Усното народно творештво е облик на уметничко изразување, кое се изразува преку говорот и претставува најстар начин на практикување на народната книжевност, односно на литературата воопшто. За разлика од писмениот начин на изразување, кој во одреден момент има конечна форма, усната книжевност е подложна на менување во јазикот, метриката и во текстуалниот дел, односно на импровизација. Токму од вештината на импровизирање на народните пејачки, односно од нивниот авторски влог во народните песни зависело и прифаќањето на творбите што понатаму се пренесувале од уста на уста, од колено на колено. Од мноштвото народни поетеси се издвојуваат имињата на: Дафа Цепенкова, Депа Каваева, Дафина од Просеник, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова, Илинка Везенковска, Цвета Мазнаеова, Ѓурѓа Котева и Божана Трпанова. Без разлика на околностите, без разлика на местото и името под кое своевремено биле објавувани, преку нивната интерпретација го откриваме големото македонско духовно богатство и ги откриваме и убавината на македонскиот јазик и неговите убави дијалектни форми. Авторот д-р Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература, автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од 19 век, добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ и повеќе од една деценија работи на истражувања поврзани со појавата и развојот на македонското женско прашање

Духовното и јазичното богатство во творештвото на македонските народни поетеси (5)

За Митра Ристова (во еден случај запишана и како Христова) немаме детални биографски податоци. Нејзините песни ги слушал Антон Поп Стоилов, кој запишал „45 разни песни, една на друга по 150 стихови“. За време на запишувањето на песните на 6 август 1892 година во селото Лешко, Ајдучка Маала, за неа е наведено дека била „прочуена горноџумајска пеачка мома Митра Ристова“. Оваа информација ни укажува дека во тоа време таа била млада, односно сè уште била немажена. Оттука, нашата претпоставка е дека можеби била родена некаде во средината на 70-тите години на XIX век. Таа уште од мала возраст учела јуначки песни од својата 96-годишна баба Векла.
Ристова е една од ретките македонски пејачки за кои се карактеристични долгите пеења, односно песни во кои се содржани голем број стихови. Како пример ќе ги наведеме песните: „Дете Малианче“, која има 609 стиха, „Женидбата на Милош јунак“ со 323 стиха и „Женидбата на младо Црногорче“ со 216 стиха.
Песна „Дете Малианче“, според редакцијата на списанието „Периодично списание“ од Браила, претставувала „чуден спој од поетски и приказнични мотиви“. Притоа, на редакторите песната им изгледала како да е составена од неколку други, бидејќи во неа се испреплетувале историски подробности што изгледале „како да се земени од некои летописи“. Главниот лик Дете Малианче е во постојана корелација со јунаците Болен Дојчин, Рајко Војвода, Марко, Марковица и Црна Арапина, Филип Маџарин, коњот Дора Малена, кои се јавуваат како протагонисти во дејството. Комбинирањето на содржината на песната е сочинето од претскажувањето на наречниците и неговото исполнување (карактеристично за повеќе јуначки песни, во кои како главен лик се јавува Крале Марко), а делови со слична содржина се сретнуваат кај Миладиновци, во песните „Краљ Шишман, краљ Латин и овчар Табарина“ и „Марко, Секула и краљ Латинина“. Како што можевме да видиме, содржината на „Дете Малианче“ е изградена од три самостојни сижети, кои извонредно се дополнуваат едни со други, создавајќи прстенеста структура на песната. Имено, песната почнува и завршува со претскажувањето на наречниците за смртта на Дете Малианче и за неговата слава.
Прекрасен пример за начинот на усвојување на народните песни ни презентирал запишувачот А.П. Стоилов. Во забелешката под големата песна „Дете Малианче“, тој навел дека од прочуената горноџумајска пејачка Митра Ристова запишал 45 разни песни, долги по 150 стиха. На прашањето од кого слушала толку долги песни, таа одговорила дека „ги слушала од својата 96-годишна баба Вакла Шиковска од истото село, која знаела многу јуначки песни, некои од нив со по повеќе од 1.000 стиха. Баба Вакла сакала внуката Митра да ги научи сите тие песни, та почнала да ѝ кажува најпрвин помали песни и со тоа да ја подготви за примање поголеми, но кога дошол редот Митра да ги изучува поголемите песни, Бог ја преселил баба Вакла во вечноста. Додека била жива баба Вакла, Митра често ја повторувала песната ‘Дете Малианче’ со цел да ја научи“.
Ова објаснување нè доведува до одговорот како пејачите ги паметеле народните песни. Веќе на почетокот на XIX век започнало системското проучување на начините на памтење и репродуцирање на слушнатото и на знаењето. Вештината што преку визуализирање слики или зборови придонесува за полесно памтење на информациите се нарекува мнемотехника. Преку мнемотехниката, тие барале врски меѓу нештата што ќе го олеснат нивното помнење: одредени фрагменти или остатоци, врз кои се потпирале да запомнат нешта што се случиле или да се потсетат на нешта што веќе биле меморирани.

Она што е интересно, а што ја навело редакцијата на „Периодичното списание“ да се посомнева во извесно поврзување со „некои летописи“, се редоследното наведување на голем број имиња на гости, кои Филип Маџаринот ги поканил, и утврдување на местата од каде што доаѓале. Ним Ристова им посветила дури 39 стиха: „од Букурешт Беџелеј Дубеџе, / од Силистра Љутица Богдан, / од Покровник дете Магдаленче“ итн. Изненадува точноста на имињата на градовите и областите од кои биле поканети гостите, со оглед на тешкотиите со кои се соочувале учениците во секојдневното учење, а во тој контекст и со географијата. Дури и не ја исклучуваме можноста Ристова да не посетувала училиште, односно да била неписмена. Оттаму, наведувањето на Ниш, Трново, Видин, Алексинац, Јагудин (Јагодина), Шумадиа (Шумадија), Тетово, Радомир, Кратово, Кочани, Неврокоп, Нови Пазар, Пелистер, Варадин (Вараждин), Солум (Солун), Стамбол и другите градови укажува на живиот темперамент и интерес на пејачката за балканската топонимија.
Поради ваквиот начин на пеење на Митра Ристова, со комбинирање поетски и приказнични мотиви, оваа песна е единствена по својот вид во македонскиот фолклор. Токму поради тоа, кон песната може и треба да се однесуваме како авторско дело на Ристова и покрај тоа што момата ја научила од својата баба. Од каде ли само знаењето за градови, места и имиња што никогаш не ги посетиле, за кои не можеле ни да сонуваат дека постојат, неписмени и затворени во селска средина? Одговорот лежи во нивните прекрасни умови, во чувството за епика и лирика, во нивното разбирање за убавото, за естетиката, за потребата за уметничко изразување.
Радиусот на нејзините познавања не е сведен само на обично репродуцирање на слушнатото. Ристова е вистинска поетеса, која користела епитети, повторувања, дијалози. Дејството на песната го одлагала ненаметливо, со претставување поетски слики, карактеристични само за пејачки што душевниот жар знаат да го пренесат во песна. Како заклучок, можеме да кажеме дека во пеењата на Митра Ристова доминираат јуначките песни, како според бројот на стиховите, така и според убавината на пеењето. Поривот за драматизација и поривот кон епосот од Ристова создале интерпретаторка од највисоко рамниште во македонската народна поезија.

Славчо Ковилоски

продолжува