Цар Александар Македонски: приказна од Пеонија – четврти дел
„Нова Македонија“ по повод датумот на раѓање на Александар Македонски, за кој се претпоставува дека бил меѓу 20 и 23 јули, објавува ексклузивен
фељтон на Никола Ристевски, кој како долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство дава приказ за ликот и делото
на големиот македонски војсководец, неговата поврзаност со Македонија, како и за неговото светско наследство
Сите тези што тврдат дека денешните Македонци си го присвојуваат наследството на Александар од другите народи и го употребуваат во сопствениот фолклор се несериозни. Многубројните писмени и усни преданија и песни го покажуваат присуството на цар Александар Македонски во свеста на Македонците. Патописците во 16 век забележале места за кои народот зборувал дека се од времето на Александар, а постојат и сведоштва за Македонци што работеле низ Европа во 17 и 18 век и пееле песни за Александар Македонски. Во почетокот на 19 век е забележано дека Македонците најмногу запаметиле двајца владетели – Крале Марко и цар Александар. Во 19 век многу автори од цела Европа почнуваат повторно да пишуваат за Александар Македонски, но и да го поврзуваат со Македонија. Георги Раковски објавил книга во која напишал дека цар Александар ги нарекол Пеоните Славјани. Истото може да се прочита и во француски патопис од тоа време. Многу од книгите од 19 век го поврзуваат цар Александар со Словените и покажуваат дека народот на територијата на Македонија отсекогаш си живеел дома, во татковината. Така е и во некои од зачуваните стари песни за Александар Македонски. Забележани се песни за раѓањето на Александар, за неговиот поход и женидба, за Александар и трите наречници, за дружбата со Букефал, за неговите соништа и претскажувања, за дарежливоста на цар Александар, за патувањето до крајот на земјата, за водата на животот и многу други. Преданијата, кои останале до денес преку научните трудови и книгите, зборуваат за старите градови во Македонија од времето на Александар, за неговото раѓање и живот, за изумите на цар Александар, за сестра му и бесмртната вода и за други фантастични приказни. Миладинови, Шапкарев, Цепенков се само дел од македонските преродбеници што собрале материјали за Александар Македонски. Раковски, Верковиќ, Новаковиќ и други исто така пишувале за Александар. И во делата на Пулевски, Прличев, Мажовски, Џинот, Цепенков и други се откриваат значајни информации што биле објавени во 19 век. Во 19 век во Венеција биле објавени Претскажувањата на Александар од Атанас Македонецот. Песните на Ѓорѓија Пулевски, Словата на Григор Прличев, Спомените на Исаија Мажовски, Песните на Марко Цепенков и други записи од 19 век претставуваат огромно богатство не само за Македонија туку и за светот, бидејќи се потврда за континуитет од повеќе од два милениума.
Во големата Славјанско-маќедонска општа историја од Пулевски е содржан и Царственикот на Александар, кој претставува своевидна македонска александрида. Познати се и преводите на книгите за Александар што биле пронаоѓани во манастири и биле напишани на црковно, односно старо македонско писмо. Во еден расказ, кој е датиран пред 17 век, при описот на потрагата на Александар по водата на животот, дури се споменува и неговата сестра, која според приказната станала. Истата приказна е запишана и објавена и во 19 век, но со различно име на сестрата на Александар. Забележани се и преданија од селата по течението на реката Бабуна и Овчеполието, во кои се зборува за старото знаме на македонската држава и дека тоа знаме било скриено во машката престилка, која е дел од народната овчеполска носија. Неизбежно било и споменувањето на македонската држава, големата фаланга и на царевите Филип и Александар секогаш кога Македонците се бореле за слобода и барале правдини. Тоа го правеле не само богатите во странство, кои лобирале за кнежевство Македонија, туку и обичниот народ, кој не престанал да се бунтува и бори. Македонските востаници што во 1878 го кренале Македонското востание во Кресна исто така покажале дека биле свесни за нивната поврзаност со Македонците од времињата на Филип и Александар. Александар е споменат и од Димитар Василев Македонски, Коста Шахов и Лозарите – тајното друштво на македонската револуција. Тие дури биле обвинувани за заговор за возобновување на Македонското Царство, на чело на кое ќе застанел некој од редакторите на списанието „Лоза“. Целата револуционерна борба е проткаена со спомени за славната држава на Александар. Да направеле кралство наместо република, можеби и ќе се ослободеле. И Крсте Петков Мисирков и револуционерите во децениите по него во своите записи го споменувале цар Александар Македонски. Дури на крајот на 20 и почетокот на 21 век Македонците повторно го зголемуваат бројот на објавени дела за Александар Македонски. Во последните децении се објавени секакви написи и книги, но и многу прекрасни дела за Александар Македонски, напишани од Македонците од Македонија. Тој бил и останал ѕвезда водилка при сите борби за ослободување на македонскиот народ.
