Aнастасија Узунова потекнува од стари родови од мајчина и од таткова страна. Родена била во семејството на Георги и Агнија Чакрови (Чакарови) во Струга. Во Македонската револуционерна организација се вклучила како главна организаторка на жените во Охридско. Некои сметаат дека била и првата охриѓанка што влегла во редовите на Организацијата. Како и да е, неспорно е нејзиното залагање за формирање женски друштва што ја помагале работата на револуционерите. Со синот Христо присуствувала на давањето заклетва на четата на Тале Горанов како претставничка на женската револуционерна група од Охрид. По смртта на двајцата синови емигрирала во Бугарија, заедно со преостанатиот син Ангел. Таму и починала во 1948 година
Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (9)
Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција,
ги криеле и ги лекувале
македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу
народот биле познати како „комитките“.
Авторот д-р Славчо
Ковилоски е универзитетски професор.
Еве една мајка што во македонското револуционерно движење влегла благодарение на своите синови, Христо, Андон и Ангел Узунови. Мајка, која морала да се задоволи да биде ставена на второ место, веднаш по мајката на која тие ѝ давале предност: Македонија.
Анастасија Узунова потекнува од стари родови од мајчина и од таткова страна. Родена била во семејството на Георги и Агнија Чакрови (Чакарови) во Струга. Нејзиниот татко му бил соборец на Димитрија Миладинов и бил уапсен за време на погибијата на Димитрија и Константин, но набрзо бил пуштен. Георги имал повеќе деца, сите видни револуционери, учители и интелектуалци: Александар, Станислав, Иван, Славка, која подоцна го зела презимето Пушкарова, по нејзиниот маж Никола, и Анастасија. Таа им е прва братучетка на револуционерите Христо и Милан Матови.
Мажена била за Димитар Узунов, по што го зела презимето на својот сопруг Димитар, па е позната како Узунова. Димитар Узунов бил познат општественик од Охрид, кој бил учител во повеќе македонски градови: Кукуш, Охрид, Битола итн. Своевремено пишувал и за повеќе весници на теми поврзани со образованието и црквата: „Македонија“, „Напредок“, „Право“. Неговиот брат Константин Узунов починал во Русија за време на тамошното школување во 1860 година. И нејзиниот сопруг Димитар, роден 1842 година, починал под нејасни околности релативно млад на 45-годишна возраст, во 1887 година. Таа останала сама да се грижи и да ги воспитува во револуционерен дух своите деца.
Анастасија и Димитар, како што споменавме на почетокот, имале три деца: Христо, Андон и Ангел Узунови, сите револуционери. Само Ангел доживеал старост, другите двајца рано загинале во борбите со турскиот аскер. Во Македонската револуционерна организација се вклучила како главна организаторка на жените во Охридско. Некои сметаат дека била и првата охриѓанка што влегла во редовите на Организацијата. Како и да е, неспорно е нејзиното залагање за формирање женски друштва што ја помагале работата на револуционерите. Со синот Христо присуствувала на давањето заклетва на четата на Тале Горанов како претставничка на женската револуционерна група од Охрид. По смртта на двајцата синови емигрирала во Бугарија, заедно со преостанатиот син Ангел. Таму и починала во 1948 година.
Првиот што загинал бил Андон, и тоа за време на Илинденското востание. Во големата битка на 31 август 1903 година кај селото Куратица, Охридско, загинале 27 македонски револуционери, меѓу кои и Ангел. По две години слична судбина доживеал најстариот син Христо, околу кој се изградил мит на непоколеблив револуционер, кој свесно ја ставил „главата во торба“. Накратко, хронологијата на смртта на Христо Узунов зборува дека за време на неговиот престој како војвода во кичевското село Цер бил предаден, селото било опколено од аскерот, а не сакајќи да се предаде или жив да падне во рацете на непријателот, откако ги потрошиле сите куршуми, тој и неговите четници се самоубиле. Оваа крвава епизода оставила силен впечаток кај современиците. Набрзо почнале да се пеат песни и да се раскажуваат легенди за храбриот војвода.

Анастасија морала стоички да ја поднесе смртта на двајцата синови. Особено што во претсмртното писмо на Христо упатено до неа било наведено следното: „Мила ми мајко, Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. За твојата беспределна љубов, за илјадите неволи и сраданија, за безбројните бессони и машителни ноќи, поминати некогаш над леглото над твојот мал, слабичок Луле, јас должам најголеми грижи и неизмерна синовска љубов. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело? – Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги“.
Христо и во друго писмо, овој пат упатено до неговите другари, повторно ја спомнал мајка си: „Молам особено да ја поздравите мојата љубезна мајка, којашто никогаш не сум ја заборавил, бидејќи таа ме направи ваков. Нека ме извини и таа дека со ништо не се зарадувала од мене. Особено го поздравувам брат ми Ангеле. Го добив неговото последно писмо и останав задоволен. Да оди во истиот пат што ми го соопшти во писмото. Го советувам да не се одделува од мајка ми. Поздравете ги и роднините“.
Писмо до Анастасија упатило и Охридското раководно тело на Организацијата. „Тешката загуба која и овојпат ја претрпувате, исто така е и наша загуба… Нека Севишниот Ве утеши во овие тешки и лути минути“, ѝ напишале, меѓу другото.
Што требало да направи Анастасија во тие мигови? А што ѝ преостанало, освен да ги стегне забите и да се обиде да се помири со загубите. Грижа и внимание околу неа посветиле сите предани борци, кои на секаков начин се обиделе да ја зачуваат од нова болка, грижејќи се за неа и за нејзиниот син Ангел, кој штотуку беше влегол во полнолетство. А можеби токму и неговата возраст ја спречила можната трагедија и најмладиот од синовите да загине во борбите.
Дури и по многу децении подоцна, во 1941 година, преживеаните илинденци повторно ѝ оддале почит на страниците на списанието „Илустрација Илинден“, обраќајќи ѝ се со зборовите: „Ти, мајко на хероите, биди уверена дека по стапките на Христо врви цела херојска Македонија. За сите охриѓани, ти ја бакнуваме десната рака“. И покрај сите несреќи, таа останала цврста, па народот ја препознал и ја овековечил со почесни титули како почитувана жена, мајка на сите македонски револуционери.
Д-р Славчо Ковилоски
(Продолжува)