Александар Матковски – првиот доктор на историски науки во Македонија и неговото капитално дело за странските патописци

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (5)

  • Преку работата на Александар Матковски, македонската историја доби една витална димензија – сведоштвото на светот за нас. Неговата работа овозможи Македонија да не биде само предмет на фолклорна претстава туку субјект во европската и светската патна литература. Тој успеа да докаже дека Македонија никогаш не била „темна дамка“ на Балканот, туку крстосница низ која поминувале најголемите умови на своето време, оставајќи трајни записи за нејзината убавина, страдање и издржливост

Александар Матковски (1922–1992) е еден од столбовите на современата македонска историографија, прв ориенталист и прв доктор на историски науки во Македонија. Неговата неуморна архивистичка работа и истражувачки дух го етаблирале како најеминентен познавач на македонското минато низ призмата на туѓите извори. Иако неговиот опус опфаќал различни теми, еден од неговите најголеми придонеси за македонската историографија е неговиот капитален проект за документирање на странските патописи за Македонија. Како врвен професионалец, Матковски пристапувал кон патописната литература не само како кон книжевен жанр туку како кон првокласен историски извор, бидејќи навремено разбрал дека за да се реконструира вистинската слика за Македонија во периодот на османлиското владеење е неопходно да се погледне низ очите на „другиот“ – дипломатите, војсководците, мисионерите и авантуристите што поминувале низ Балканот. Неговото капитално дело „Македонија во делата на странските патописци“, издадено во повеќе томови, претставува вистинска енциклопедија на македонскиот бит низ вековите. Матковски пребарувал низ архивите во Истанбул, Виена, Венеција, Париз и во Лондон, извлекувајќи записи што со децении, па и со векови, беа недостапни за македонската јавност. Низ патописите што ги собрал Матковски јасно се гледа етничкиот состав на населението, јазикот што се зборувал на пазарите, облеката и обичаите. Овие документи биле и се клучни докази против разните пропаганди, бидејќи странските патописци често го забележувале македонскиот идентитет како посебен ентитет, различен од соседите, дури и во времиња кога не постоела никаква институционална заштита за тој идентитет. Матковски не бил само обичен собирач на текстови. Тој секој патопис го придружувал со детален предговор, коментари и фусноти, па дури и ги коригирал грешките на патописците (кои честопати не ги знаеле локалните состојби или имињата на местата) и ги ставал нивните забелешки во точен историски контекст. Преку работата на Александар Матковски, македонската историја доби една витална димензија – сведоштвото на светот за нас. Неговата работа овозможи Македонија да не биде само предмет на фолклорна претстава туку субјект во европската и светската патна литература. Тој успеа да докаже дека Македонија никогаш не била „темна дамка“ на Балканот, туку крстосница низ која поминувале најголемите умови на своето време, оставајќи трајни записи за нејзината убавина, страдање и издржливост.
Неговата кратка биографија јасно е опишана во Македонската енциклопедија издадена од МАНУ: Александар Матковски (Крушево, 30. Ⅴ 1922 – Скопје, 14. Ⅳ 1992) – историчар-ориенталист, член на МАНУ. Подолго време живеел во Гостивар (до 1936), а потоа во Скопје. Како член на КПЈ и учесник во НОБ (од 1941), бил уапсен (2. Ⅵ 1942) и како малолетник осуден на 10 години строг затвор, а казната ја издржувал во Скопје, Варна и во затворот Идризово (Скопско, до 29. Ⅶ 1944).

По бегството од затворот се вклучил во Петтата македонска НО-бригада на НОВ и ПОМ. Во затворските денови напишал голем број песни на македонски јазик, зачувани во Архивот на МАНУ, дел од нив и објавени по ослободувањето. Ја завршил Учителската школа во Скопје (1947), дипломирал на Педагошката школа во Белград и на Филозофскиот факултет (група историја) во Скопје (1951), докторирал на Филозофскиот факултет во Загреб со темата „Ѓурчин Кокалески (1775–1863)“ (1957), а дипломирал и на Филолошкиот факултет во Белград – група за ориентална филологија (1961).
Додека се школувал, бил вработен како учител и професор во разни осумгодишни и средни училишта (до крајот на 1954), а потоа ја почнал научната кариера (1. I 1954) и ја заокружил со изборот за научен советник во ИНИ (19. Ⅱ 1971 – до пензионирањето во 1987) и за дописен (1986) и редовен член на МАНУ (7. Ⅴ 1991). Повеќе години бил на студиски престои во Каиро, Багдад и Истанбул. Покрај со османлискиот период, се занимавал и со други теми од македонското минато, како и со историјата на Евреите во Македонија.
Неговиот голем опус ги вклучува трудовите: „Ѓурчин Кокалески 1775–1863“. „Прилог кон прашањето за создавање селска, сточарско-трговска буржоазија во Македонија“, Скопје, 1959; „Турски извори за ајдутството и арамиството во Македонија (1620–1650), I“, Скопје, 1961; „Турски извори за ајдутството и арамиството во Македонија (1650-1700), Ⅱ“, ИНИ, Скопје, 1961; „Трагедијата на Евреите во Македонија“, Скопје, 1962; „Хроника на земјотресот во Скопје (26 јули 1963)“, Скопје, 1964; „Грбовите во Македонија, Прилог кон македонската хералдика“, Скопје, 1970 и 1990; „Диетот – крвнината во Македонија и на Балканскиот Полуостров за време на турското владеење“, Скопје, 1973; „Турски извори за ајдутството и арамиството во Македонија (1700–1725), Ⅲ“, Скопје, 1973; „Крепосништвото во Македонија во времето на турското владеење“, Скопје, 1978; „Историја на Крушево и Крушевско“, Крушево, 1978 (со коавтори); „Турски извори за ајдутството и арамиството во Македонија (1725–1775), Ⅳ“, Скопје, 1979; „Турски извори за ајдутството и арамиството во Македонија (1775– 1810), V“, Скопје, 1980; „History of the Jews in Macedonia“, Скопје, 1982; „Историја на Евреите во Македонија“, Скопје, 1983; „Отпорот во Македонија во времето на турското владеење, I. Пасивниот отпор“, Скопје, 1983; „Отпорот во Македонија во времето на турското владеење, Ⅱ. Духовниот отпор“, Скопје, 1983; „Отпорот во Македонија во времето на турското владеење, Ⅲ. Ајдутството“, Скопје, 1983; „Отпорот во Македонија во времето на турското владеење, Ⅳ. Буни и востанија“, Скопје, 1983; „Македонскиот полк во Украина“, Скопје, 1985; „Кануни и фермани во Македонија“, Скопје, 1990; „Карпошовото востание во 1689 година“, Скопје, 1990; „Македонија во делата на странските патописци 1371–1777“, Скопје, 1991; „Македонија во делата на странските патописци 1778–1826“, Скопје, 1991; „Македонија во делата на странските патописци 1827– 1849“, Скопје, 1991; „Македонија во делата на странските патописци 1850–1864“, Скопје, 1991; „Балканот во делата на странските патописци во времето на турското владеење (јаничари, хареми, робови), том I (1402–1657) и том Ⅱ (1664– 1779)“, Скопје, 1992; „Македонија во делата на странските патописци 1827–1849“, Скопје, 1992; „Македонија во делата на странските патописци 1850–1864“, Скопје, 1992.
Во следните продолженија на нашиот фељтон ќе ви овозможиме увид во дел од собраните патописи од големиот историчар Матковски, со акцент на спомените на патописците за славната Македонска Империја на Филип и Александар и спомените за неа кај македонскиот народ во времињата кога нашата Македонија била посетувана од странските патописци.

м-р Никола Ристевски

(продолжува)