Мистеријата околу смртта и гробот
Во милионите страници испишани за Александар Македонски ретко каде може да се прочита прашањето – а што правеле неговите сестри и мајка му додека ковчегот се подготвувал и тргнал на пат кон Македонија? Дали со најблиските роднини на Филип и Олимпија и најдоверливите соработници подготвиле заговор што ги тресе светот и векот веќе 2.300 години? Познато е дека Александар преку писма комуницирал со Аристотел и Олимпија. Различните верзии за погребната поворка на Александар Македонски ни кажуваат дека иако според традицијата требало да биде погребан во Македонија, спротивно на македонските обичаи – бил балсамиран и мумифициран, а ковчегот наводно бил грабнат од еден од неговите најдобри другари – Птоломеј. Многумина пишувале за свртувањето на погребната поворка од страна на Птоломеј и заменувањето на саркофагот со друг, полн со мед. Сѐ уште е нејасна улогата во најголемата светска историја на мајката на Александар – Олимпија, и се поставува прашањето дали таа оставила нејзиниот син да биде погребан далеку од вистинската татковина – Македонија? Повеќе од 2.300 години вечното почивалиште на Александар Македонски е тајна за човештвото, а можеби и никогаш нема да дознаеме дали и од што умрел Александар или дали воопшто умрел баш тогаш, затоа што четириесетте дена пред да наполни 33 години претставуваат важна симболика во древните мистерии и учења. Според повеќе традиции низ светот, на душата ѝ требаат токму толку – околу шест седмици за да се прибере на оној свет, но и да се адаптира на овој свет. Денес, на повеќе локации на Земјината топка, митолошки се споменува наводниот гроб на Александар. Бил отруен, се заразил од сифилис, заболел од маларија и што ли уште не објавувале за него, но вистината е далеку од денешното ниво на свест на човечката цивилизација.
И ден-денес можат да се слушнат различни верзии за неговото вечно почивалиште, за кое се претпоставувало дека се наоѓа во Египет, Пакистан, Узбекистан, Иран, Ирак, Сирија, Израел, Индија на разни локации низ Европа, за што се направени и стотици неуспешни археолошки истражувања. Приказните за наводната посета на римските владетели на Александрија и нивното допирање на телото на Александар се неосновани, затоа што знаеме дека уште пред нив Македонците виделе дека златниот саркофаг во Александрија бил празен и го стопиле. Исти такви приказни се раскажуваат и во Македонија, наводно гробот на Александар бил на Беласица, во Пелагонија, на големите Пеонски гробишта кај Исар Марвинци, во Кочани, на Баба, во Мариово, некаде околу Бабуна, на Црна, во Овче Поле, речиси и да нема регион од Македонија каде што нема некаква теорија на заговор или наводно предание за гробот на Александар Македонски. Официјалната археологија и историја ги порекнуваат сите овие мистични тврдења на Македонците. Едно народно предание од Кратовско детално ја опишува погребната поворка со телото на царот, која народот ја пречекал со многу цвеќиња на патот по кој се движела, пред да биде испратена на непозната локација некаде во Овчеполието. Друга приказна раскажува за имињата на селата Горни и Долни Балван, кои биле според некои два балвана што голема војска ги носела и минале од таму – стари дабови стебла, едното било полно со мед, а во другото бил скриен некој саркофаг. Можеби лојалните Пеонци и семејството на Александар се потрудиле да биде исполнета желбата на царот – да биде погребан онаму каде што се родил – во татковината Македонија.
Продолжува утре: Светското наследство и бесмртниот дух на Александар
Никола Ристевски
Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство