Период на сериозни колебања

Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.

ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (2)

Постарите сигурно се сеќаваат, а помладите би требало да ги знаат состојбите што владееја во СФР Југославија во 80-тите години на минатиот век, првата деценија по смртта на Јосип Броз Тито, затоа што во тие состојби можеше да се насетат и идните крупни промени во земјата и последиците што сѐ уште ги преживуваме, а кои дејствуваат на нашата секојдневна практика. Состојбите на Косово одамна беа напнати. По паѓањето на Ранковиќ во 1966 година, две години подоцна, сепак во јавноста се покажа извесна слобода на изразувањето во времето на големите студентски демонстрации 1968-та, кога избија и големи демонстрации на Албанците на Косово. Веќе тогаш, во демонстрациите во 1968 година, сѐ повеќе беше извикувана паролата и барањето „Косово република“. Како реакција на тие демонстрации, почнаа расправи во раководството на Србија за потребата од демократски дијалог и демократски мерки на Косово и во таа смисла се држеа многу политички состаноци и на Косово и во Србија. Но, наскоро дојде до поделба во политичкото раководство на Србија. На една од седниците на ЦК СК на Србија избија контроверзии. Како опозиција на официјалниот став на СК на Србија кон косовското прашање, на седница на ЦК, отворено настапија историчарот Јоца Марјановиќ, а по него и писателот Добрица Косиќ. Тие имаа многу суштински забелешки и противења на официјалниот реферат, поднесен на таа седница, а во кој беше презентирана идната политика на СК на Србија кон косовскиот проблем. Добрица Ќосиќ отворено одби да го прифати рефератот. Тие разлики уште повеќе се продлабочија во расправите за амандманите на Уставот на СФРЈ од 1963 година, а кои беа донесени во 1969 и 1971 година. Во тие амандмани, прилично јасно, се оцртуваше ориентацијата во изготвувањето на новиот Устав, кој во 1974 година беше усвоен.
Добрица Косиќ во тоа време стануваше многу популарен писател во Србија, со силно влијание кај српскиот интелектуален свет, а и кај широките слоеви на народот. Во тие амандмани беа воведени неколку новини, како што е правецот на промената на позициите на автономните покраини во Србија и нивното претставување во сојузните органи на власта. Во тоа време се виде колку е компликувана политичката состојба во Србија, поврзана со идните промени на Уставот на СФРЈ. Самиот Ќосиќ, кој истапи од ЦК, а потоа и од Партијата, иако доста отуѓен од политичкиот дел на јавноста, во областа на културата имаше особено големо влијание што овозможи да ја запоседне функцијата претседател на Српската книжевна задруга.

Тоа не беше политичко тело, но беше со силно влијание кај српскиот интелектуален свет. Тоа се годините кога писателот Добрица Ќосиќ стана многу плоден и често се претставуваше со нови книги. Првата негова книга, објавена во 1951 година, во времето на „тврдиот“ социјализам, беше освежување во разбирањата на широките народни слоеви, особено во Србија, па и во Југославија, за тоа со кои дилеми се среќаваа партизаните во Народноослободителната борба. Карактеристично за книгата „Далеку е сонцето“ беше личноста на Гвозден, кој иако истакнат политички функционер во борбата, сепак доживеа трагична судбина, да биде стрелан. Со таа книга Ќосиќ почна еден процес на демистификација на реалниот живот и реалните настани во Народноослободителната војна. Тој стана родоначалник на една цела насока во српската литература, со влијание и во другите средини во Југославија. Неговата трилогија за Првата светска војна и судбината на Србија и српскиот народ, инаку многу потресна литература, отвори многу типични дилеми со кои српските интелектуалци, политичари и обичниот народ се соочувале во борбата за гол опстанок на Србија и Србите. Делата на Ќосиќ наскоро станаа прототип во српската литература, а кругот на неговото влијание сѐ повеќе растеше.
Од друга страна, ниту Албанците не мируваа, без големи демонстрации имаше огромен вриеж меѓу Албанците на Косово. Во 1969 година, постојат податоци дека во разговорите со Тито, Махмут Бакали, кој ја водел косовската делегација, на Тито му го поставил барањето сепак Косово да биде република и да се смират состојбите во Југославија. Тито тогаш му одговорил: „Тоа не можеме да го дадеме. Не можеме да допуштиме Косово да стане република, но можеме на покраините да им дадеме атрибути на републики, да се блиску до републики“. Во 1971 година, во амандманите на Уставот на СФРЈ, тоа беше сторено. Покраините добија свое право на членство во Соборот на Републиките и покраините, и тоа со осум претставници, а секоја република со 12 претставници, додека покраините добија и право да имаат претставник во Претседателството на СФРЈ – по еден член.
Меѓутоа, од сите тие напнати состојби, демонстрации и барања, се откриваше една теза, според која паролата Косово – република ќе ги зафати и териториите со мнозинство Албанците во Македонија.

