По завршувањето на гимназијата во 1901 година, Ана била назначена за учителка во Кукуш, каде што и се вклучила во Организацијата во 1903 година. Кукуш се покажал како судбински град за неа. Тука, на 19-годишна возраст повторно се сретнала со Крсто Асенов со кого се знаеле уште од времето кога живеела во Дупница. Како револуционерка влегла во неговата чета. Во четата било решено дека треба да се сошие револуционерно знаме, па таа обврска ја презела Ана, која заедно со учителката Рајна Измирлиева го сошила знамето на кукушката револуционерна чета
Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како „комитките“. Авторот д-р Славчо
Ковилоски е универзитетски професор.
Околу ликот на Ана Малешевска е изградена можеби најљубовната, а истовремено и една од најтрагичните приказни во македонското револуционерно движење од илинденскиот период. Нејзината животна приказна била раскажувана како пример дека љубовта нема граници, макар и да е проследена со трагични последици.
Малешевска е ќерка на познатиот македонски револуционер и пунктов началник на ТМОРО, Никола Малешевски, кој бил роден во Берово. Од револуционерната организација бил поставен за пунктов началник во Дупница, откако по задушувањето на Разловечкото востание (1876), како еден од неговите водачи бил принуден да го напушти родниот град. Дупница тогаш се наоѓала на границата помеѓу Бугарија и Османлиската Империја, што значи дека Никола бил задолжен за организирање и пренесување на сите тајни пратки од Македонија кон Бугарија и обратно, вклучувајќи, пушки, пиштоли, муниција, весници, пречекувал и испраќал чети во внатрешноста на Македонија итн. Никола бил женет за Елена и тука, на 12 мај 1884 година, се родила нивната ќерка Ана, како најстаро дете од нивните шест деца. Тој одржувал многу блиски врски со Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Крсто Асенов и други, кои честопати и престојувале кај него. Дури, од едно од писмата на Делчев е познато дека Ана нагалено ја нарекувал Аника. Во таков домашен амбиент растела Ана Малешевска, запознавајќи се уште од рани години со идеалите и со целите на македонското револуционерно ослободително движење.
Основното образование го стекнала во родниот град, а школувањето го продолжила во Солунската егзархиска гимназија, и тоа на инсистирање на самиот Гоце Делчев, за што постојат пишани документи. По завршувањето на гимназијата во 1901 година, Ана била назначена за учителка во Кукуш, каде што и се вклучила во Организацијата во 1903 година. Кукуш се покажал како судбински град за неа. Тука, на 19-годишна возраст повторно се сретнала со Крсто Асенов со кого се знаеле уште од времето кога живеела во Дупница. Како револуционерка влегла во неговата чета. Во четата било решено дека треба да се сошие револуционерно знаме, па таа обврска ја презела Ана, која заедно со учителката Рајна Измирлиева го сошила знамето на кукушката револуционерна чета. Претходно, платното било купено од Солун. На едната страна на знамето пишувало „Слобода или смрт“, а на другата „Долу тиранинот!“ со претстава на лав што ја гази полумесечината.
Настаните што следувале се ределе како филмски сцени. Во ова време со Асенов веќе ја започнале љубовната врска и набрзо се посвршиле. Свршувачката се случила во една црквичка во кукушкото село Корнишор. Истовремено, Малешевска била именувана за знаменосец на четата, што претставувало огромна чест дадена на младата девојка. Сепак, дел од четниците на четата на Асенов силно негодувале против оваа свршувачка. Тие сметале дека кога се води револуција човек не треба да им се препушта на нежностите, потоа дека на жената не ѝ е местото во планината и општо во револуционерната борба, а исто така им засметало и именувањето на Ана за знаменосец на четата. Сепак, иако за време на венчавката нивните реакции биле повоздржани, веќе се наѕирал трагичниот крај на настанот.
Меѓу четниците на Асенов и Христо Чернопеев, најголем револт покажал Гоно Бегинин од Кукуш, човек со ајдутски темперамент за кого публицистите честопати погрешно знаат да го наречат „корумпиран“, не навлегувајќи подлабоко во односите на четниците во четата на Асенов и на нивните психолошки портрети. Едноставно, наравот на Бегинин бил од предреволуционерен карактер, неговиот порив бил да се натпреварува за првенство меѓу четниците, неговата недоволно изградена идеолошка мисла, па дури и некаквата завист кон Асенов биле такви што тој на своја рака донел одлука со трагични последици.

Ана Малешевска и нејзиното школување во Солун
Истата вечер по венчавката, на заповед на Бегинин ноќта во одајата на Асенов тивко и неусетно влегол четникот Мицо Големанов. Во глувата доба одекнале истрели што значело дека Големанов го застрелал Асенов додека спиел. Потоа, Големанов се завртил кон Ана Малешевска, но по игра на случајот пушката не пукнала. Користејќи го овој момент таа скокнала и се спасила. Сепак, стравот дека ќе биде пронајдена и убиена ја принудил цела година да се крие од светот. Дури, за нејзината судбина не знаело ни нејзиното семејство, кое претпоставувало дека е мртва, па во ноември 1903 година објавиле и некролог во кој ја сожалувале нивната ќерка, сестра, пријателка.
Во меѓувреме, откако се разбрало за злосторството, Големанов бил фатен и осуден на смрт од четата на војводата Сава Михајлов, по дваесетина дена од немилиот настан. Разбирајќи дека Големанов е фатен, Гоно Бегинин, човекот што ја дал заповедта Асенов и Малешевска да бидат убиени се скрил и избегал во Бугарија. По него Организацијата распишала смртна пресуда. Сепак, кога наскоро бил фатен во Софија, на барање на братот на Крсто Асенов, Јордан, пресудата била поништена. Ете, на тој начин Бегинин останал жив. За да му додадеме уште потрагична нотка на настанот треба да знаеме дека и самиот Бегинин бил оженет, а во една пригода дури и се фотографирал со својата сопруга Магда Гонова, при што двајцата биле облечени во комитска облека.
Откако поминала годината, Малешевска се вратила во родниот град. Претходно, по таен канал испратила писмо до своите роднини и до родителите дека е жива и здрава, со цел да се подготват за средбата. Дури и во вакви околности таа се грижела за душевната состојба на своите блиски, кои пред тоа ја оплакувале нејзината смрт. По пристигнувањето во Дупница следните триесетина години ги поминала како учителка во едно од тамошните училишта. Тука го запознала главниот учител Асен Мазанов од Крива Паланка, кој ѝ помогнал да ги преброди тешките сеќавања. Нивната љубовна врска била крунисана со брак од кој добиле две ќерки, Катја и Елена. Остатокот од животот Ана го поминала тивко и работејќи на образованието на младите момчиња и девојчиња. Во Дупница починала на 28 март 1941 година, каде што била закопана. Така завршува животниот пат на Ана Малешевска, ќерка, сестра, љубовница и сопруга. Во самата приказна на Малешевска, како во најдобрите романи, се испреплетуваат љубовта, зависта, смртта и проштевањето.
Д-р Славчо Ковилоски