Погледите на „мајка Русија“

Преродбенските пројави на македонството (3)

Според тогашното руско мислење, би било праведно да се поддржи барем морално ова многубројно племе што зборува на посебно словенско наречје и си има своја стара историја (од 6 до 15 век), не помалку интересна од историјата на Бугарите и на Србите. Македонците се исто такви христијани, притоа православни, како што се и Србите со Бугарите

Пишува д-р Блаже Ристовски

Петар Драганов сериозно го засегнува и прашањето за односот на Русија спрема македонското национално будење: „Друго е прашањето дали ние Русите треба да се радуваме или да жалиме во врска со тоа што во Македонија го издигна својот глас тамошното староседелско население, Словјанци, што инаку се наречува со старинското име Македонци (за разлика од класичните Македонјанци). Според нашето лично мислење, би било просто праведно да се поддржи барем морално ова многубројно племе што зборува на посебно словенско наречје и си има своја стара историја (од 6 до 15 век), не помалку интересна од историјата на Бугарите и на Србите. Македонците се исто такви христијани, притоа православни, како што се и Србите со Бугарите“.

Македонија – искра за пожар на Балканот

„Овие Македонци (Словјанци), според општиот одзив на лицата што ги познаваат, во ништо не се полоши во умствен и во морален поглед од сите Срби и Бугари, во некои погледи тие се дури и повисоко од последниве. Поддршката, пак, од страна на Русија и, би рекол, од целата христијанска Европа, на христијанските и другите елементи во разнојазичната и разнобојна Македонија со Македонците што го заземаат првото место по бројноста (ги имаме предвид познатите параграфи од решенијата на Берлинскиот конгрес што им гарантираат автономија на Македонија и на целото нејзино население), би била не само акт на политичка правдивост туку и мудрост: Македонија на опашката на Бугарија и на Србија (како составен дел на последниве) секогаш ќе биде елемент за општ пожар на Балканскиот Полуостров, ако не и во цела Европа… За Русија и за Русите треба да бидат важни мислењата за Македонија не на оние Македонци што, откинувајќи се од својата сопствена народност, одамна наживо им се продале на Србите или на Бугарите…, ами само на оние Словеномакедонци што ги поставуваат интересите на својата навистина прогонувана народност највисоко од сè, зашто таа се прогонува не само од Турците (од една страна) и од Австро-Унгарија (од друга страна) туку главно од браќата Бугари и Срби.“

Карл Хрон: Македонците се посебна националност

Истовремено, во Виена австрискиот публицист Карл Хрон ги објавуваше полемичките истражувања за Македонија и Македонците во австрискиот печат, а потоа и во посебно издание, под наслов „Дас Волкстхум дер Славен Македониенс“ (Виен, 1890). Тој се уверил: „…како според нивната историја така и според нивниот јазик, Македонците не се ниту Срби, а уште помалку Бугари, туку се посебен народ… Според тоа, може да се потврди дека македонскиот јазик со своите сопствени закони за развитокот на гласовите, како и според неговите граматички правила, формира еден сопствен јазик… Колку повеќе ја гледам целината на досегашните заклучоци, сè поцврсто станувам уверен дека со напредувањето на истражувањата, посебната националност на Македонците ќе биде сè појасна и подокажлива. Всушност, политички македонското прашање е интересно, но сѐ уште не е толку актуелно: политичкото решавање ќе ѝ припадне на една подоцнежна генерација“.

Во тоа време во Софија стариот револуционер и книжевник Ѓорѓија М. Пулевски во 1888 година ја формира својата „Словенскомакедонска книжевна дружина“ што имала „цел – сведочи Димитрија Чуповски – да ја прероди народната македонска литература“, но наскоро „бугарската влада ја растури и мнозина нејзини членови ги истера од територијата на кнежеството. А во следната 1889 година Пулевски ги заврши и својата „Славјанскомаќедонска општа историја“ и ракописот на обемната „Јазичница“ – и двете на македонски јазик.

