Фото: Архива

ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (3)

Со другарите Манојил Јаковлески-Мане и Нуфрија Јовановски-Нуфре, на средината на октомври 1992 година, напладне стигнавме во Софија, Република Бугарија. Денот сончев, невообичаено топол за овој период од годината. Поводот беше да го удостоиме нашиот сограѓанин и пријател Томе Серафимовски, вајар и академик на МАНУ, да присуствуваме на отворањето на изложбата на скулптури и цртежи.
Имавме на располагање повеќе од шест часа до отварањето на изложбата, па Манојил ни предложи да прошетаме низ Софија, да ни биде водич, бидејќи добро ја познава. Ова го поткрепи со фактот дека многупати престојувал кај стрико си Јорде и со братучетките Јагода, Убавка и Десанка со семејствата го шетале и го запознавале со знаменитостите и убавините на градот. На отворено ни одржа мал час по географија и историја: „Софија е опкружена со планини, на север е Стара Планина, на југ Витоша, на југозапад Љулин и на исток Лозенска Планина, а на запад е реката Искори“. Прошетката ја започнавме со разгледување на „Борисовата градина“, т.н. Голем парк, па одушевени од убавините на есенските пејзажи, на колоритните цвеќиња речиси со сите бои и многу нијанси, на зелените површини, на дрворедите, минавме на стадионот на фудбалскиот клуб Левски и на стадионот на бугарската народна армија, игралишта за тенис и за мали спортови, како и многу содржини за забава и спортување за сите возрасти. Додека разговараме, случајно се сретнавме и имавме драга средба со мојот драг колега и пријател Владимир Тулевски, дописник на „Нова Македонија“ од Софија. Мане со Туљо на средбите во меана редовно се шегуваа, и продолжија и во оваа пригода. Мане му вели: „Српче, немој да измислиш нешто што не сме разговарале и да го напишеш во весникот, да ме забибериш, како што знаете да направите вие новинарите! Само малку им треба на противниците на ВМРО-ДПМНЕ, да ги поттикнеш, да им ги отвориш устите и да почнат да нѐ напаѓаат“. Се изнасмеавме, а Тулевски рече: „Тамам работа тоа да му го направам на мојот почитуван и добар пријател“. Средбата беше кратка, колегата се брзаше, жалеше што не можеше да седнеме во меана и да се напиеме понекоја чашка. Откако ги разгледавме надворешноста на зградата на софискиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, црквата и другите знаменитости, имавме уште една случајна средба со Красимир Каракачанов, водач на бугарската Националистичка партија ВМРО-БНД (Бугарско национално движење), кој нѐ покани да ги посетиме просториите на партијата. Стара зграда, со цврста градба и привлечна архитектура.

Качувајќи се по скалите, на двете страни на ѕидовите беа закачени десетина, можеби и повеќе фотографии на познати македонски револуционери и литерати, одамна присвоени од бугарските националисти. Кабинетот на Каракачанов беше декориран со бугарски националистички белези. Овој, тогаш 27-годишник, енергичен и набилдан со негативна енергија, нѐ убедуваше дека неговата партија е легитимен наследник на имотот на ВМРО-СМД (Сојуз на македонски друштва), додавајќи: „Чувствувајте се како да сте дома, ние сме еден народ, брзо ќе дојде денот кога братски ќе живееме во една држава“. Каракачанов со широка иронична насмевка велеше дека неговата партија ќе ја оствари програмата и со политички активности ќе го остварат сонот на Бугарите за Санстефанска Бугарија. Остро реагирав, му се спротивставив на арогантниот домаќин: „Јас сум од Галичник, соплеменик на Ѓорѓија Пулевски, најдоследниот македонист, прв македонски револуционерен поет, еден од најистакнатите борци-војводи за ослободувањето на Македонија од долготрајното турско ропство, ќе ти ја цитирам една од многуте негови големи мисли, објавена во книгата ‘Речник на три јазици’, во форма на прашања и одговори, пред 117 години, во 1875 година, отпечатена во Белград.
Прашање: Што се велит народ?
Одговор: Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еднаков збор и који живувајет и се другарат еден со други и који имајет еднакви обичаји и песни и весеља, тије људите ги викајет народ, а местото во које живуват народ се велит отечество од тој народ.
Така и Македонциве се народ и местото нивно е Македонија. Ако не си ги читал делата на Пулевски, го парафразирам овој негов став. ‘Македонците не се ниту Грци, ниту Бугари, ниту Срби, тие се Македонци и си говорат на свој посебен мајчин јозик’“.
Настана молк. Каракачанов не се ни обиде да ми реплицира, да ги негира мислите на Пулевски. Мане ја прекина дискусијата: „Разговорот е добар, но треба да одиме за да не доцниме на отворањето на изложбата“. Домаќинот нѐ испрати, ни рече дека пак ќе се видиме на изложбата и ќе го продолжиме разговорот.

