Со развојот на македонското револуционерно-ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, официјалните османлиски власти, некогаш по сопствена иницијатива, а другпат по сугестија на големите сили, пристапувале кон амнестија на македонските политички затвореници – револуционери
Османлиските власти и чинот на помилување кон носителите на револуционерно-ослободителното движење во Македонија
Амнестијата претставува чин на помилување и простување, односно манифестирање добра волја од страна на официјалната власт спрема определена категорија лица што сториле политички поведенија што биле во спротивност со тогашната државна регулатива, во конкретни политички моменти. Таа се применувала како мерка за ублажување на последиците и за расчистување со минатото по извесни турбулентни времиња, но и како средство за превенција за избегнување нереди од пошироки размери. Вообичаено, амнестијата се применува на осудени лица што се наоѓаат во затвор на издржување казна, на приведени, а уште неосудени, како и на лица што поради својата активност едноставно станале илегални, а со тоа и недостапни за органите на прогонот. Со развојот на македонското револуционерно-ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, официјалните османлиски власти, некогаш по сопствена иницијатива, а другпат по сугестија на големите сили, пристапувале кон амнестија на македонските политички престапници – револуционери.
Султанот Абдул Хамид Втори амнестирал 36 македонски затвореници
Првата посериозна политичка амнестија на македонски затвореници била применета во 1902 година. Тогаш султанот Абдул Хамид Втори, по повод 25-годишнината од стапувањето на престолот, амнестирал 36 македонски политички затвореници. Со амнестијата биле опфатени затвореници од Виничката и Солунската провала. Меѓу нив биле и поранешните членови на Централниот комитет на ТМОРО: Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Христо Матов, Иван Хаџи Николов и Пере Тошев.
Набргу потоа, за превенирање на востаничката атмосфера во Македонија во претстојната 1903 година, по иницијатива на Австро-Унгарија и на Русија, била усвоена Февруарската програма за реформи. Во една од мерките што имале цел да се смири состојбата во земјата, меѓу другото, се вели: „Многубројните апсења извршени по неодамнешните немири во трите вилаети ги возбудија духовите; со оглед на тоа, за да го забрза враќањето на нормалната ситуација, Отоманската влада ќе прогласи амнестија за сите обвинети или осудени од политички причини, како и на емигрантите“. Оваа мерка од Февруарските реформи речиси експресно била спроведена. По таа основа биле ослободени повеќе политички престапници (револуционери) од Македонија.
Меѓу амнестираните бил и Дамјан Груев, еден од најекспонираните раководители на ТМОРО. Меѓутоа, споменатите реформи биле задоцнети и недоволни за превенирање на очигледното востание во Македонија. Веќе на 2 август 1903 година избувнало Илинденското востание, со што македонското прашање одново било актуализирано на меѓународен план. При задушувањето на востанието османлиските власти примениле жестоки воени мерки, проследени со рушење, палење, пљачкање, убивање и силување. Со тоа требало да се деморализира населението, а водачите на востанието да се натераат на брза капитулација. Од друга страна, властите го повикале населението да се врати по домовите, а странските конзули ветувале амнестија за востаниците.
Предавањето не значело автоматска амнестија
Поради усложнетата ситуација, Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ на 2 октомври 1903 година донел одлука за демобилизација на востаничките сили, а на помалку компромитираните им било советувано да ѝ се предадат на власта со посредство на дипломатските претставници. Сепак, предавањето на востанатото население не значело автоматска амнестија. За тоа имало долга и сложена процедура, проследена со малтретирање, шиканирање и понижување. Поголемиот дел од востанатото население во Битолскиот вилает се предавало со посредство на австроунгарскиот конзулат во Битола, кој се претворил во еден вид биро за таа работа.
Начинот на предавањето мошне сликовито го опишува српскиот конзул во Битола, во извештајот од 15/28 октомври 1903 година. Во него, покрај другото, стои: „Секој ден може да се видат маса селани како стојат пред вратата на конзулството (австриско, б.н.)… Тука им се запишува името и презимето, а отаде одат кај Хилми-паша, кој исто така им го запишува името ако ја предадат пушката; инаку ги пушта на слобода со порака за осум до десет дена да го донесат оружјето, ако не ‒ нека се вратат во гората, па тој сам ќе знае да ги најде каде се. Се разбира дека е многу тешко некој да може да донесе пушка, бидејќи комитите им ги зеле на сите“.