Во такви околности, охриѓанецот Коста Шахов од 21 октомври 1888 година (првин во Русе, а потоа во Софија) почнува да го издава и најзначајниот македонски весник „Македонија “. Во уводникот на првиот број, меѓу другото, пишува: „Денеска печатот е посилен од топот и со него си служат речиси сите народности во светот, освен нас…. Најпосле, ние Македонците, макар и да сме едни под двојно и тројно ропство, а други распрснати по разни земји, сепак не треба да си ја заборавиме татковината и должни сме да работиме за подобрување на нејзината положба, зашто како народ ќе бидеме одговорни пред нашето потомство…“.

Заложба за посебна државичка

Весникот најави дека „кај еден доста голем дел нашинци се зародила идејата да работат за ослободување на Македонија во самостојна државичка“ и дека „ние треба да ги претставиме нашите потреби и себеси и да се откажеме од секакво застапништво за нас од страна на нашите соседи и таканаречени браќа, кои речиси го прифатиле начелото: да нѐ разграбат и да нѐ разделат“.

На 19 август 1889 година во весникот „Македонија“, под псевдонимот Еден Македонец, излегува статијата „Мислење за решавање на македонското прашање“, во која меѓу другото пишува: „Се гледа дека сите се плашат од една самостојна борба кај Македонците и никоја соседна држава досега не дава да се развие таква… И македонската емиграција, барем за време, треба да ја напушти досегашната своја политика; таа треба да се постави во борбата врз чисто македонска почва… Ние не можеме успешно да го бараме својот спас ниту како Грци, ниту како Срби, ниту како Бугари, туку како Македонци, на кое веруваме сите ќе погледнат со добро око.“ На 23 февруари 1891 година весникот ја објавува уводната статија на Јуношескиј, под наслов „Интелигенцијо, црно да ти е лицето!“.

Петар Драганов

Авторот станува против егзархот и самата Бугарска егзархија и повикува за револуционерна борба: „…време е веќе македонската интелигенција сама да преземе иницијатива за решавање на своето прашање: минатото да ѝ послужи како лекција; да не остава македонското прашање да го експлоатираат и да го монополизираат други; да покаже пред целиот образован свет дека Македонија има своја интелигенција што е во состојба да ги жртвува не само личните интереси туку и самиот свој живот за постигнување на идејата и со тоа да покаже дека и македонскиот народ… е достоен за политичка слобода и култура, поставувајќи го принципот: Политичкото македонско прашање врз македонска почва, а средствата: слобода или смрт.“

Тогаш во Софија беа основани и Македонското читалиште и Заемо-спестовната каса на Македонците, а во хотелот „Конкордија“ се собираат млади македонски интелектуалци и зборуваат за Александар Македонски и за востание во Македонија.

Македонското прашање на меѓународна сцена

Европскиот печат постојано ја нагласуваше актуелноста на македонското прашање. Авторитетното во тоа време Санктпетербуршко словенско благотворно друштво, како прилог кон својот календар за 1890 година, ја објави „Етнографската карта на словенските народности“, во која првпат и Македонија доби посебна национална боја. Тоа претставуваше прво меѓународно признание на македонскиот национален идентитет на словенско ниво.

Така се создаде македонското прашање, кое почна како јазично и црковно во европска Турција, се манифестира како културно-просветно, прерасна во националноослободително и заврши како револуционерно-политичко. Јавната внатрешна промоција ја направија учебникарите со учебниците „на македонското наречје“ и Унијатското движење како масовна манифестација со учество и на надворешниот фактор, а по ферманот за основањето на Бугарската егзархија (1870) тоа стана и меѓунационално (1858-1875). Дури по Руско-турската војна и прелиминарниот Санстефански договор, на Берлинскиот конгрес во 1878 година првпат официјално македонското прашање излезе како проблем и на меѓународната сцена, но со премолчано именување.

(продолжува)