Како е извршен геноцидот врз Евреите во Солун (1)

Солун, „градот мајка на Израел“ или „Ерусалим на Балканот“, како што го нарекувале Евреите, пролетта 1943 година веќе не постоел. Германските фашисти заедно со нивните грчки соработници, за само два месеца собрале, депортирале и ликвидирале над 46.000 Евреи од вкупно околу 56.000 колку што живееле во градот

Пишува: Блаже Миневски

Трагедијата на Евреите во Грција во Втората светска војна била меѓу најужасните трагедии во историјата на човештвото! Според Естер Бенбаса и Арон Родриг, кои објавија својата студија за сефардските Евреи на Балканот, посветувајќи ја на своите родители Жак Бенбаса и Жозеф Родриг, освен 46-те илјади Евреи од Солун, во логорите на смртта била испратени и уште 4.000 Евреи што дошле од околните места, мислејќи дека ќе најдат спас во градот. А дека тоа не било случаен туку одамна смислен план, зборува и фактот што самиот Хајнрих Химлер уште во октомври 1941 година го предупредил Хитлер дека „големата еврејска популација во Солун претставува закана за германската безбедност!“ Седиштето на фашистичката грчка влада, како и на грчката фашистичка формација „Националната патриотска организација“, било во Атина каде што во тоа време живееле околу 10.000 Евреи. Организацијата била раководена од д-р Спирос Стеродимос, чии младински групи насекаде, а особено во Солун организирано ги напаѓале Евреите. По војната, во Солун успеале да се вратат или да останат живи, криејќи се по земјанките и околните планини, одвај 2.000 Евреи. За жал, никој од нив не можел да си го врати ни имотот затоа што голем дел бил урнат, а еден дел бил препродаден на други сопственици од страна на „заслужните Грци“, кои го добиле како подарок од Германците за несебичната помош во истребувањето на солунските Евреи.

Грчки фашизам

Германците влегле во Солун на 9 април 1941 година, но дури една година подоцна, всушност, по германската офанзива во април 1942 година, кралот и мнозинството од Владата во Атина бегаат од земјата, а фашистите формираат свој марионетски режим. Генералот што ја потпишал капитулацијата, Георгиос Чилокоглу, станал првиот министер – претседател на фашистичка Грција, а на тоа место потоа доаѓаат и Константинос Логотетопулос и Јоанис Ралис. Во меѓувреме, Грција била поделена на неколку зони; Тракија била под контрола на фашистичка Бугарија, како компензација за тоа што се припоила кон оската и дозволила минување на германската војска низ своја територија; Атина и Епир останале под италијанска власт, а Егејска Македонија влегла под германска воена контрола. Во зоната под германска контрола, односно во Солун, живееле околу 56.000 Евреи, кои, веднаш по влегувањето на Германците во градот, се соочиле со тортура и рестриктивни мерки. Двата еврејски франкофонски весника „Индипендент“ и „Прогр“, како и весникот на јудео-шпански „Ел месахеро“, биле укинати, а на нивно место веднаш почнал да излегува грчкиот пронацистички весник „Неа Европи“, кој протежирал гнасни антисемитски статии. Во тој контекст, веднаш биле ограбени архивите и библиотеките на еврејската заедница, односно огромен фонд историски документи, книги и ракописи од провостепена важност биле префрлени во Франкфурт, во Институтот за истражување на Евреите, од каде што му се губи трагата. Сепак, во почетокот на фашистичката окупација на Солун, најголем проблем на Евреите, како и на другото население, меѓу кои и на Македонците, бил гладот. Според сведоштвата од тоа време, „патиштата од селата до Солун биле преполни со луѓе кои доаѓале во градот за да продадат накит, облека, порцелан, слики, теписи, машини за шиење и слично само за да набават нешто за јадење, пред се брашно“. Стотици луѓе секојдневно умирале од глад, а свој данок зела и маларијата, која убила дури и повеќе луѓе од гладот. Се разбира, имало и апсења и егзекуции, но тоа сѐ уште не било во размери, кои подоцна ќе преминат во масовен геноцид. А за тоа не се чекало долго. На 11 јули 1942 година во прогерманскиот грчки весник „Апуевматини“ било публикувано соопштение со кое се повикувале сите еврејски мажи на возраст од 18 до 45 години да се соберат во центарот на Солун, на „Плоштадот на слободата“. За кратко време таму се собрале околу 9.000 лица, кои биле подложени на понижување, удари и навреди, принудени да извршуваат разни понижувачки работи, да прават гимнастички вежби и слично. Два дена подоцна околу 2.000 души биле испратени на принудна работа, всушност, биле принудени да работат во каменоломи или да градат патишта. Притоа околу 250 лица умреле од премореност и прегладнетост. Во меѓувреме, Макс Мартен, фашистички воен администратор по цивилни прашања, побарал од солунските Евреи да соберат 3.500 милиони драхми, но таа сума набргу била намалена на 2.500 милиони, иако и тоа било премногу, односно биле собрани само околу 1.650 милиони драхми. Сепак, како казна за тоа што не успеале да ја соберат сумата што се барала, еврејската заедница морала да се откаже од своите многувековни еврејски гробишта, односно да ѝ ги префрли на општината, која одамна имала намера да ги збрише од местото каде што се наоѓале. Многу брзо гробиштата биле разурнати и на нивно место подоцна бил изграден Универзитетот во Солун.

