, можеби и од љубов кон својот народ, но тоа, отстрана гледано, малку личи на тоа. А знаеме дека со тоа потврдата струја што го застапува овој став не би се согласила – тие токму тоа го тврдат, дека денешните Македонци и никој друг се наследници на тој антички народ, и поконкретно на Филип и Александар.
Меѓутоа, делото на професорот Чашуле сепак има и уште една странична позитивна последица – а тоа е дека ни открива и уште еден нов пристап, кој можеби дава нов и целосен поглед на работите.
И во пристапот на авторите на студијата за Каменот од Розета и во тој на професорот Чашуле, иако е генијален и содржи непобивливо откритие, мислиме дека недостигаат некои настани што фрлаат нова светлина на прашањето. А нормално е да недостигаат, бидејќи мислиме дека спаѓаат во полиња сосема различни од тие со кои се занимаваат почитуваните професори. Во следниот број ќе пишуваме за еден сосема нов поглед, кој не бега од тоа што е и кој дури и во рамките на фактите такви какви што се, без да бега од ништо, се обидува да ја докаже вистинската македонска нишка од двете страни – и од словенската и од античкомакедонската.
продолжува
Зоран Спасовски
Авторот е научен соработник во Институтот за македонски јазик