Фељтон: Преродбенските пројави на македонството (2)
Сред македонската емиграција во Бугарија во 1980-тите години се формираат многу македонски друштва. Првото Македонско благотворно друштво во Софија е основано уште во 1881 година, а во Русе во 1884 е формирано друштвото „Александар Македонски“. Во Софија во 1885 година почнува да излегува и првиот весник „Македонскии глас“ што ги храбри Македонците за организирана борба за слобода
Фељтонот што го објавуваме содржи делови од книгата „Историските основи на Македонската академија на науките и уметностите“ од д-р Блаже Ристовски, издадена по повод 50 години од формирањето на МАНУ. Книгата, од околу 400 страници, опфаќа период од речиси сто и педесет години. Низ нејзините страници, со претставени архивски документи и научни сознанија, се согледува една јасна слика за појавата на македонството како национална идеја на македонскиот народ, за неговата етничка самобитност, за неговиот јазик, култура и традиции што го разликуваат од другите балкански народи. Насловите, поднасловите и меѓунасловите се редакциски
Пишува д-р Блаже Ристовски
На 18 септември 1872 година учителот Венијамин Мачуковски во огласот за подготвената граматика „на македонското наречје“ во весникот „Право“ објаснува: „Изучувањето на Бугарската граматика во македонските училишта е еден од најтешките предмети за учениците, заедно со тоа и набестолковен. Тој им одзема доста долго време, и тоа не пречи пак да немаат поим од граматиката.
Тоа произлегува од несообразноста во граматичките форми на досегашните издадени бугарски граматики со оние на македонското наречје. Тоа ми даде повод од време уште да обрнам внимание врз нашето наречје и да го подведам под граматички форми и правила. Го имам веќе наредено првиот дел за граматиката, и од успехот што го покажаа учениците во изучувањето на овој предмет по моите записки целосно се убедив во постигнувањето на мојата цел.
За да им дадам едно лесно раководство и на другите ученици по Македонија и да ги избавам своите од препишувањето, се решив да го напечатам овој мој трудец; но единствената стапка се средствата што ми пречат да го направам тоа. Поради тоа се обраќам со покорна молба кон г-да учителите по Македонија да се погрижат да ми соберат спомоштествованија, од кои исклучиво зависи издавањето на мојата книшка“. По жестоките реакции и закани од букурешката „Свобода“ на Љ. Каравелов и цариградските закани во „Право“ од П. Иванов, граматиката не била напечатена, но и авторот не се откажал од својата замисла. Учителот Мачуковски бил повикан (како предупредување) и лично кај бугарскиот егзарх Антим.
И Македонците се народ
Тоа е времето на силниот подем на вториот бран на антиегзархискиот отпор, кога унијатското движење ја исфрла пред јавноста и својата македонска национална програма, а самиот Венијамин беше еден од нејзините столбови. Војводата Ѓорѓија Пулевски, пак, во тријазичниот речник во 1875 година од Белград извика: „…и Македонците се народ и местово нивно е Македонија“ и: „Наше отечество се велит Македонија и није се именуваме С. (славјно) Македонци“.
Така, со македонското име и започна борбата за македонски јазик и македонска држава. Затоа во Разловечкото востание во 1876 година Димитрија Беровски на знамето напиша: „Македонија“ и под лавот од македонскиот земски грб повика: „Елате да ве ослободам“. Три години подоцна самиот тој Кресненското востание (дури и во печатот на Главниот штаб) го нарече македонско востание, а востаниците Македонска војска. Во „Правилата – Уставот на Македонскиот востанички комитет“ јасно се определува: „Нашата цел, на македонското востание, не е никаква тајна, таа е ослободувањето на Македонија… Во востанието учествуваат луѓе од самата Македонија, кои се чувствуваат Македонци“.
Затоа и востаничкиот војвода Ѓорѓија Пулевски под тоа име ја објавува поемата „Самовила Македонска“, насловот на неговата дводелна стихозбирка е „Македонска песнарка“, а во 1879 година пак потсети дека Македонската војска се бори за, „Кралевина Македонска“. Тука и народната традиција има своја улога. Во автобиографските записи од 1925 год. Н. Чупаров (најстариот брат на Д. Чуповски) цитира (од книгата на Ѓорѓија Пулевски) дека Мијаците „биле гвардејци на А. Македонски“, додека „Брзаците биле брзата армија на Александар Македонски“.
Оружена борба за слобода
Оружената борба за слобода уште во 1880 година ја продолжува Маке- донската лига, па во Гремен-Теќе се свикува „Народно собрание на Македо- нија“ што избира „Привремена влада на Македонија“ и се подготвува „Устав за идното државно уредување на Македонија“, заедно со „воена инструкција за устројството на Македонската војска во автономната држава Македонија“ и „Привремена воена инструкција за дејствувањето на Македонската војска“. Во тоа време војводите од Пирин Планина објавуваат „Привремена управа на Македонија“, а „манифестот на Главниот штаб на Македонската војска“ се обраќа до „Браќата Македонци“ со девизата: „Смрт или слобода! Да живее слободна Македонија!“ Во март 1881 година и „манифестот на Привремената влада на Македонија“ ги повикува Македонците за „единствена и обединета Македонија“.
