Раширено делото за македонскиот народ и јазик

Преродбенските пројави на македонството (11)

Бугарски став: Покрај изградените литературни јазици, српскиот и бугарскиот, вештачки да се создава сега и македонски, тоа е глупост. Тенденцијата на оваа измислица е од мошне мизерна природа – да се фрли сенка врз националното чувство на компактната бугарска маса во Македонија, која, благодарение на мрднатиот Мисирков, се убедила во својата посебна македонска народност

Пишува д-р Блаже Ристовски

На 30 јуни 1905 год. српскиот дипломатски застапник во Софија, Света Ст. Симиќ, во својот извештај не само што дава поблиски информации за разговорот што го имал со Наумов пред три дена туку и за дејноста на Мисирков и особено за Чуповски во Македонија во врска со акцијата за отворање македонски училишта под патронат на Другарството. „Меѓу појавите што заслужуваат внимание, пишува Симиќ, а во врска со прашањето за состојбата на Македонците, заслужува внимание агитацијата што ја развива познатиот на министерството Мисирков, авторот на делото,Македонцките работи‘, во кое ја развива теоријата за,македонскиот народ‘ и ја проповеда идејата за употреба на охридско-битолскиот дијалект за литературен јазик на Македонците. Мисирков си нашол приврзаници од Македонија што се школуваат во странство“.

Нападите врз Чуповски

„Еден од нив, некој Чуповски, свршен студент на Петроградската духовна академија, почнал да ја проповеда оваа идеја по Македонија. Најпрвин одржал таен собир во Солун, па оттаму отишол во Велес, каде што приврзаниците на внатрешната организација, кога дознале за неговата намера, му наредиле под закана со смртна казна, да не се осмели да ги шири овие,еретички‘ идеи. Во разговорот за оваа појава, Наумов ми го потврди сево ова за работата на Чуповски, па осудувајќи го Мисирков и неговото дело, изјави дека тие, македонските револуционери, се за политички, а не за национален сепаратизам: првиот е неодолива потреба, условена од сите околности од кои зависи ослободувањето на Македонија од турското ропство; вториот е – една глупост… Покрај изградените литературни јазици, српскиот и бугарскиот, вештачки да се создава сега и македонски, тоа, по мое мислење, е глупост.“

Димитрие Чуповски

Бидејќи европскиот печат продолжи да ја разработува темата за маке- донскиот јазик и македонските училишта, Никола Наумов во „Македонски преглед“ од 25 јуни, под наслов „Гнасни измислици“, јавно проговори: „Некои европски и српски весници во последно време ја растурија измислицата дека внатрешната организација божем решила да го исфрли бугарскиот јазик од училиштата во Македонија и да го замени со некаков македонски, нешто како,Мисирковата каша‘, како што се изрази еден наш собрат. Тенденцијата на оваа измислица е од мошне мизерна природа – да се фрли сенка врз националното чувство на компактната бугарска маса во Македонија, која, благодарение на мрднатиот Мисирков, се убедила во својата посебна македонска народност. Изворот на оваа измислица неопходно е српски. Колку што знаеме, повод за ова дало доаѓањето во Велес на еден агент на Мисирков (името ќе му го премолчиме), со цел да ја проповеда мисирковштината, но кој уште на другиот ден бил изгонет оттаму од самата организација. На српските шовинисти им е потребна мисирковштината, што им беше и првобитниот козир во Македонија и не може да нѐ сожалуваат што Мисирков многу доцна се јавил на сцената“.

Македонизмот – австриска измислица?

