Потпишување на Нејскиот договор

Димитри Литоксоу (1953) е еден од ретките грчки интелектуалци, кои имаа храброст, посебно во време на засилена националистичка пропаганда во Грција, да проговори за чувствителните грчки теми и проблеми. Тој повеќе години се занимава со проучување на малцинствата во Грција како и со односот на официјалната грчка политика спрема нив. Неколку години особено внимание му посвети на македонското прашање.

Фељтонот што го објавува „Нова Македонија“ е извадок од неговата книга „Малцинските прашања и националната свест во Грција (Недоречености на грчката историографија)”, која во Атина се печатеше во 1991 година благодарение на поддршката од радикалните студенти. Во книгата, како што вели авторот во предговорот кон второто издание (1992), е направен „обид за ненационалистичко и неидеологизирано доближување до едно значајно поглавје во историјата на оваа земја“, односно презентирано е „поинакво проблемско читање и интерпретација на настаните, различно од она на националната историографија, т.е. од митското идеолошко прикажување, кое, речиси, го заокружува и корпусот на грчката библиографија“.
Иако во текстот се сретнуваат некои непрецизности, го објавуваме поради интересните ставови и аргументи што ги нуди авторот за македонското прашање и за односот на Грција кон Македонците. Текстот од грчки на македонски јазик го преведе Емилија Мајсторова.

Димитар Литоксоу


Етнолошкиот состав на населението во Македонија претставува едно поглавје со кое се среќаваме во сите книги во врска со македонското прашање. Грчките статистики, приватни или владини, несмасно и грубо исфабрикувани го прикажуваат елинизмот т.е. патријаршистите, како доминантен во македонските касаби. Меѓутоа, ваквата пропаганда беше предодредена за внатрешна грчка употреба. Странските новинари, патописци, трговци и дипломати знаеја дека процентот на православните елинофони од целокупниот број жители во трите европски вилаети (Скопје, Битола, Солун) одвај ја надминуваше бројката од проценти, и тоа концентрирани во градовите. Информациите што беа поволни за грчката страна се однесуваа на образовната активност и бројот на грчките училишта во споредба со оние на бугароманските егзархисти, на романоманските Куцовласи и србоманските Славомакедонци. Супериорноста на грчката литература не се должеше на квантитативната сила на елинизмот, туку на моќната економска положба во империјата и неговите силни врски со елинизираната и игуменска патријаршија.
Соседот – непријател на елинизмот во спорот за судбината на Македонија е главно и за повеќе децении се поврзува со – Бугаринот. Со векови господарот во Македонија, Турците Османлии, што се од друг род, со друг јазик и вера, се сметаат за привремен администратор и најблизок моќен сојузник против бугаризмот. За Грците, жители во македонските градови, за богатиот трговец, за вештиот занаетчија, за православниот патријаршиски свештеник. отоманскиот режим го гарантираше континуитетот на нивната духовна и економска хегемонија во славофонската периферија.
Национално селското движење на славомакедонското и на бугарското население во Македонија не е свртено само против отоманската администрација, но и против воспоставените интереси на трговскиот и на ситнобуржоаскиот грчки елемент во регионот. Немоќта на грчкото кралство за оружени претензии кон македонските вилаети сѐ до Балканските војни, го принуди елинизмот, пред сеништето на Велика Бугарија, на воена и дипломатска соработка со Портата и со нејзините епархиски органи.
Бугарите најпрво се појавуваат како верски непријатели. Нивните барања во црквите да се служи на бугарски јазик и да се избираат Бугари епископи, доведе до раскин со Цариградската патријаршија и до создавање Бугарска егзархија. Борбата за Фанариј за зачувување на добиените привилегии, ја фаворизираше соработката со грчкото министерство за надворешни работи задолжено и за македонскиот проблем, меѓутоа, игуменското поимање на православието и на неговите материјални интереси во империјата често го правеа кревко сојузништвото помеѓу грчката држава и патријаршкиот клер против „шизматичарите“.

ГРЧКИ ОДРЕДИ ОД СОМНИТЕЛНИ ЛУЃЕ

Двете политички организации на славофоните во Македонија, ТМРО и ВМРО (Внатрешната организација на врховистите) се најдоа спротивставени поради своите национални опции. Првата, борејќи се за автономија на Македонија ќе се судри со врховистичката, која бара инкорпорирање на македонските територии во бугарската држава. ТМРО ќе ги придобие разбунтуваните против Османлиите Славомакедонци, а ВМРО ќе добие заштита од царот Фердинанд и поддршка од егзархијата.
Антиосманлиската борба на славофонското христијанско селско население во Македонија беше крунисана со Илинденското востание во јули (по стар календар) 1903 година. Егзархијата заедно со ТМРО и со ВМРО го предводат во текот на три месеци востаничкото движење, кое на крајот беше крваво задушено, но кое ќе добие симпатии од европското јавно мислење и заштита од големите сили. Последниве (големите сили) ќе иницираат и ќе му наложат на султанот реформи во полза на христијанското население во европските провинции на империјата.
Илинден ќе ја принуди грчката влада да се вовлече во македонската борба (1904-1908 година). Испраќајќи офицери, подофицери и војници на грчката армија да формираат по македонските планини герилски одреди, регрутирајќи сомнителни луѓе и познати разбојници, грчката влада ќе се стреми цели четири години да го прекине масовното приклучување на словенските селани кон револуционерните организации и кон егзархијата.
Грчките комити, раководени од грчките конзулати во Битола и во Солун, далеку од македонските градски центри во кои присуството на елинизмот беше забележително, ќе ја сконцентрираат својата активност кон тероризам и казнување на шизматичарите или романофонските села и кон повремени престрелки меѓу малобројните противнички групи. Наредбата на Атина беше да се одбегнуваат среќавања со османлиските одреди и башибозукот и да им даваат отпор само во случај кога не е можно да побегнат; една наредба што се извршуваше, почнувајќи од не толку славната обиколка на Павлос Мелас на Македонија, па сѐ до движењето на Младотурците, давањето амнестија и прогласувањето на Уставот.
Вториот силен и многуброен непријател на елинизмот во неговата борба за доминација во Македонија беа Романците. Куцовлашкото движење на романофоните, вдахновено од личноста на Апостолос Маргаритис многупати ќе се најде во судир со црковната и со образовната политика на патријаршијата и на грчката влада. Романовлашките номади, арабаџии и трговци, самоиницијативно или во соработка со бугарските и со славомакедонските востаници (па дури и со отоманската администрација) ќе го саботираат, во рамките на нивните можности, секој грчки обид во областите во кои тие живееја.

Бугарскиот цар Фердинад

РАСПАРЧУВАЊЕПО ИНТЕРЕСНИ СФЕРИ

Балканските војни, кои ќе завршат со пораз не само на Османлиите, туку и на Бугарите, ќе им го дадат на Грција и на Србија најголемиот дел од македонската територија. Надежите на Бугарија за проширување во Македонија ќе ја втурнат во Првата светска војна. Меѓутоа нејзините успеси на Македонскиот фронт беа краткотрајни. Крајот на воените судири ќе ја затечат вторпат во текот на неколку години, на страната на поразените. Новите граници на Балканот беа исцртани во воените штабови на победниците каде што учествуваа – иако само симболично и Грција и Србија како нејзини противници.
Одлуката на големите сили, во таа последна можност за решавање на источното прашање, да им се дозволи на нивните мали штитеници да пристапат кон распарчувањето на последната наднационална државна формација што историски ја познаваше регионот, го остави неодговорено големото прашање, кој и според какви критериуми ќе ги исцрта границите.
Повторно во историјата пресудија правото на посилниот, интересите на колонијализмот, насилството и оружјето. Еден единствен историски процес на кој со стотици години луѓето, идеите, капиталот и трговијата слободно циркулираат во неговата внатрешност беше разделен на зелените маси за договарање и во кулоарите на меѓународната дипломатија, без присуство на народите за кои се решаваше.
Вистина е дека историското наследство комуникацијата со илјадници години измешани нации, јазици, цивилизации и религии и го отежна разграничувањето на поразот на Турција. Меѓутоа, најголемата пречка за време на Балканските војни и на Првата светска војна, главно беше завладувањето на империјалистичката логика на „интересни сфери“ преминот од национализам во шовинизам. Правото на избор на самоопределување на народите и почитувањето на малцинствата, беше признаено само вербално од страна на Друштвото на народите и неговите членки. Државното самоволие и газењето на човековите права во практика значеше пат што го следеа сите балкански држави, без исклучок.
Задолжителната размена на населението помеѓу Грција и Турција во 1924 година, што откорна илјадници семејства од нивните прадедовски огништа и ги претвори во бегалци и на двете страни, значително го измени етничкиот состав на Македонија: 3.371 илјади муслимани (меѓу нив и гркофоните Валаади) ги напуштија македонските градови и села за да преминат во Мала Азија. Над 66 илјади Бугари доброволно ќе се иселат од Грција во Бугарија во периодот помеѓу 1929 година, врз основа на грчко-бугарскиот договор од Неј. Ним треба да им се дадат и 125 илјади мухамеданци, кои си отидоа од новите македонски епархии на грчката држава за време на Балканските војни и на Првата светска војна. Нивното место, куќите и нивите, на македонската територија под грчка управа ќе ги добијат 638 илјади христијански бегалци (вклучувајќи мошне голем број православни туркофони), од Источна Тракија, Понт, Мала Азија, Кавказ, Источна Румелија и од други области. Македонското прашање повторно ќе воспламне за време на Втората светска војна и окупацијата. Бугарија во последен момент приклучувајќи се како сојузник ќе излезе како победник, како во југословенска, така и во грчка Македонија. Славомакедонците го основаат СНОФ и соработуваат во отпорот на ЕАМ. Неколку години подоцна во Граѓанската војна, славомакедонската левичарска организација НОФ се бори на страната на Демократската армија за обединета и автономна Македонија. Догматскиот начин на кој КПГ го сфаќа проблемот на почитување на малцинствата и правото на народите на самоопределување, ќе ја направи повторно (по нејзините ставови во 1923-1924 година и осудата на автономистите) одговорна за национално предавство во соработка со непријателот. Десницата долго ќе говори за ЕАМ-о Бугари и комунистички бандити.

(Продолжува)