Депортациите како бизнис!

Пред да се започне со депортација на Евреите во логорите на смртта, во Солун пристигнале Дитер Вислицени и Алоис Брунер, помошници на Ајхман, кои заедно со Макс Мартен започнале да го реализираат проектот за уништување на солунските Евреи. Според инструкции на Вислицени и на Брунер, сите Евреи на возраст од над пет години задолжително морале да носат жолта ѕвезда, а куќите и дуќаните морале да бидат обележани со посебен знак. Во меѓувреме во Солун пристигнал и Хитлеровиот идеолошки комесар Алфред Розенберг, а по само неколку дена ја напуштил Грција, преку Македонија под бугарска окупација, се разбира, натоварен со запленета стока, однесена од еврејските дуќани и куќи, а дел од неа многу децении подоцна се појавила во специјалните бункери на КГБ во близината на Москва. Веднаш по заминувањето на Розенберг, со помош на главниот солунски рабин Корец, бил составен прецизен список на сите Евреи во градот, а потоа биле организирани три гета во зоните со голема еврејска концентрација, каде што било префрлено целото еврејско население на Солун, а најмногу во квартот Барон Хирш до железничката станица. Само десетина дена подоцна била донесена забрана за напуштање на гетата, а целиот имот на Евреите бил конфискуван и целокупното богатство било префрлено на сметки контролирани од Германци и од нивните грчки соработници. Веднаш потоа, на 15 март 1943 година, започнала депортацијата на солунските Евреи во логорите на смртта. Првиот воз стигнал во Аушвиц на 20 март; притоа, од 2.800 транспортирани лица, 2.191 биле убиени во гасни комори веднаш по пристигнување, а 417 мажи и 192 жени биле одведени во работни логори. Депортациите од Солун продолжиле со постојан ритам, на два дена, како што било предвидено со планот на германската власт и грчката управа на градот. Притоа повеќето од депортациите за Аушвиц завршиле до мај 1943 година, а последниот конвој кон ова губилиште заминал во август. Сепак, според истражувањето на Бенбаса и на Родриг, главнината од солунските Евреи не завршила во Аушвиц туку во Биркенау, каде што во гасните комори биле погубени 37.386 Евреи. Според нив, кон крајот на август 1943 година, во Солун веќе немало Евреи. Со тоа завршил сафардскиот живот во тој град, кој траел повеќе од 450 години. Градот мајка на Израел, како што го нарекувале, Ерусалим на Балканот, веќе не постоел. Заедно со депортациите на Евреите од другите делови на Грција, кои грчките соработници ревносно ги организирале и спроведувале и за лична полза, до крајот на летото 1944 година околу 80.000 Евреи биле транспортирани во логорите на смртта, а според статистиката на Централниот комитет на еврејските заедници, фашистичка Грција со помош на фашистичка Германија успеала засекогаш да се ослободи од околу 87 проценти од 75.357-те Евреи, кои пред војната живееле во Грција, што е еден од највисоките проценти во Европа. Само во Солун од 56.000 Евреи биле убиени дури 46.000!


Грците биле рамнодушни кон судбината на Евреите во Солун!?

Хана Арент во својата книга „Ајхман во Ерусалим“, во главата за депортациите на Евреите од Балканот, во делот за Грција, тврди дека „Грците во најдобар случај биле индиферентни, па дури на тие операции гледале со одобрување“. Според неа, поради таа индиферентност за два месеца целата еврејска заедница од Солун била депортирана. Транспортите за Аушвиц поаѓале скоро секој ден, носејќи во товарните вагони од две до две и пол илјади луѓе. Според неа, во есента 1943 година, по капитулацијата на Италија, набрзина е извршена и евакуација на околу тринаесет илјади Евреи од јужниот дел на Грција, вклучувајќи ги Атина и грчките острови, кои исто така завршиле во логорите на смртта.
„Се чини дека незаинтересираноста на Грците за судбината на нивните Евреи на некој начин преживеа и по ослободувањето. Д-р Мартен, сведок на одбраната во Ајхмановиот процес, по војната тивко се вратил во Грција како претставник на една транспортна агенција, но бил уапсен и многу брзо ослободен, и пуштен да се врати во Германија. Неговиот случај е единствениот таков случај, затоа што судењата за воени злосторници во сите земји завршуваа со строги казни“. Зошто главниот цивилен управител на Солун и главен организатор на депортацијата на Евреите, кој им го делел нивниот имот на Грците, бил уапсен и веднаш ослободен, треба да кажат грчките историчари, но и политичарите, оние што до ден-денес не признаваат никакви малцинства и малцински права во државата, која толку брзо и ефикасно за само два месеца во 1943 година се ослободи од околу 50.000 свои сограѓани Евреи!

(продолжува)