Оваа првична мерка на власта имала цел моментално ублажување на затегната положба, но таа не претставувала вистинска амнестија. Многумина што на овој начин се обиделе да се легализираат и да му се вратат на секојдневниот живот подоцна биле приведени, а некои дури биле и осудени.
Прашањето за амнестија третирано по иницијатива на Русија и на Австро-
Унгарија и со поддршка на големите сили
Прашањето за посериозна политичка амнестија допрва претстоело. Кога востанието започнало да опаѓа, по иницијатива на Русија и на Австро-Унгарија и со поддршка на другите големи сили, била усвоена Мирцштершката програма за реформи. Една од предвидените мерки го засегала прашањето за амнестија на учесниците во немирите од 1903 година. Во врска со тоа, во петтата точка од споменатата програма се вели: „Веднаш да се установат во главните центри на вилаетите мешовити комисии со еднаков број христијански и муслимански делегати за разгледување на политичките и другите престапи извршени во текот на немирите. Во овие комисии треба да земат учество конзулските претставници на Австро-Унгарија и на Русија“.
Прашањето за амнестија поконкретно било третирано во договорот помеѓу Османлиската Империја и кнежеството Бугарија од 8 април 1904 година. Во врска со тоа, во третата точка од договорот стои: „Османлиската царска влада ќе ги спроведе реформите договорени помеѓу Турција, Австро-Унгарија и Русија за Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот вилает. Со тоа и со општата амнестија што неговото Императорско Височество Султанот ја прогласи со најголемо милосрдие, ќе постигне целосен ефект. Следствено, тие кои се наоѓат во затвор или се протерани под обвинение или обвинети дека непосредно или посредно учествувале во револуционерната дејност, како и сите политички осуденици, ќе бидат пуштени на слобода и испратени во своите краишта. Со исклучок на злосторниците осудени заради бомбашки напади врз бродови, железница, мостови и јавни установи“.
Предметната амнестија прокламирана со султанско ираде
Предметната амнестија била прокламирана со султанско ираде, кое на 13 април 1904 година било објавено и прочитано во вилаетските центри (Солун, Битола и Скопје) на повеќе јазици (турски, бугарски и српски). Со амнестијата се предвидувало поединечно ослободување на христијани и муслимани, кои за време на немирите во 1903 година извршиле одредени дејства. Со амнестијата било предвидено да бидат опфатени осудените за политички престапи, како и оние политички престапници чии дела сè уште не биле разгледани. Освен тоа, амнестијата се однесувала и за оние што од страв или од разни други причини пребегале во Бугарија или, пак, се криеле во внатрешноста на империјата.
Интересен е фактот што со амнестијата биле опфатени и поголем број муслимани што немале ништо заедничко со македонското револуционерно движење. За спроведување на амнестијата била предвидена определена процедура со полагање заклетва пред определени институции. Од амнестијата биле изземени лицата што биле осудени во врска со динамитни акции против општествените институции, мостовите, железниците и бродовите во државата. Всушност, од амнестијата се изземени првенствено учесниците во Солунските атентати од 1903 година.
Набргу по официјалното објавување на султанското ираде, османските власти во Битолскиот вилает излегле со толкување дека амнестијата може да се прошири на сите одметнати „политички престапници“ во трите вилаети, кои ќе се покајат и ќе престанат да бидат востаници. Оваа одредба првенствено се однесувала на водачите на Организацијата и на поголем број војводи што по задушувањето на востанието останале да дејствуваат во илегала. Токму оваа категорија лица и прашањето за нивната амнестија се предмет на нашиов прилог. Тие, за да ја искористат амнестијата, требало да се пријават пред месните османлиски власти во најблиските градови во рок од 40 дена (почнувајќи од 13 април). Овие лица, низ процедурата за легализација, требало да добијат соодветни документи врз основа на кои слободно ќе можеле да се вратат во своите родни места. Притоа, амнестијата се однесувала за делата сторени до 13 април 1904. По истекот на предвидениот рок, лицата што не се легализирале останувале под прогон, во согласност со османлиските закони.
Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев
(продолжува)
Авторот е редовен професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје