СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (5)

Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата. Промоцијата на книгата, заедно со другите девет тома на избраните дела на Андов, во издание на „Матица македонска“, се случи синоќа, во Кинотеката.

Изборите некако завршија. Што се однесува до претседателските избори, од сѐ што се случуваше – остана некоја горчина кај Глигоров. Спорот што изби во ДИК за тоа дали Глигоров е избран или не е избран за претседател на Републиката, без оглед што во јавноста Глигоров имаше силна поддршка, лично него тешко го погоди. Во медиумите тогаш настана вистинска кампања против претседателот на ДИК и против целата комисија, а во одбрана (без оглед дали Глигоров тоа го сакал или не) медиумите ги овозможуваа само оние настапи, пред сѐ од функционери на СДСМ, кои отворено го поддржуваа Глигоров, и со таа кампања фактички се оствари оној ефект што Бранко Црвенковски мислеше да го постигне кога го наговараше Глигоров да биде претседателски кандидат само на СДСМ. Со тоа Глигоров чувствуваше посебен притисок, бидејќи не беше подготвен со своите настапи битно да си ја повтори позицијата и впечатокот од неа дека тој не е кандидат само на СДСМ туку на коалицијата меѓу СДСМ, Либералната и Социјалистичката партија. Многу брзо Глигоров покажа знаци дека му е стеснет маневарскиот простор и дека во многу работи тој директно ќе зависи од раководството на СДСМ, а тоа значи од Бранко Црвенковски, а во власта и од Данаилов Фрчкоски. Тоа му го потврдија два настана што дојдоа многу брзо по изборите.

Откако на 19 ноември се конституира новоизбраното Собрание, а јас повторно бев избран за претседател на Собранието, неколку дена потоа стигнаа покани од група стопанственици, пред сѐ од директорот на скопската пиварница Свето Јаневски, во чест на победата на изборите да се собереме една вечер и во релаксирана атмосфера да ја прославиме победата. Таа средба беше закажана за 24 ноември вечерта. Киро и јас бевме поканети да одиме со сопругите. Во една убава сала во пиварницата, од две споени простории, нѐ распоредија луѓето од изборниот штаб на СДСМ. Во поголемиот дел од салата беа сместени Глигоров и целиот врв на СДСМ. Во другата сала бев јас и, по договор со Свето Јаневски, нашите пријатели стопанственици. Киро го забележа тоа и ми даде знак да минам во првата сала. Се разбира, одбив. На крајот на краиштата, воопшто не ми беше важно во која сала ќе бидам. Ама таа вечер многу брзо се случија важни настани. Забележав тенденција во салата каде што беше Глигоров да се организираат баханалии. Таму дефилираа скржаво облечени млади дами, а и некои млади танчарки. Некои едноставно почнаа да му се наметнуваат на претседателот. Кога го видов тоа, а имавме покана со Марија да одиме кај проф. Ставридис, кој токму таа вечер имаше домашна слава Света Мина, станавме и заминавме таму.

Неколку дена потоа, неколку новинари ми донесоа снопови со стотици фотографии од Глигоров и девојките. Иако немаше ништо драматично во нив, сепак очигледно беа правени со тенденција да го компромитираат претседателот. Излезе дека целата таа работа била подготвувана свесно и плански. Таму снимале повеќе фотографи и веројатно тоа беа најдобрите фотографии направени од најдобрите фотографи тогаш во Скопје. Некои од новинарите, кои беа особено загреани за СДСМ, се потсмеваа на фотографиите каде што Киро беше сниман со девојките со невкусни коментари, како човекот да не е свесен колку му е минато времето.

Утредента по овој настан се пробија информации за големото насилство извршено во тогаш познатиот локал „Хардрок“. Всушност, по некои реконструкции на локалот и негово проширување и доуредување, таа вечер требало да биде свечено пуштен во работа локалот. Било предвидено таму да оди целата свита што беше во пиварницата, ама не отишла. Изгледа навреме до нив стигнала веста за големото насилство извршено во „Хардрок“. Имено, група насилници влегле насила во локалот и со бејзбол-палка испокршиле сѐ. Келнерите што биле таму присутни и се подготвувале за почеток на работата избегале надвор, а оние што не успеале да излезат од локалот се скриле под шанковите. И едните и другите келнери сосема јасно виделе кои се хулиганите.