Се сеќавам, во 1972 година, кога изби епидемијата на вариола вера, таа се појави директно во Ѓаковица и околината и почна да се шири во Косово и во Метохија. Нејзини носители биле муслиманите што оделе на аџилак во Мека и се вратиле оттаму. По тој повод, во Македонија беа донесени мерки за изолација од Косово и со тоа Македонија ја затвори границата со Косово. Тогаш во Косово и во Метохија, во политичките кругови, се појави тезата дека не смеат да бидат разделувани Албанците во Југославија и недопустливо е меѓу нив да постои граница

Политички тоа беше расчистено дека е неприфатливо. Но, во свеста на Албанците тоа сфаќање вегетираше. Се сеќавам, во 1972 година, кога изби епидемијата на вариола вера, таа се појави директно во Ѓаковица и околината и почна да се шири во Косово и Метохија. Нејзини носители биле муслиманите што оделе на аџилак во Мека и се вратиле оттаму. По тој повод, во Македонија беа донесени мерки за изолација од Косово и со тоа Македонија ја затвори границата со Косово. Тогаш во Косово и во Метохија, во политичките кругови, се појави тезата дека не смеат да бидат разделувани Албанците во Југославија и недопустливо е меѓу нив да постои граница.
Исто така, се сеќавам дека во тоа време, во тие збрки, во Сојузниот извршен совет во 1972 година, членот на СИС од Косово, Имер Пуља, на седница на СИС го постави прашањето со барање да се укинат сите прописи што ја затвораат границата на Македонија кон Косово. Тој предлагаше за таа цел СИС да донесе и посебна одлука за укинување на решението за затворање на границата.
Меѓутоа, Џемал Биедиќ, тогашниот премиер, закажа координативна седница по повод барањето од Имер Пуља. На таа седница, покрај сите членови на СИС, присуствуваа и претседателите на републичките и покраинските влади. Од Македонија, наместо Ксенте Богоев, кој беше претседател на Владата, присуствуваше на седницата д-р Вулнет Старова, потпретседател на македонската влада и министер за здравство, Албанец по националност. Тој аргументирано објасни дека затварањето на границата меѓу Македонија и Косово е неизбежно, инаку болеста може да се пробие и во Македонија. Повлекувањето на некои политички замисли меѓу некои од Албанците во ова право на воспоставување на изолација на Македонија од подрачјата зафатени со вариола вера се неприфатливи.

Сметаме дека предлогот на Имер Пуља не држи и не треба да се прифати. По излагањето на Вулнет Старова, Имер Пуља воопшто не се јави за збор, а претставниците од другите републики го поддржаа излагањето на Старова. Со тоа, Биедиќ ја заклучи седницата, а мерките во Македонија останаа во сила и тоа помогна да не се прошири болеста и во Македонија. Низ Србија се прошири и надвор од Косово и тогаш српските власти, поддржани од СИС, воспоставија изолација на сите подрачја, вклучувајќи и на Косово, каде што се појави болеста.
Во 1978 година, во подготовките на 11. конгрес на СКЈ, косовското раководство одново дошло на Бриони до претседателот Јосип Броз Тито со барање Косово да добие статус на република во Југославија. Тито тоа барање го одбил, укажувајќи им дека албанска република веќе постои како држава и нема основа за уште една албанска држава, иако таа би била само федерална единица во Југославија.
Како што е познато, Тито падна болен во почетокот на 1980 година и во сите тие настани што следуваа по неговата смрт некако се заборави за извесно време на косовското прашање. И во 1981 година, во март, на Косово избија застрашувачки големи демонстрации.
Со тоа се заостри косовската криза. Во тие состојби Социјалистичка Република Македонија, сакала или нејќела, се определувала според дилемите кои тогаш доминирале во секоја од фазите на заострувањето на кризата.
Во март 1981 година, неполна година по смртта на Јосип Броз Тито, на Косово избија тие големи демонстрации.

(Утре: Посебниот разговор со Ѓурановиќ)