Во тоа време и Марко Цепенков наведува дека само во западниот дел на Македонија дејствувале околу 80 војводи и комити, за кои народот пеел песни, ги величал нивните подвизи и ја славел борбата за слобода на Македонија. Во тој дух во 1881-1882 година се организирани и Охридскиот заговор со Брсјачкиот бунт.
На 5 јануари 1885 година крушевчанецот Марко Атанасов Мушевич-Македонец беше примен од рускиот цар и му предаде меморандум од името на македонскиот народ што веднаш беше и објавен во петербуршкиот весник „Свет“ под наслов „Жалната состојба на Македонија под турското ропство“. Во овој документ се вели: „Во западниот дел на Македонија, во Дебарскиот и Охридскиот округ, па и воопшто во целата Македонија, се прават сè поголеми и поголеми ѕверства од страна на Турците… Македонскиот народ, предизвикан од турските разбојнички банди, почна самиот да се брани… Ние, малите, несреќни, но силни духом Словени Македонци едногласно молиме да обрнете внимание на сегашните наши страдања што ги трпиме под турското ропство“.
Бурна расправија меѓу Србите и Бугарите
Сред македонската емиграција во Бугарија во 1980-тите години се форми- раат многу македонски друштва. Првото Македонско благотворно друштво во Софија е основано уште во 1881 година, а во Русе во 1884 е формирано друштвото „Александар Македонски“. Во Софија во 1885 година почнува да излегува и првиот весник „Македонскии глас“ што ги храбри Македонците за организирана борба за слобода. Тогаш беше формиран и Тајниот македонски комитет во Софија што во следната година се поврза и со Белград и во 1887 година направи обид во Цариград да издава весник на македонски јазик „Македонски лист“.
Истовремено во Габрово леринчанецот Спиро Гулапчев ја објави книгата „Еден оглед по етнографијата на Македонија“ и предлага кодификација на посебен македонски литературен јазик со посебен правопис. Гулапчев, имајќи ги предвид претензиите на соседите, повикува: „Македонија да составува одделно политичко цело на Балканскиот Полуостров“ и ја изрекува максимата: „Ако нема федерација, нема да има слободна Македонија“ и предлага: „Идната федерација на Балканскиот Полуостров треба да се состои отпрвин од овие политички целини или состави: 1. од Македонија 2. од Епиро-Албанија 3. од европска Турција, 4. од Црна Гора, 5. од Романија 6. од Србија, 7. од Бугарија и 8. од Грција и истовремено да се прогласи за неутрална балканска федерација“.
По повод излегувањето на Јастребовиот зборник со народни песни и обичаи во С. Петербург (1886) се разви бурна бугарско-српска расправија околу народноста, јазикот, фолклорот и историјата на Македонците. А во следната 1887 година рускиот славист Петар Драганов го донесе од Македонија во Петербург обемниот зборник со изворни материјали „Проучување на Македонија во етнографски, дијалектолошки, историски и археолошки
однос“ и го започна објавувањето на студијата: „Карактеристика на говорите на словенското население во современата Македонска провинција“, па подготви и серија статии „Општ етнографски преглед на Македонската провинција“. Во 1894 година излезе од печат и првиот том од неговиот „Македонско-словенски зборник“. Тој научно го претстави македонскиот јазик како посебен во словенскиот свет и укажа на степенот на развитокот на македонската национална свест.
Учители – агитатори
Во весникот „С.-Петербургски ведомости“ Петар Драганов ја објави и статијата „Кон прашањето за населението на современа Македонија“ Побуден од жолчната српско-бугарска етнографска расправија околу народноста и јазикот на Македонците и охрабрен од развитокот на македонската национална свест, тој се почувствува побуден (како славист и етнограф, како историчар и филолог, па и како Бугарин и бугарски службеник во Македонија) уште еднаш да им се придружи, како што вели самиот, „на научниците специјалисти што немаат никаква работа со политичките стремежи (таканаречените велики идеи) на бугарската, српската, грчката, албанската и романската народност“.
Разгледувајќи го „односот спрема месното словенско ’нарачје’ од страна на двата претендента на Македонија, односно бугарскиот и српскиот ’јазик’…“. Драганов, како личен сведок, прави уште една значајна констатација за дејноста на пропагандите во Македонија: „Речиси сите учители и учителки од средните, неретко дури и од вишите школски институции во Македонија, барем до 1887 година, се назначуваа, во функцијата на агитатори, бездруго отаде границата, имено од Кнежеството Бугарија или од Кралството Србија, како лица понадежни и попогодни за овие цели. А, пак, месниот, македонскословенскиот учителски елемент е допуштен во тамошните училишта не инаку, освен како агент на пропагандата или на таканаречената Бугарска егзархија… или, пак, од друштвото ’Св. Сава’ во Белград“.
(продолжува)