Овој настан имаше силен одглас во јавноста и главно беше осудуван. Нашата Либерална партија бараше да се расчистат работите со овој скандал, бараше да се откријат кои се извршителите, кои се порачателите и кои биле причините што довеле до овој скандал. Новинарите поврзани со СДСМ или под контрола на таа партија, а тогаш мнозинството новинари беа во таква положба, иако многу точно ги опишуваа разорните последици од тој настан, не се занимаваа и не бараа да се открие кој и зошто го извршил тоа. Значи, освен Либералната партија, другите си премолчија во јавноста. Од сведоците што ги виделе тие настани, при опишувањето се добиваше слика како онаа што се случуваше на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, само што во „Хардрок“ немаше пратеници и „Хардрок“ нема статус на собраниска зграда, а има уште една разлика во однос на настаните во Собранието. Имено, насилниците во „Хардрок“ немале качулки на себе и не гледале опасност од тоа да бидат препознаени, бидејќи тие добро знаеле каква сила стои зад нив. Немаше истрага за целиот настан и не се знаеше кој го сторил тоа, иако голем број луѓе знаеја. Не се спроведоа истрага и судско гонење, а на сопственикот на локалот, кој потрошил доста пари кога го преуредувал, се изнашле канали како да му биде надоместена штетата – се разбира со државни пари, но без судска одлука.

Забележав тенденција во салата каде што беше Глигоров да се организираат баханалии. Таму дефилираа скржаво облечени млади дами, а и некои млади танчарки. Некои едноставно почнаа да му се наметнуваат на претседателот

Во меѓувреме, при крајот на есента и почетокот на зимата, во државата многу се заострија меѓуетничките односи. Како што е познато, во Уставот од 1991 година стоеше дека за припадниците на малцинските заедници нивниот мајчин јазик ќе се користи само заклучно со завршување на средното образование.
Такво децидно ограничување на правото за користење на својот мајчин јазик, особено кај Албанците, предизвикуваше бурни реакции. Овде треба да се потсетиме дека со Уставот од 1974 година немаше такви категорични забрани. И нашата нова уставна одредба содржана во Уставот од 1991 година фактички претставуваше одземање дел од веќе стекнатите права, пред сѐ на Албанците. До крајот на 80-тите години од минатиот век имаше Виша педагошка школа на албански јазик, а таа била укината по усвојувањето на последните амандмани на тогашниот наш македонски устав во 1989 година. Пратениците Албанци од ПДП веќе во уставната дебата на седницата на комисијата за уставни прашања и на пленарната седница на Собранието во есента 1991 година, категорично бараа да нема уставни ограничувања на високото образование и Албанците да можат да се школуваат во Македонија на мајчин јазик. Многу аргументи наведуваа тогашните пратеници Ешреф Алиу, Исмет Рамадани, Насер Зибери, Абдурахман Алити за штетноста од забрана на можноста да има институции од високото образование и на албански јазик и во Македонија. Некои од нив наведуваа дека со таквото решение нашите студенти Албанци од Македонија се принудени високото образование да го завршуваат во Албанија или на Косово, што може да даде штетни резултати воопшто за нашето меѓуетничко разбирање. Кога не успеаја тие нивни обиди, некаде во летото и есента на 1994 година, се појави на сцената Фадил Сулејмани, кој тврдеше дека е избран за ректор на Тетовскиот универзитет. Таа есен, иако имаше избори, а потоа и избор на влада, сепак атмосферата беше оптоварена и од активноста на Фадил Сулејмани. Таа активност предизвика извесна поделба внатре меѓу политичарите Албанци во Македонија. Едни беа за тоа да продолжат разговорите и разјаснувањата за овозможување високо образование и на албански јазик во Македонија, а притоа да не се брза со формирање некаков илегален универзитет на албански јазик. Во тоа време бензин на огнот додаде и тогашниот министер за надворешни работи на Албанија со некои радикални изјави против Р Македонија. Сите тие околности се дополнија со демаршот што го направија Илијаз Халими, Арбен Џафери и Абдурахман Алити, испраќајќи му писмо на претседателот на САД, Бил Клинтон, за состојбите во Македонија. Во писмото својата земја ја споменувале како поранешна југословенска Република Македонија, а Македонците ги насловувале како славомакедонци. Другите, пак, чиј експонент беше споменатиот Фадил Сулејмани, застапуваа мислење дека времето минува, а потребите растат и дека крајно време е во Македонија да има и универзитет и на албански јазик.

Негде при крајот на ноември и почетокот на декември се проби веста дека е избрана и зградата за новиот тетовски универзитет, а излеана е и таблата со натписот на институцијата. Тие вести постепено ја заоструваа внатрешната ситуација во Македонија. Тука некаде се покажаа и резултатите од настојувањата на нашите тајни служби да се подели ПДП, да се организира уште некоја партија на Албанците во Македонија, со што ќе се ослаби ПДП. Тоа беше кратковидост на тогашната наша македонска влада, чиј идеолог во тоа време беше министерот за внатрешни работи Данаилов Фрчкоски.

(продолжува)