Во врска со мисијата на Д. Чуповски во Македонија пишува и во дел од извештајот на Св. Ст. Симиќ од Софија од 12 август 1905 година: „Колку идеите за македонскиот политички и национален сепаратизам се непопуларни и меѓу првенците на македонските револуционери и меѓу Бугарите убаво го илустрира случајот со пријателот на познатиот на министерството Мисирков, Чуповски, свршен студент на Петроградската духовна академија. Откако партизаните на внатрешната организација му го спречиле проповедањето на идејата за македонскиот национален сепаратизам, Чуповски дошол во Софија, каде што и Македонците и Бугарите му правеле многу големи тешкотии насекаде, па и во овдешната Руска агенција. Кај г. Бахмеќев, овдешниот руски дипломатски агент, го претставиле како австриски агент, зашто, според нивното тврдење, идејата за македонскиот национален сепаратизам е австриска, та овој отпрвин не сакал да му го завери пасошот за враќање во Русија. Чуповски имал маки додека да го разубеди г. Бахмеќев и да го склони да му го даде пасошот….

Иако бугарската влада и бугарската егзархија успеаја и Револуционерната организација да ја ориентираат против Другарството, во 1904 и 1905 година тоа сепак е многу активно. Посебни грижи се вложуваа за отворање училишта на македонски јазик. За тоа често пишува и европскиот печат. Во пролетта 1905 година, и самиот претседател Димитрија Чуповски за истата цел неколку месеци крстосуваше низ Македонија. Тоа ги алармира бугарската влада и егзархијата и тие започнаа организирана хајка со клевети и терор против претставниците на Новото движење. Требаше по секоја цена да се спречи Револуционерната организација да се приклучи кон овој процес. Брзо беа најдени орудија од македонската средина. Дури и неофицијалниот орган на внатрешната организација в. „Право“, објаснувајќи ја Гледстоновата девиза „Македонија за Македонците“, јавно ја прокламира програмската доктрина на „политичкиот сепаратизам“:

„За нас јазикот на организацијата изразен во националноста е едно од најмоќните средства за култура и напредок. Тргнувајќи од тоа гледиште и уверени дека мнозинското население во Македонија е бугарско, ние го отфрламе од себеси и најмалото напомнување за некаков национален сепаратизам. Таков еден стремеж би бил спротивен на погледите на мнозинството од македонските населенија и на идејата за слобода и култура. Нешто повеќе: таков еден стремеж би бил неморален. Следствено, мнозинството од македонските населенија било, е и ќе биде бугарско…“. Таква беше националната платформа на МРО пред и во време на востанието, што наиде на критички одраз и во книгата на К. Мисирков и во активноста на Новото движење.


Академик Блаже Ристовски

Блаже Ристовски е роден во селото Гарниково, Кавадаречко, во 1931 година. Истакнат македонски книжевен историчар, филолог, фолклорист и историчар. Член на Македонската академија на науките и уметностите е од 1996 година.
Основно образование завршил во родното село Гарниково, а гимназија во Кавадарци. Завршил Филолошки факултет во Скопје во 1955 година. Во 1965 година станува доктор по филолошки науки со одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – животот и делото“. Во 1965 година е избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја, каде што ги раководи Тимот за културната историја и Балканолошкото одделение. До пензионирањето е научен советник во Институтот за старословенска култура (1993 – 1995).

Како истражувач на македонската литературна, јазична и национална историја и на фолклорот во Македонија, објавил повеќе книги за развитокот на македонската културно-национална мисла и над 800 статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во странство. Научноистражувачките интереси му се движат во неколку тематски релации и ги зафаќаат спецификите на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла и акција до нејзината конечна афирмација, историјата на македонскиот писмен и литературен јазик, литературната историја и фолклорот. Посебно ги истражува и ги афирмира националните дејци од 19 и 20 век: Крсте П. Мисирков, Димитрија Д. Чуповски, Наце Д. Димов, Ѓорѓија М. Пулевски, Петар Д. Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Никола Вапцаров, Тодор Чопов и др.

Во своите трудови донесе нова документарна фактографија и научна аргументација и со аналитички и критички пристап кон изворите и литературата ѝ претстави на научната јавност низа пројави, настани и процеси и цела плејада заслужни профили од македонското културно- национално минато.
Ристовски е уредник на првата „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ, која, по реакции на ДУИ и на некои македонски политичари, е повлечена од јавност, поточно инкогнито забранета за употреба.
Во првата Влада на Република Македонија по осамостојувањето од 1991, Ристовски беше избран за потпретседател.

(крај)