Копнеел да изгради престолнина во која ќе се остварува неговата космополитска програма. Таа престолнина, тој бил цврсто убеден, верувал дека треба да биде новиот град што ќе го изгради на брегот од Средоземно Море, на местото каде што Нил се влева во морето. Тој решил новиот град да го носи неговото име и да претставува не само морско пристаниште туку, во вистинска смисла, голема меѓународна престолнина на новиот дух. Модерен космополитски центар, библиотека со 700.000 свитоци
Записи на Анте Поповски за Александар Македонски во Ерусалим (3)
Анте Поповски (Лазарополе, 1931 – Скопје, 2003), македонски поет, есеист, препејувач, публицист и политичар. Член на МАНУ. Се вбројува меѓу великаните на македонската книжевност и е еден од најистакнатите македонски поети од втората генерација. Бил генерален директор на НИП „Нова Македонија“ во периодот од 1970 до 1973 година.
Во своите избрани дела од 1996 година ја објавил книгата „Окото, Светлините“. Книгата, преобјавена во 2008 година, всушност е составена од литерарно-историски записи од неговата посета на Израел, на светата библиска земја. Покрај поетскиот, прекрасен раскажувачки стил, записите изобилуваат и со низа историски податоци, вистински настани и легенди. Десетина страници од книгата се посветени и на дел од духовните настани во деновите кога во Ерусалим пристигнал Александар Македонски со своите војски.
Независно од спротивставените становишта на историската наука, денес станува сѐ појасно дека определбата на Александар Македонски веднаш по освојувањето на малоазискиот брег својот поход да го насочи кон Египет – не е никаква случајност, туку спротивно од тоа: походот кон Египет претставува една од централните иницијативи на неговата стратегија! Основна задача била: египетската цивилизација да ја приклучи во процесот на обединувањето на светот.
Александар секогаш верувал во судбината и во сопствената предодреденост да го преобрази светот. Гледајќи ги пирамидите на египетските фараони, библиотеката во Мемфис, запознавајќи се со огромното духовно благо и светилиштата низ египетската историја, Александар дошол до заклучок дека неговата војна против деспотизмот на Персија е прв и неопходен чекор без кој не може да се оствари таа голема идеја на обединување. Тој бил уверен дека иднината на светот е во негови раце.
Копнеел да изгради престолнина во која ќе се остварува неговата космополитска програма. Таа престолнина, тој бил цврсто убеден, верувал дека треба да биде новиот град што ќе го изгради на брегот од Средоземно Море, на местото каде што Нил се влева во морето. Тој решил новиот град да го носи неговото име и да претставува не само морско пристаниште туку, во вистинска смисла, голема меѓународна престолнина на новиот дух, космополитски центар на творештвото, на духот, на науката, на религиите, да биде град на големи спортски центри и стадиони, град на ѕвездарници и опсерватории, извишени колку и фараонските пирамиди. Сонувал град на иднината.
Александар го сонувал тој град – и го остварил! Уште дури бил во Египет лично ги одредил неговите централни параметри: ги оцртал ѕидовите на градот и неговите магистрали; се определил идниот град да биде решаван во квадратни и правоаголни блокови; ги одредил местото, изгледот и големината на познатата Александриска библиотека, ги одредил културните и други центри во градот; со огромно внимание ги студирал местото и распоредот на духовните светилишта…
Сето тоа можело да се случи само под еден услов: целосно да биде осмислена целта на еден таков космополитски центар! Целосно и претходно да биде простудирана неговата иднина! Така и – било!
Градот почнал веднаш да се гради. И израснал тој град од провидение во јаве. Библиотеката на Александрија собрала и располагала со над 700.000 свитоци, кои ги опфаќале сите подрачја на дотогашното научно и книжевно благо! Станала центар за критичко проучување во сите научни области, и во областите на уметничко проучување во сите научни области и во областите на уметничката литература. Во тој или околу тој центар биле повикани на соработка најголемите умови и дарби на времето: Архимед, Евклид, Ератостен (кој бил и главен библиотекар), Аристарх, Аполониј, Плотин, Амониј Сака, Тимеј, Пигеј, Аристофан и многу други. Со книгите управувале најучените луѓе на античката епоха. На сличен начин во Александрија биле организирани и другите општествени центри.
Според Бертранд Расел, Александрија претставува најсјаен успех на хеленизмот. Славата на Атина бледнеела. Македонската династија на Птоломеите сѐ повеќе се потврдувала како заштитник на науките и културата.
Но зошто јас ја започнав оваа приказна?
Вистинската и единствена цел на Александровиот поход на Израел е во неговата програма да ги мобилизира познатите еврејски неимари, градители, ѕидари, занаетчии што пред тоа веќе се потврдиле низ наследеното градителско искуство. Заедно со тоа, Александар обезбедил и огромна друга работна рака, која подоцна се населила во неговиот град формирајќи ја познатата еврејска колонија. Тоа е стратегиски потег од огромно значење за програмата на Александар за духовно обединување на светот:
Евреите, народ што од искони се потпирал на Писмото, можеле само да го забрзаат процесот на духовната преобразба во новиот светски центар! На грчки веднаш бил преведен Стариот завет од Библијата, а тој факт уште повеќе го забрзал остварувањето на големите идеи. Еврејската колонија во Александрија, прифаќајќи го грчкиот јазик, постапно била мобилизирана во интерес на хеленизмот.
Човековата судбина тука, во Ерусалим, сама себеси се затвора во херметичен круг, кој се обидува да ја имитира пустината. Пустината е двојник на еврејската судбина и нејзина антитеза.
Стојам загледан во Давидовата кула, а долу кон ѕидиштата што го заградуваат градот одминува сенката на долгите копја на Александар Македонски и пред нив толпи Евреи што ќе ја ѕидаат Александрија! Народ – како облакот птици што долетал да колве од брашното и од јачменот со кој Александар го оцртал профилот на Александрија запишан во неговите соништа.
(крај)