Нејзината револуционерна дејност започнува за време на учителствувањето во Битола. Била позната и „популарна“ меѓу битолските еснафи, а таквата репутација ѝ се зголемила откако станала доверливо лице на Даме Груев. Во Македонската револуционерна организација влегла откако била покрстена од месниот раководител Христо Чемков. На самиот чин на примање на Трифунова во Организацијата присуствувале и Георги Поп Христов, Георги Пешков, поп Тома (Тома Николов) и Ѓорче Петров, сите видни раководители на Битолскиот револуционерен округ
Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (4)
Во македонското револуционерно движење учествувале голем број учителки. Една од нив е Билјана Трифунова (Каранова) (запишана и како Трифонова), која била родена во Битола, 1876 година. Нејзиниот татко Трифун Каранов, според кој го добила презимето, бил родум од кичевското село Бигор Доленци. Во историските извори тој е наведен како виден деец од времето на црковните борби во Битола, што значи во периодот околу 1860 година. Во Битола дошол како дете, а по занает бил бакал-јогуртџија. Во овој град се родила неговата ќерка Билјана Трифунова, која тука го завршила основното образование. Тука станала и учителка во 1895 година. Освен во Битола, таа учителствувала во повеќе други места во западниот дел на Македонија: Кичево, Лерин, Прекопана, Карбуница, Тресонче, Лазарополе, Трново, Орланци, Вранештица.
Нејзината револуционерна дејност започнува за време на учителствувањето во Битола. Била позната и „популарна“ меѓу битолските еснафи, а таквата репутација ѝ се зголемила откако станала доверливо лице на Даме Груев. Во Македонската револуционерна организација влегла откако била покрстена од месниот раководител Христо Чемков. На самиот чин на примање на Трифунова во Организацијата присуствувале и Георги Поп Христов, Георги Пешков, поп Тома (Тома Николов) и Ѓорче Петров, сите видни раководители на Битолскиот револуционерен округ.
Во што се состоеле нејзините должности? Пред сѐ во прикривање, носење и пренесување оружје, нарачки за облека и барање лица коишто најчесто илегално ја преминале границата, доаѓајќи од Бугарија. Особено опасно и тешко било организирањето пренесување пушки поради самата габаритност. Вообичаено, замаскирани пушките биле пренесувани од кираџиски коњи директно во училиштето. Нив ги криеле во малата училишна зграда. Најголемиот дел од пушките биле растоварани по ановите. Трифунова била задолжена да подготви безбедно истоварање на пратките. Таа ги придружувала коњите, набљудувала дали некој ги следи, давала знаци за внимателен истовар итн. Како што се покажало во случајот со познатата епизода со пренесувањето оружје и фаќањето на Дончо Штипјанчето, постоеле големи можности товарите со оружје да бидат пресретнати од турската жандармерија. Доколку се случело тоа, се знаело што следува: тепање, измачување, прогонство или смрт.
Во еден момент и самата учествувала во дистрибуцијата на оружјето. Пред Илинденското востание, заедно со Тодорка Пасхова пренесувала пушки за црквата „Света Недела“. Обично, пренесувале по две пушки наеднаш со по триста или повеќе куршуми. Нив ги земале од Централното училиште. Самата Трифунова во своите „Спомени“ раскажува дека во една пригода додека поминувала по еден од мостовите на реката Драгор во Битола задувал силен ветер. Поради тоа пушките излегле на виделина. Двете жени задале пискотници. Нив ги забележал еден млекар и тие веднаш се упатиле кон неговата млекарница. Тука се спастриле, односно си ја поправиле облеката, повторно ги замаскирале пушките и потоа си го продолжиле патот до крајната дестинација како да не било ништо. Во црквата „Света Недела“, пушките му биле предадени на клисарот, кој ги сместил во некое скриено катче внатре во црквата. Оттука, пушките биле пренесувани во битолските села.
За време на Илинденското востание, Трифунова и нејзините најблиски соработнички ги посетувале битолските куќи и собирале ризи, чорапи и друга облека потребна за револуционерите. Чорапите ги складирале во училиштето во Јени Мале.
Активностите на Трифунова придонеле нејзината куќа да стане и едно од сврталиштата на македонските револуционери. Дури, првата средба на Даме Груев со Михаил Герџиков во Битола се случила во нејзиниот дом. Нејзината куќа станала еден вид складиште на облека и муниција. Оружјето и другите илегални материјали се чувале на таванот, а имало и разни „долапи, кои можеа да служат како скривалишта“. Откако Даме Груев излегол од затвор и зачекорил по битолските улици, Трифунова веќе длабоко била навлезена во револуционерното движење. Тој ја посетувал нејзината куќа за да ја координира организацијата на материјалите.
По востанието, Трифунова започнала да извршува курирски задачи зададени од битолските околиски војводи. Во една пригода била известена дека војводата Христо Узунов треба да пристигне во некоја напуштена куќа во селото Селца. Таа се упатила таму и се сретнала со Узунов и со други револуционери. Понатаму, се префрлила дури во мијачкиот крај, па извршувајќи ги наложените задачи пристигнала во селото Лазарополе, каде што воспоставила врски со реканската чета и исполнила некои свои порачки благодарение на познавањето на револуционерните шифрирани писма. И тука се случил еден настан што ја покажал силата на Трифунова. Имено, откако на реканската чета составена од осум-десет четници ѝ ги предала писмата од Пандо Кљашев и Павел Христов, се стемнило и таа морала да остане во гората. Кога започнало да врне, се слушнал некој силен шум, при што некои од стражарите известиле дека најверојатно четата е опколена од турскиот аскер. Трифунова веднаш му се обратила на војводата и „го замолив да ме застрела, бидејќи не можев да бегам. Не мина многу време и одново се чу шум, јас одново го замолив војводата да ме застрела, но по направената проверка се воспостави дека ниту сме биле опколени, ниту пак имало турски аскер наблизу, а вековен даб паднал на земјата. Кога мина опасноста, војводата ми кажа дека досега не сретнал толку решителна мома. Му одговорив дека ја претпочитам смртта, отколку Турците да си поигруваат со мене“.
По престојот во дебарскиот крај, Трифунова се одбила до Кичево каде што остварила средба со тамошниот раководител Тома Николов. Во следните години го издржувала војводата Крсто Љондев, кој се криел во нејзината куќа, а ги преживеала и заканите од некој битолски моќник, Турчин по име Фари. Тој се фалел дека ако ја начека сама Трифунова дека „веднаш ќе ѝ го закачи јажето“, односно дека ќе ја обеси. Сето ова се случувало откако властите започнале да се сомневаат во нејзината револуционерна дејност. „Ме следеа тајни полицајци, но никој не можеше да ме открие“, ќе се присети таа.
По Балканските војни, Трифунова емигрирала во Бугарија. Познато е дека следните години постепено ѝ се влошило здравјето. Така, во 1933 година ослепела, а веќе следната 1934 година починала во Софија. На ваков начин, битолската учителка Билјана Трифунова го дала својот придонес земајќи „живо учество во револуционерното движење“, како што знаеле да наведат нејзините соборци.
(Продолжува)
Д-р Славчо Ковилоски
Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.