Галеријата „Крида арт“ беше полна со љубители на уметноста, видни културни дејци на Бугарија, политичари, бизнисмени, пријатели и колеги на Серафимовски. На славеникот му честитавме, а тој кратко ни рече: „За вас имам посебно изненадување, без мене да не ја напуштите галеријата“. Пријатна атмосфера, имаше малку време до свеченото отворање, ја разгледавме изложбата. Слушајќи дека зборуваме на македонски јазик, ни приоѓаа многу Бугари, сакаа да се запознаат и да разговараат, речиси сите беа по потекло од Македонија, зборуваа на македонски јазик, разменивме мислења, тагуваат за родните места во Струшко, Охридско, Прилепско, Мијачијата и други места, за Македонија. Со големо внимание присутните го проследија отворањето на изложбата.
„Тоа што го создал Томе Серафимоски е одраз на еден величествен спој на родена скулптурна дарба и со текот на времето постигната култура во светска мера и многу стабилни уметнички чекори. Затоа е од големите имиња на Источна Европа што си најдоа место во светот. Високоизразениот Томе Серафимоски не е колеблив во неговата работа. Во секоја од неговите творби на преден план излегува неговата сигурност при создавањето на ликовите. Дури ако го посетите неговото ателје и ги видите неговите скици, ќе забележите дека и во нив има нешто правено недоправено. Ако ги исклучиме неговиот природен темперамент и дарбата, претпоставувам дека тоа не се должи на ‘суви тренинзи’ пред моделот и задачата, ами на некаков висококвалитетен дел од времето преку кое поминува скулпторот пред да го залепи првото парче глина врз арматурата. Дел од времето во кое Томе Серафимоски изгледа навистина го преживува ликот, само што без глина, гипс, бронза, гранит или мермер. Но сигурно тоа преживување е толку вистинско, што кога творбата ќе се појави со материјал таа просто нема грешка. Томе Серафимоски никогаш не ги поправа работите. Понекогаш ги растура не затоа што направил грешка, туку затоа што смета дека има друг начин да се направат, подобри“.

Овие и други ликовни поенти за големиот македонски вајар Томе Серафимовски ги изрече бугарскиот ликовен критичар Дарин К. Камбов. Текстот е отпечатен и во каталогот за изложбата, во тираж од 2.000 примероци.
По завршувањето на официјалниот дел на отворањето на изложбата, академикот Томе Серафимовски ни приреди свечена вечера и дружење во елитен ресторан во центарот на Софија, нѐ придружуваше и нашиот нов пријател Красимир Каракачанов. Амбиентот прекрасен, добра декорација, отмени гости, тивка музика создавана од маестрални музичари. Нашата дружина беше расположена и благодарноста на Томе му ја изразивме со наздравување со шкотско виски „чивас регал“. На тркалезната маса, одлево до Томе бев јас, од десната страна Мане, столовите на Нуфре и Красимир беа еден до друг. Со вицови, шеги, анегдоти, Томе создаваше посебна атмосфера и расположение, како и секогаш. И во оваа пригода е ненадминлив шоумен, не сака да дискутира за актуелната политика, па затоа ни раскажува доживувања, шеги, хумор, анегдоти, ни беше многу забавно.

Во еден момент, Томе им даде „црвен“ картон на Нуфре и на Красимир, ги нарече сепаратисти, бидејќи не се вклучуваа во заедничкиот разговор. Нуфре повеќе од еден час го убедуваше Каракачанов дека Гоце Делчев е македонски револуционер и бил борец за македонските национални интереси, за слободна Македонија. Цитираат историчари од Македонија и од Бугарија, а Нуфре и странски научници. Така ги минаа четирите часа на „работната“ вечера. Домаќинот Томе ја прекина политичко-историската дебата на Нуфре и Красимир, која на моменти беше жолчна, поради тоа го сменивме локалот и се сместивме во бар со стриптиз-програма. Двајцата историчари уште пожестоко ја продолжија дебатата, а ние уживавме во програмата, која фантастично ја изведуваа преубавите стриптизерки, со долги нозе, како да беа вајани, ни ги разбудија заспаните чувства. Во ниту еден момент не ни беше здодевно, одвреме-навреме Томе во свој стил и во раните утрински часови создаваше неповторлива атмосфера. Го напуштивме барот, веќе беше ден, низ улиците се зголемуваше раздвиженоста на луѓето. И по десетина часа разговор меѓу Нуфре и Каракачанов, не успеаја да ги доближат ставовите. Сепак со Каракачанов се разделивме како пријатели, се поздравивме и посакавме да имаме нова средба.